Драмски театар гостува во Сараево со претставата „Чудесна терапија“

Драмски театар Скопје со претставата „Чудесна терапија“ гостува в сабота на 20 мај во Сараево. Од 19 до 25 мај во организација на „Камерни театар 55“ – Сараево, се одржува  најновото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Претставата „Чудесна терапија“, во режија на Димче Николовски е направена на текст на авторот Даниел Глатауер. Улогите во претставата ги играат: Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска и Предраг Павловски.

Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. Димче Николовски во режисерската белешка за претставата истакнува дека големината на една интимна врска меѓу двајца, се мери преку одговорот на прашањето: Дали врската успева да постои и надвор од љубовта? Комуникацијата е универзална способност на секој човек.  Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, се’ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, умее да создаде  нов, поголем проблем. Прашањата што ги отвора претставата се: Зошто е важно да разговараме? Како да разговараме за вистински разговорот да ни помогне?

Во пресрет на ова гостување потсетуваме дека со изведбата на „Чудесна терапија“ театарот гостуваше на Охридско лето во 2020 година, а  во рамките на фестивалот РУТА, гостуваше на Бриони во Хрватска во август 2021 година каде имаше извонреден прием кај публика.

Премиерата на „Чудесна терапија“ беше во септември 2019 година, и досега има 28 изведби.