Во Србија објавена книга со три драми на Томислав Османли

овосадски „Прометеј“, едно од најугледните српски книгоиздателства, деновиве ја објави книгата со три драми на македонскиот писател и драмски автор Томислав Османли.  Книгата го носи насловот „Пат за рајот“ и ги вклучува драмите „Пат за Парамарибо“, „Двајца во Еден“ и „Апокалиптична комедија“. Преводот од македонски го направи српскиот писател и преведувач Александар Турунџиќ.

Текстовите претходно беа објавени во нашава земја, во три различни, двојазични изданија, на македонски и на англиски јазик. Додека првите два текста беа поставени во земјава, вториот и во странство, во Соединетите држави, завршниот драмски текст „Апокалиптична комедија“ беше објавен во Хрватска како и, во посебна книга, во Грција. Станува збор за текстови кои ја третираат положбата на поединецот во турбулентни времиња и сите носат ангажиран пристап по кој Османли е познат и во неговото прозно творештво. Трите драми од нивата објава „Пат во рајот“  добиваа највисоки оцени од критиката и дома како и во странство, а сега им се претставуваат на љубителите на драмскиот збор во Србија.

 „Определувајќи се за оваа книга на познатиот современ македонски писател Томислав Османли, автор на драми и сценарија, уредникот на ‘Прометеј’ Зоран Колунџија сака македонската култура и литература да ја направ попристапна и повидлива за пошироката публика во Србија“ – се вели во изјавата на новосадското книгоиздателство – „Со оглед дека ‘Прометеј’ веќе има потврдена издавачка репутација со освоена доверба на читателите, секој нов наслов го добива вниманието, како на критиката, така  и на читателството“.

Ова е, инаку, шеста објава на македонскиот автор во Србија каде до сега се објавени неговите романи „Дваесет и првиот“ во издание на „Дерета“, „Зад аголот“ публикуван од издавачката куќа „Албатрос плус“, двете од Белград, додека новосадска „Агора“ минатата година го објави дистопискиот роман „Бродот. Конзархија“. Новосадското книгоиздателство „Прометеј“ пред најновава, претходно публикуваше уште две книги на македонскиот писател, прозните збирки  „Каприча“ во 2019 и „Светилка за Ханука“ во 2021 година.

Книгата „Пат за рајот“ читателите во Србија ќе имаат можност да ја најдат во најголемите книжарски системи на Србија, како во дистрибутивните компании „Макарт“, „Круг комерц“, , како и во книжарниците синџири „Делфи“ и „Вулкан“ со над триесет книжарници ширум соседната земја, но и во помалите книжарници со кои соработува одделот за дистрибуција и продажба на книгоиздателството „Прометеј“. Книгата драмски текстови „Пат во рајот“ е помогната од фондот за поддршка на македонски објави во странство на нашето Министерство за култура.