ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ НА МОНОДРАМАТА- ДА СЕ БИДЕ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА
Од 12 до 20 мај време е да се биде во Центарот за култура во Битола.
По терк на светските фестивали, Интернационалниот фестивал на монодрамата и годинава, 24-то издание, ветува дека ќе донесе бројни новитети, свежина и современост, како и многу квалитетни поставки што допрва ќе бидат одиграни на сцената на Центарот за култура во Битола.
Под слоганот “Да се биде” епохалната фраза од драмата Хамлет на Шекспир, организаторите сакаат да ја потенцираат разноличноста затоа што на оваа сцена може ДА СЕ БИДЕ секој, од негативец до херој, од обесправена домаќинка до заколнат југоносталгичар. Одржувајќи ја со години традицијата да го негува културното во конзулскиот град, Фестивалот на монодрама катапултира млади имиња но им оддава посебна чест и на доајените во полето на глумата.
Се чини дека монодрамата е клетката од која актерите излегуваат посилни, победнички, затоа што да се биде сам на сцената, а да се постигне сѐ што инаку би го постигнала цела актерка екипа е триумф сам по себе. Актерот во монодрамата врне со емоции, ги истура своите скриени потенцијали, како искусен терапевт и психолог мора да го распознае сензибилитетот на толкуваното и очекуваното, танцува со телото и душата за да го задоволи апетитот на публиката, а тоа се мери секако според овациите и дискусиите што ќе останат по завршувањето. Интернационалниот фестивал на монодрамата започна на 12 мај со претставата “Жени во Собрание”, а свеченото затворање како и доделување на наградите ќе биде на 20 мај, кога премиерно за публиката ќе се одигра ” Нема струја за електричниот стол“.
Во меѓувреме публиката очекува 12 изведби на актери од Црна Гора, Шпанија, Израел, Србија, Естонија, Косово, Монголија, Италија, Литванија и секако, неколку изведби на актери од Македонија.
Во фоајето на Центарот за култура беше организирана и коктел забава, на која присутните ги забавуваше Вера Јанковиќ.
Пишува: Јована Матевска Атанасова