„Live at Audiokultura“ со Оливие Самуилан (Olivier Samouillan) од Франција

Петокот кој измина во Аудиокултура се одржа уште еден извонреден настан од концептот „Live at Audiokultura“ кој веќе долго наназад се одржува два пати месечно.

Нова доза од авторска музика во стандардно перфектната атмосфера и организација на Аудиокултура беше културно напојување за 50 посетители кои непрестајно трагаат по совршен звук.

Оливиер од Франција, во придружба на Сашо Поповски, Иван Бејков и Ратко Даутовски, приреди извонредна музичка вечер преку импресивна изведба во живо на избрани џез композиции. Оливиер не удостои и со прикладен воведен говор пред секоја следна композиција на симпатичен македонски јазик. Да, тоа беше дополнителна доза од внимание кој јасно го потенцира фактот дека љубовта кон музиката ги брише сите граници.

Совршената меѓусебна синхронизираност на овој добро познат состав лесно се слеа со познатиот стил и концепт на Аудиокултура, како и со атмосферата креирана од публиката. Оливиер и триото на Сашо Поповски како да ја донесоа со себе фестивалската магија својствена за „Џез Фабрика Фестивал“.

Ненаметливо и спонтано, кон таквата атмосфера не повлече поставката на дел од уметничката изложба „5 години Џез Фабрика Фестивал“ со која се отвори годинешното 6-то издание на фестивалот во Битола. Исклучителна е можноста преку фотографија да се прошетаат пет изданија на фестивал кој собрал извонредни музичари.

Искуството, музиката, емоциите и страста кои ги носат овие музичари се бесценети. Вечерва уживавме во сето ова. Презентирајќи музика, Оливиер, Сашо, Иван и Ратко лежерно ја допреа линијата на очекувања која неуморните трагачи по музички и звучни совршенства во континуитет ја држат високо горе.

Мозаикот од спонтаност, посветеност, музика и изненадувања, го надополнија системите од teoharov audio, преку кои се реализираше звучната репродукција на овој уникатен настан. Доловувајќи ја сета совршеност која ја нуди музиката, звукот од овие системи е финален допир кој прави разлика за почит, доминирајќи како префинетост којa облагородува.