„Торонто експрес“-Смеа на километар квадратен

*Автор: Зоран Спасов; Режија: Јордан Симонов; Актер: Александар Микиќ

МНТ Скопје

Монодрамата „Торонто ескпрес“ е излезена од експресниот книжевен лонец на Зоран Спасов-Ѕоф, работена според мотивите на истоимениот роман. На еден саркастичен начин поврзувајќи ги митовите и преданијата за гастербајтерите, за печалбарите- патриоти со носталгијата за родната грутка, Александар Микиќ изведе комичен настап за паметење. Публиката присутна во огромен број ракоплескаше и гласно се смееше на речиси секој скеч, впрочем приказна што произлегуваше од потточките на Powerpoint презентација. Кој би помислил дека оваа Microsoft алатка може да предизвика акутно воспалување на стомачните мускули и тоа колективно?

Печалбарски мотиви кои се претставени во една хумористична презентација, ама не научени на памет, механички, туку од искуство, и немаат за цел да ги исмеваат битовите драми, напротив, ја отсликуваат и модерната бруталната реалност на Македонците да се дограбат до пасош во кој нема да постои ниту СР, ниту ФИРОМ, па ниту оваа новава придавка, но ќе успее да ги изнесе надвор од границите во некоја ветена земја со чартер лет во која сѐ е како подмачкано, како Канада на пример.

„Орелски крилја как да си метнам и в Канада да си летнам…”

 Но дали еден Македонец со сета своја „велеградска“ појава може да се адаптира на земја во која важат строги закони и тоа за СИТЕ подеднакво? Или потребна е адекватна културолошка еволуција, па и некој нов Дарвин, во случајов тоа би бил Вампир, за да се промени филогенетскиот код? И како се воспитува еден Македонец ако не со казна? Казна што не може да се скине бидејќи „повикај пријател“ во туѓина не е специјалитет на секојдневното мени на преживување. Освен можеби зад затворските решетки.

За глумата на Микиќ не треба да се каже многу, овој актер е легенда, исклучително добро поентира независно во каква “драма” ќе се најде, дали помеѓу охридскиот дијалект на бескомпромисната Вале или пред багажот преполн риба во автомобилот на баџото. Глумата беше искрена, непосредна, во lumberjack модната комбинација со која наликуваше како штотуку да се вратил од цепење на дрва од неговата „ред шума, ред населба, ред рекреативен центар“. Публиката навистина го доживеа Вампир како повратник од КајНада, или по нашки, КајШтоИмаНадеж, па малку недостигаше да слета авионот на пистата во Логоварди и сите така, сложно, без размислување да се иселат во Торонто, градот со континентална клима во EST временска зона.

Но секако, брзото темпо и хистеријата, Миќик во персонализација на Вампир, мораше да ја успори со трагичната вистина, врелата шлаканица на иселувањето, носталгијата. За пријателствата кои бледнеат со далечината и градовите што без пардон се менуваат, како тоа што во Скопје се гради, а во Битола се… Нејсе, солзите што се забришуваа со ракав од експлозивните удари врз центрите одговорни да го допаминираат човек, станаа солзи за птиците-преселици. Па колку и да беше публиката убедена да мигрира заедно со големите железни ластовички ака Боинзи, на крај можеби ѝ стана драго што сѐ уште дотрајува во оваа државна бурлеска со античките Југо автомобили кои доколку добро се одржувале половина век можат да развијат и 120 километри на час, и кога така среќно и весело се фрла ѓубре од балконот или се пали цигарче во болнички ходник, па зошто да не и во операциона сала? Триото што ја спакува претставата со најнеопходното како иселенички куфер успеа да ја насмее публиката со истиот интензитет како и тринаесетта плата. Без враќање на рака.

За збогум секој на средбата доби и сертификат за емиграција „Дали и како да се фати штикла или потпетица од Македонија“. Но дали овој сертификат ќе биде искористен, се надеваме дека ќе дознаеме од Вампир со некое следно технолошко-техничко јавување преку новиот којзнаеколкуинчен LCD (за кој нема да биде принуден да избира помеѓу Вале и него) што кај нас се надеваме ќе пристигне на пазарот во следните дваесет години.

Пишува: Јована Матевска Атанасова