Промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски: Каледиоскоп од луѓе чии дела оставиле трага во нашата и светската музичка историја

Во просториите на Аудиокултура, на 2 декември (понеделник) во 19.30 часот ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ (Press & Play) на Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години, за странски публикации, како All About Jazz и Vintage Cafe. Таа е збирка од авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.

Самата книга е калеидоскоп од луѓе чии таленти, идеи и дела оставиле свој белег во Македонија и надвор од неа. Овие содржини ги испитуваат нивните амбиции и достигнувања, почнувајќи од инспирацијата со која создавале, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до избраните решенија како илустрации, дизајн, визуализации.

Публикацијата се состои од рецензии на албуми, на концерти и на фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин,  Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и Стринг Форсис, Љубојна и многу други,  потоа на фестивали како Скопскиот џез-фестивал, „Офф-фест“ или на концерти на македонски изведувачи во држави како Србија, Хрватска, Грција, САД. Потоа, тука се критички осврти за видеоизданија, како и за книги од визуелните уметности, како „Џезтетика“ на Татјана Ранташа или „Cloud Arrangers“ на Жига Коритник.

 „Press and Play“ ја прикажува македонската музичка сцена како уникатен спој од традиционални и современи елементи, културни влијанија и иновации. Преку рецензиите и текстовите, читателот добива увид во богатството и шаренилото на музичката култура во Македонија, како и во специфичните стилови и звуци кои ги прават македонските музичари препознатливи на глобално ниво.  Со своите содржини, книгата претставува единствен извор на информации за македонската музичка култура, напишани на англиски јазик и платформа достапна за милиони читатели.

Книгата е дело на новинарот Ненад Георгиевски, кој е добитник на наградата за публицистика за 2023 г. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и е автор на уште 4 книги од областа на публицистиката („Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“, и „Ретки птици“). Издавач на книгата е Номад-Арт Скопје, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.