Битолскиот театар започна со пробите за одбележување на јубилејот

Ансамблот на НУ Народен театар – Битола, започна со пробите за претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, која на 14.ноември ќе биде изведена по повод 80 години постоење на оваа институција.

Јубилејот ќе го одбележат токму со првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година, кога беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски,  Георги Карев, Јован Бејко.

„Целата екипа е веќе на сцена, подготвена да ви го донесе ова ремек-дело кое ја доловува душата на македонската култура и историја. Не пропуштајте ја шансата да бидете дел од овој незаборавен театарски момент“, истакнуваат од Битолскиот театар.

 На сцената ќе настапат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. 

„Сметам дека овој театар има потенцијал да се врати таму каде што беше, имаме потенцијал да бидеме повторно најобриот театар во Македонија, да го оправдаме приматот дека сме најстариот театар во државата каде за прв пат се проговорило на македонски јазик. Овој театар е идентитетски столб на Битола, културен храм каде се создава уметноста“, истакна на последната прес конференција директорот Васко Мавровски.

Со основањето на НУ Народен театар – Битола во 1944 година, почна процесот на основање на другите театри во земјава – во Скопје, Прилеп, Велес и во други македонски градови. Низ годините Битолскиот театар стана бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, претставувајќи ги насекаде во светот.