„Effortless“(Природно) – Изложба на дигитални слики од Јана Луловска
На 03 октомври, во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 1, со почеток во 20.00 часот, ќе се отвори самостојната изложба Effortless (Природно) од Јана Луловска.
Самостојната изложба Effortless (Природно) на Јана Луловска содржи дигитални слики кои постојат во еден простор во којшто флуидноста и течението не се само естетски квалитети, туку се најважни за самата природа на уметничкото дело. Во Effortless Луловска употребува дигитални алатки за да ги надмине традиционалните ограничувања, создавајќи при тоа еден флуиден, неограничен визуелен простор каде уметноста не е прицврстена во рамките на својот медиум.
Во светот со брзо темпо, нејзините дела го повикуваат гледачот да ја доживее флуидноста на самиот дигитален медиум, нудејќи еден миг на спокојство, рефлексија и размислување. Изложбата Effortless е инспирирана од движењето Флуксус, и со една убавина и грациозност го втемелува природниот тек на настаните и нашите одлуки и избори, трансформирајќи ги секојдневните предизвици во спокојни и трансцедентни мигови на едноставност.
Effortless на Луловска преоѓа во многу повеќе од една збирка на дигитални слики; тоа е манифест за нов начин на согледување и создавање. Со прифаќање на флуидноста и во концептот и во медиумот, нејзините дела нудат визија за уметност која е неограничена, постојано менлива и која длабоко резонира со комплексноста на современиот живот. Делата служат за потсетник дека и покрај предизвиците во секојдневниот живот, постои убавина која може да се најде во течението, во флуидноста, во природните транзиции кои го дефинираат нашето постоење. – Лазе Трипков, куратор
Јана Луловска е интердисциплинарен уметник од “средната” генерација, чијашто работа опфаќа фотографија, сликарство, графика и инсталација, а навлегува и во експериментален филм, видео уметност, анимација и дизајн. Дипломирала на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крастио Сарафов“, Софија, Бугарија. Луловска е член на Друштво на ликовни уметници на Северна Македонија. Таа бележи исклучително обемно и богато искуство на изложби, како во Северна Македонија, така и во САД и Европа, а нејзините дела се дел од бројни колекции и меѓународни публикации.
Изложбата ќе биде отворена до 15.10.2024 година.