Моќта на еден-прогласени победниците на 24. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама

Од 12 мај до 20 мај, Битола беше град на театарски блесок, пречекувајќи талентирани актери од 11 земји кои на три различни фестивалски сцени прикажаа 13 извонредни монодрами, оставајќи ги гледачите маѓепсани од моќта на еден изведувач на сцената.

Под слоганот „Да се биде“, директорката на Центарот за култура кој е организатор на овој фестивал, Маја Андоновска Илијевски го изрази своето задоволство од успехот на овогодишното издание.

„Ова беа денови на прослава на уметничкото изразување, покажувајќи ја уникатната способност на актерите да ја воодушеват публиката со своите соло изведби. Ние сме неизмерно горди што собравме таков спектар на таленти од целиот свет, а публиката не награди со полни гледалишта за сите претстави“, изјави таа синоќа на церемонијата на затворање и доделување на награди.

Фестивалот не само што собра актери и театарски ентузијасти, туку доби и значајна поддршка од градот кој во деновите на фестивалот беше трансформиран и во отворена сцена на пантомимичари гости во офф програмата кои беа атракција низ битолскиот Широк Сокак и Старата битолска чаршија. Градоначалникот на Битола Тони Коњановски го пофали фестивалот за неговиот придонес во културниот пејзаж на градот. Тој во своето обраќање во салата на свеченото затворање изјави: „Меѓународниот фестивал на монодрама стана симбол на посветеноста на Битола кон магијата на моноспектаклот“. И ја додели наградата на градот Битола која ја избира публиката според гласовите по изгледаните претстави на претставата „КАКО МАЛО ЗРНО ПЕСОК“ – Мана Чума Театар, Калабрија Регион, Италија

Автор: Салваторе Арена и Масимо Барила

Режија: Салваторе Арена Актер: Салваторе Арена.

Стручното жири составено од театарската критичарка и драматург Нина Мазур која е Потпретседател на Интернационалниот Форум за Монодрама на UNESCO и актерите Николај Урумов и Сашко Коцев, на овогодишниот фестивал ги додели официјалните награди на Хорхе Лопез и Пати Доминик за претставата „Крвава свадба“ од Шпанија за најдобра режија заради богатиот режисерски израз со многу симболи кои ја збогатија актерската игра на Марија Видал која со своите актерски вештини ги оживеа зборовите на Лорка.

Наградата за најдобро актерско остварување ја доби

Салваторе Арена,за улогата во претставата „Како мало зрно песок“ од Италија, заради својот широк спектар на емоции на сцена кои ја освоиа едногласно и публиката и членовите на жири комисијата.

За најдобро остварување во целост, Гран При наградата на ова издание на фестивалот ја доби претставата „Кој сум јас“ од Монголија на авторот и режисер Б. Батделгер и на актерката Јанјиндулам Рагкасурен. Претстава која жирито ја доживеа буквално како нотите отсвирени на една харфа, нежна,емотивна, тивка и кревка. Актерскиот израз беше универзален и разбирлив и немаше никаква јазична бариера. Секој збор беше симфонија од чувства ставен во режисерскиот концепт кој беше суптилен и ненаметлив, кој беспрекорно оркестрираше опседнат перформанс истражувајќи ги длабочините на човечките емоции.

Публиката синоќа во салата на Народниот театар во Битола ја покажа својата благодарност кон актерите со громогласен аплауз и овации додека се прогласуваа победниците.

24. Интернационален фестивал на монодрама не беше ограничен само на трите фестивалски сцени, туку се прелеа и по битолските улици, креирајќи пантомима претстави кои внесоа смеа и радост во секој агол од градот. Во меѓувреме, офф програмата на фестивалот понуди две работилници кои ги водеа Дарко Вељиќ и Мето Јанакиевски, а Кафе Јагода понуди прекрасен спој на музика и уметнички дискусии, поттикнувајќи инклузивна атмосфера и за уметниците и за присутните.

Во чест на победниците, по официјалната церемонија на доделување на награди настапи велешкиот театар Јордан Х. К. Џинот со претставата „Нема струја за електричниот стол“

Текст: Александар Секулов

Драматург: Сашо Димовски

Музика: Сашко Костов

Режија: Дејан Пројковски