26 мај – ден кој ќе ја најави културната фузија во Крушево

Во понеделник Крушево официјално ќе биде инаугурирано во ГРАД НА КУЛТУРАТА за 2023.

А на 26 мај со голем настан ќе започне културната фузија која ќе докаже дека Крушево е жив тестамент на културата.

Позади дизајнот на логото со кое е брендиран овој настан, главниот постер и најавата на првиот од серијата настани, стои македонската дизајнерка со крушевско потекло Теано Кардула.

Еве ја нејзината приказна, како се роди целиот дизајн…

•••

При креирање на логото, прва мисла ми беше дека најпознатите елементи за Крушево треба да ги избегнеме и време е да дадеме друга визуелна перспектива за градот. Крушевската стара архитектура изобилува со многу интересни мали детали и токму еден таков детал беше инспирација за ова лого.

Тропалка за врата од старата куќа на фамилијата на мајка ми во форма на сонце. Уште веднаш знаев дека тоа е тоа. Симболично, стилизираните краци на сонцето го симболизираат и ова културно отворање на вратите кон градот. 

Сонцето е и заеднички симбол на двете етнички групи кои живеат во самиот град  – Власите и Македонците, но и нели македонското државното знаме кое нè обединува сите. А шареноликоста на логото, е токму тоа – обединети во различностите, таков е нашиот град.

Конкретно за постерот, испирирана од слоганот – Жив тестамент на културата, ги искористив локациите во црно бела варијанта – како симбол за историјата, а шарените геометриски визуелни елементи (инспирирани од шарениот релјефен ѕид на Петар Мазев во комплексот Македониум) го симболизираат модерното време. Се надевам дека можеби со ова ќе има мала инспирација, да се размисли и да се работи на тоа Крушево да добие модерен визуелен идентитет, нешто што на градот како претендент да биде туристички центар 365 дена во годината премногу му е потребно.

Теано Кардула – дизајнерка