“Мистеро Буфо” – Сатира и чинели

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

Театар Група, Загреб, Хрватска и Трико Циркус Театар; Автор: Дарио Фо; Режија : Ли Делонг; Актер: Дражен Шивак 

Пред да започне монодрамата претпоставките беа, земајќи го во предвид насловот , дека ” Мистеро Буфо” е некоја средновековна драма, па можеби проширен шекспиров солилоквиј. Иако едно нешто публиката претпостави точно, а тоа е временската одредница, никој не очекуваше дека освен можеби “Blackadder (“Црна Гуја”) или бурлескната дружина на Монти Пајтон со оглед на историскиот, црновековен сензибилитет, па и културен мрак од таа доба може да се произнесе толку комично и елоквентно истовремено. Оваа изведба не беше некоја површно скроена комедија, по принципите на стенд-ап настап, напротив со доза на елеганција и уверување Дражен Шивак ја освои публиката.

Шивак се претстави со мускулна згрченост што прикажува сатира во време кога главите се губеле по двосложно “хаха”. Неговото држење и режирано движење беше налик на лицето на светската комедија ,Џим Кери, нагласено круто за да имитира параноја, но и да потсетува на дворските забавувачи. Актерот не се дистанцираше од дразбите и пречките што доаѓаа од публиката, притоа паметно и пресметано вклучувајќи ја и неа во безобразно цензурираниот циркус на префинета и строго контролирана вулгарност. Со симпатија и ведрина Шивак извлекуваше наравоученија без фанфари, без скриени карти, искрено и великодушно, особено кога ќе ги искористеше своите музички способности да привлече внимание. За публика мислам дека и не стануваше збор, ја имаше во преголем број.

“Мистеро Буфо” е претстава со правилен сооднос на сатира и драма. Скроена за да забавува и замислува, со директно обраќање кон публиката (aside), не изненадува фактот што оригиналното шоу на Дарио Фо Ватикан го анатемоса како најбогохулно шоу во историјата на телевизијата. Па и покрај анатемата тоа станува едно парче историја што дури и на изумителот му ја носи Нобеловата награда за литература. Ова не ја спречи одличната ко-продукција помеѓу Театар Група и Трико Циркус Театар низ призмата на своите видувања да ре-создадат монодрама без влакна на јазикот, а кој тоа би го направил подобро од Дражен Шивак?

Со видливото присуство на музичарот ја преиспита дефиницијата на монодрама, туркајќи ги ластиците на затегнатата драматургија и навлегувајќи во ситните процепи на бескрајните можности.

Вечерта ја обележа громогласна смеа, под мустак, што повикува на грев, бидејќи нели, сепак се тоа некои библиски мотиви, на кои ете, не може да се остане рамнодушен кога со таков двосмислен речник и експресија се изведени. “Мистеро Буфо” ги заскокотка контроверзните и конзервативните со вештина барем малку да се охрабрат да подизлезат од нормите како што тоа го правеле храбрите и повикани џулари.

Пишува: Јована Матевска Атанасова