Промоција на трилерот „Тајни“ од писателот Јордан Коцевски
Промоцијата на книгата „Тајни“ од Јордан Коцевски ќе се случи на 11 септември со почеток во 19 часот и 19 минути во салонот Империјал 2 во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Промотор на книгата ќе биде Душко Крстевски, а изданието е на издавачката куќа „Антолог“.
„Со натегнатата атмосфера, динамичните дијалози и неочекуваните пресврти, ‘Тајни’ е трилер што ќе ви ги скине нервите и ќе ве заведе во светот полн со скриени опасности и интригантни мистерии. Приказна за вистинското, несебично пријателство, за корумпираноста на системот, за моќта на богатите наспроти останатите членови на општеството, за луксузот кој неморалните личности си го дозволуваат и за тоа дали една личност може да остане етички доследна под притисок на средината. Лесниот стил на Коцевски во комбинација со хуморот го прават ова дело вистинско задоволство за читателите“, велат организаторите за делото.
Инаку, Коцевски има напишано повеќе од 30 научни и стручни трудови пред да му здосади и да одлучи да ја следи својата страст да стане писател. Првата збирка стрипови во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“, ја објави 2014, додека со истиот илустратор во 2016 ја издадоа нивната прва графичка новела „Витези од соседството“. Збирката раскази „Време за живеење“, за која се преправа дека не постои, е неговото прво дело, објавено во 2001.
„Реакцијата на читателите за неговиот прв роман ‘Тегли’, објавен 2021, му докажа дека знае кај тера, и многу повеќе се посветува на пишувањето. Така, наредната година следуваа романите ‘Заследи ме’ и ‘Наследство: Прозорецот’, а последниот роман ‘Зборови’ излезе од печат во 2023 година“, посочуваат од КИЦ.
Има добиено две награди за краткиот стрип „Our Eden“ (илустриран од Дарко Богданов), победено на натпревар за краток стрип на тема четка за заби и змеј со „Dragon Slayer Wanted“ (илустратор Андреј Манев) и има освоено награда за најдобар млад автор за книгата „Прозорецот“.
„Живее во Охрид, каде што ја храни душата со неговите мистерии и убавини, додека работи како туристички водич и уредник на електронското списание за литература и друга уметност ‘(е)Лит’“, додаваат тие за авторот.