Ноќ на магија и сеќавање – Трибјут концерт на Влатко Стефановски во Битола за Горан

Во елегантното здание на Офицерски дом, атмосферата беше тивка и свечена, со ветување за незаборавна ноќ.

27 април е датата на раѓањето на легендарниот Горан Стефановски во Битола, а најавениот концерт на виртуозот на гитарата Влатко Стефановски беше посветен на неговиот покоен брат. И тоа не беше обичен концерт, туку емотивна почит која никој од присутните не го остави со недопрено срце.

Пред да започне настапот на Влатко Стефановски, гостите беа дочекани во долната кристална сала со богатите и смели вкусови на вината Камник. А битолскиот актер Борис Чоревски со својот моќен глас и драматичен талент ги оживеа сеќавањата за Горан и нивното детство, додека го делеа покривот на улицата “Београдска” бр.5 во Битола, а ги оживеа и зборовите од “Лет во место” во која самиот имаше ролја, пренесувајќи ја публиката во друго време и место. Тоа беше соодветна почит кон наследството на драматургот и потсетување на длабокото влијание што го имаше врз светот на театарот.


По моќните зборови и доброто вино испиено во сеќавање на Горан, гостите се упатија кон концертната сала која за овој настан имаше поинакво осветлување од вообичаеното, а сцената беше минималистички поставена за соло настапот на Влатко Стефановски што беше само мало ветување за незаборавна вечер. А Влатко, не разочара.
Тој направи концерт, со силна емотивна почит после скоро 5 години молк на тема загубата на својот брат и не остави недопрено срце. Страсната изведба на познатите негови нумери, со кратки посвети на Горан кои зборуваат директно од душата, го предизвикаа тој редок спој и на радост и на тага, така што на многумина им донесе солзи.


Влатко и неговите прсти без проблем танцуваа низ жиците на неговата гитара, дури на мигови се имаше впечаток дека има повеќе инструменти од само една гитара. Таа негова препознатливост на сложени мелодии, кои на Теохаров аудио системот, наменски донесен за овој настан во Офицерски дом, делуваа хипнотизирачки. Неговото свирење беше како разговор меѓу него и публиката, секоја нота беше како интимен израз на неговите најдлабоки емоции.
Трибјут концертот на Влатко Стефановски за Горан, ја однесе публиката на патување низ времето и просторот, будејќи интимна исповед од музичарот кој призна дека за прв пат ќе отсвири нешто што никогаш не го свирел, но таа вечер треба. За Горан Стефановски, како еден од големите фанови на The Beatles кој пасионирано ја следел нивната кариера и знаел секакви детали поврзани со нив, отсвирувајќи ја “Blackbird”.

По што следуваше и Bob Dylan и неговата “Knockin’ on Heaven’s door”, за самиот крај.
Влатко Стефановски неколку пати ја подигна публиката на нозе, која му ги даде заслужените овации.
За крај тој ја искажа својата благодарност кон Божиновски часовници и накит кои застанаа како организатори на овој концерт и на Општина Битола која ја даде својата поддршка.
Настапот на Влатко Стефановски беше моќно средство за поврзување и доказ за моќта на музиката да нè движи, да нè инспирира и да ни помогне да ја лекуваме загубата.
Неговата изведба во Офицерскиот дом во Битола ги допре срцата на публиката и оваа магична ноќ ќе се памети засекогаш.

Фотограф | Александар Котевски