„Крвава венчавка“- Наточените ножеви на гордоста

Театар Абрего Кантабрија, Шпанија; Адаптација: Пати Доменек; Режија: Пати Доменек и Хорхе Лопез; Aктер: Мариа Видал

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

За да се долови оноземскиот интензитет со кој Лорка ги браздел аналите на шпанската драматургија потребен е натпросечен талент да се излезе од зоната на комфорот, да се облечат крвавите кошули на жени осакатени од традицијата и на осквернавено его, да се разбере очекувањето на публиката.

Крвава свадба ја следи свадбената трагедија што завршува со крв, но не од невестинската невиност, напротив, затоа што невестата е во недоумица што/кој да избере, дали да се врати назад кај човекот во кого е вљубена или да продолжи напред надевајќи се дека договорениот брак ќе ги воскресне нејзините чувства. На крај, таа, безимената, омразената, што со својот суд, со најнепослушниот човечки орган што и кога работи е расипан, вљубеното срце, одлучува да се наврати на „нешто старо”.

Мариа Видал со брзите транзиции на старица, на огорчена свекрва која ја мрази несудената снаа што била погубна за нејзиниот син, но повеќе како да ја проектира омразата кон безумните традиции на крвопролевање, на таа чест и гордост, што не е повеќе од сензација која минува, искусно и без ограничување се предаде на телото, на гримасите кои трагаа по староста, по говорот на опуштена вилица. Очајот и болката, копнежот по детето, беше крик што како бескрајно ехо се удираше наоколу и сеприсутно демнеше за време на нејзиниот перформанс.

 Потоа следуваше ангелскиот глас на „грешницата”, жената што сака да љуби без да го помине животот во залудно трагање по значењето на брак единствено како благословена институција на репродукција. Таа оживува толку гласови на сцената со морбидност и свежина, тотална спротивност, акустичен оксиморон, што претставата ја прави привлечна за сечие сетило, загревајќи ја до интимна атмосфера во која како да постои само Видал и гледачот.

Со глумечки занес, но и електрична вибрација внесена во кореографијата, во секое тактичко и тантрично движење раскажа приказна во која не беа потребни зборови, само отворени чакри за да се впие виденото и доживеаното. И музички делото беше поткрепено со препознатливото шпанско фламенко, но и културниот диверзитет во Шпанија преку акустичната миграција на „Ne me quite pas“ и арапски мелос што дополнително ги акцентираше целостите онаму каде треба публиката да го почувствува срцебиењето и напнатоста на глумицата. Исто така, видеографските елементи се припојуваа со митолошките-фурија, brujas, тантруми ,комплетна налудничавост што без пардон ја извикува крвната слика на полудена жена , можеби, но само можеби, предизвикана од полната месечина во позадина како симбол на крвопролевањето.

Пати Доменек од столчето на режисер и сценарист воведува авангардни идеи наместо да се прилагодува на постоечкото и конвенционално, стерилно видување. Сцената беше универзумот на Лорка, точно, бидејќи Видал одмерено yправуваше со марионетата во себе, со кататони движења, со сценски осветлено лице кое ги потенцираше темните контури на очите, оставаше сенка и си поигруваше со инаку пријатниот лик на актерката, деформирајќи го по потреба во улогата на жената во чија кожа и расположение навлегла. Видал од својата утроба фиктивно ги изроди сите апсурди како дополнување на бината, дијалогот со смртта и бесрамното раѓање во црвено. Навидум таа не беше сама на сцената, со неа играа и платната и песните, со неа играше и здивот на публиката, и мувите што прелетуваа во моментите на тишина. Со нагли премини од еден во друг лик, кој публиката го распознаваше според костимографијата на Паула Роча, според тоналитетот и различниот став, тимот зад монодрамата „Крвава свадба” ја отвори херметиката на диверзитетот.

Сценографската тријада помеѓу бело, црвено и црно беше симболика на невиноста и темнината, на јунговата сенка и личност, но и црвените платна земени не како универзалното значење за бојата- бојата на страста и љубовта, туку на љубомората и одмаздата.

И кога Видал би ја искористила дарбата да ги имитира звуците и менува согласно со потребата, и истите ги зголеми за некоја октава, оваа монодрама може слободно да премине во оперета, затоа што се наоѓа на ивицата помеѓу драмско и оперско дело, со вклученост на сите елементи на сценска фантазија.

 Сѐ на сѐ краен заклучок би бил дека „Крвава свадба“ е плод на сценско чудо и фарса, глумата на Мариа Видал е превалентна, додека брилијантниот Пати Доменек притиска во слабините на творештвото на Лорка точно знаејќи какво празнење или драмска есктаза ќе истисне. 

Пишува : Јована Матевска Атанасова