Man on the Hill.

Снимка на преубавиот Корабски предел и на Врвот Шупља Стена.
Снимка-Сајковски М. Дејан
Се наоѓа во средишниот дел на планината Кораб на главниот срт, во непосредна близина односно на самата гранична линија меѓу Македонија и Албанија. Според местоположбата на врвот Шупла Стена се наоѓа на координатите 41°43’29” северна географска широчина и 20°31’06” источна географска должина.
Шупла Стена се одликува со многу величествена глетка, каде источната падина е многу грамадна и огромна, прошарана со бујна трева и сипар од ситни раздробени камења, додека западната е стрмна пресечена карпа при што сртот на самиот врв е многу тесен, карпест и раздробен односно испресечен сo провалии од двете страни.
Дел од овој прекрасен Корабски врв може да се види од следните слики
фото Сајковски М.Дејан
Како што вели еден голем канадски теоретичар на културата и медиумската сфера, како и во реалноста, така и метафорично, погледот во ретровизор никогаш не е едноставно ретроспективен поглед, туку на еден чуден начин, е поглед наназад за да се види што доаѓа, или можеби нешто што забрзано ни се приближува за да не престигне.
Во услови на развиен страв од новиот бран на епидемијата, блокирана имагинација и очекувани економски, социјални последици, изолацијата не исправа пред предизвици за начините кои ќе се гради иднината.
Преку сликите мислиме, на поинаков начин.
„Сликата е феномен кој на различни начини ја разрешува и/или комплицира нашата релација со стварноста, како некаква мапа за ориентација или како параван зад кој се скрива нешто.“ – вели Владимир Јанчевски
Од ателје, кон каталогот, во галерија и назад.
До следниот пат.
Но, никогаш не е исто.
Во фрагменти, на површината, на маргините.
Позадината е цврста, просторот стабилен.
Фигурите се флуидни, се разлеваат како флеки.
Кратки наслови, јазичен јаз.
„Изложбата насловена „Релапс“, е сложена целина од составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот. Иван Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите“ – Владимир Јанчевски, Фрагмент
Без поздравна реч, без церемонии. Со почитување на протоколите, со физичка дистанца и маски, да се обидеме да ја надминеме менталната дистанца и маската на дезориентираност.
По разгледувањето на изложбата ќе можеме да се запрашаме, да прашаме, да поразговараме за делата, да размислиме што сме виделе, на кој начин не допира и не засега, да напишеме коментар, да се потсетиме на претходните изложби, да ги лоцираме „Симптоми“, да „Издишеме“, да чуеме „Шум“, да ги откриеме навреме „Пулмоналниот јазол“, да го вратиме филмот наназад, за да можеме да претпоставиме и да до доживееме она што ќе следува во 2021 година.
03 – 13 ноември 2020 година
Галерија МКЦ, Скопје
Куратор: Владимир Јанчевски
„Состојби на Флоресценција“ е насловена изложбата на Лида Шерафатманд и Милко Нестороски што вечерва беше отворена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Во делата што ги прикажуваат уметниците, како што посочија, изразуваат состојби во кои допира нашиот потенцијал кон бесконечното. Зборот „флоресценција“ , појаснија, се однесува на цветање и повикува за состојбата на процвет во нас луѓето дури минуваме низ најразлични животни услови и предизвици.
– Во природата секогаш постои состојба на транзиција и цветање, па и додека работите минуваат низ еден видлив процес на распаѓање. Цветањето станува возможно во секоја ситуација, без оглед дали таа е пријатна или тешка. Kога посегнуваме кон креативната интелигенција и неизмерниот простор на срцето и душата, ни се овозможува да се движиме напред и да се спротивставиме на стагнацијата, а флоресценцијата станува возможна како за поединецот, така и за колективот, велат Шерафатманд и Нестороски.
Лида Шерафатманд е призната светска уметница, која две години живее и твори во Струга. Одлуката да живее во градот на мостовите ја донела по учествово на симпозиум во Струга, од каде произлегла љубовта кон езерото и лебедите.
– Струга ја поттикнува мојата креативност, можам да се концентрирам, да читам книги да прошетам кога сакам. Се инспирирам. Прирорадата е преубава, тивко е, воздухот е свеж. Многу сум задоволна, рече Шерафатманд.
Нестороски е млад струшки уметник. Најчест мотив му е прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон. Преку слика ја бара улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност.
Шерафатманд и Нестороски се основачи на уметничкото движење „флоресценсизам“, кое е основано во текот на пандемија со коронавирусот. Изложбата „Состојби на Флоресценција“ за јавноста ќе биде достапна до 8 ноември.
превземено од МИА, од Слаѓана Стојкова-Костоски
Наспроти илијадниците живописни, неонски фотографии од Токио, изминатава декада се појави уникатна црно-бела и дефинитивно панк-рок визуелна документација на најголемиот град во светот. Првично како хоби во 2008 година, Татсуо Сузуки почнува да ги замрзнува инстинктивните емоции на случајните минувачи и како секој уличен фотограф се обидува да ги предвиди убедливите решавачки моменти.
Повеќе од една деценија Сузуки го документира животот на улиците на Шибуја, Шинџуку, Коенџи, Јококама, Ота и Готанда креирајки портрет на современо Токио. Но, градот е таму некаде во позадината. Во фокус се портретите, продорни и таинствени; на повеќето од субјектите може да им се почуствува и здивот што ги прави интимни, а погледот кај повеќето укажува дека Сузуки за моменти им ги прекинува мислите. Диверзитетот на луѓето е разнобоен иако самите фотографии се црно бели.
Фотографиите на Сузуки се секако лична документација на напнатоста и затегнатата атмосфера својствени за родниот мегаполис.
автор:СГ
Фотографиите изработувани со мокар колодиумски процес за прв пат почнал да ги изработува англичанецот Фредерик Скот Арчер во 1851 година. Процесот, од денешна перспектива изгледа комплексно и напорно, затоа што за да се добие ваква фотографија, мора да се испочитуваат повеќе чекори кои треба да се изведат за релативно кусо време, а финалниот производ е неповторлив. Буквално. И најголемите мајстори, не би се кладеле дека можат да направат две исти колодиумски фотографии. Фотографската плоча се премачкува со колодумска емулзија која потоа се сензитира во сребро нитрат, односно, се прави „филмот“ и тоа во темна комора, на слабо црвено светло. Стаклената плоча треба да се искористи, да се фотографира на неа и да се развие во следните пет минути, повторно во темната комора. Во спротивен случај, емулзијата испарува и нема фотографија.
Овие фотографии имаат своја специфична естетика, со ситни „грешки“ кои само додаваат на нивната убавина и имаат особена длабочина кога се гледаат во живо имате чудно доживување и чувство, како лицето да е скоро присутно или заробено на стаклото.
Во Македонија, прв и за сега единствен фотограф кој се занимава со оваа стара технологија е Сашо Н. Алушевски. Откако сам исконструирал два апарати во обид за „мокра плоча“, апаратот со кој веќе постави три „колодиумски“ изложби го набавил на оглас. Уживајте во избор од „мокра плоча“ фотографии, а останатите фотографии на неговиот инстаграм профил @sasho_alushevski.
Фотографиите се дел од сериите: „Лицата на МакеДокс“, „МакеДокс временска машина“, „Метаморфози“ и „Портрети“, а можете и да го исконтактирате да го изработи и вашиот „колодиумски портрет“.
автор: СГ
Доброшки Врв — Преубав планински врв на Шар Планина, во северозападниот дел на Македонија. Тој е составен дел на Шар Планина и неговата височина е 2.370м.
Во истиот дел од линијата после Доброшки врв е преубавиот Езерски Врв со висина од 2354м, под самиот врв се двете Доброшки езера.
координати 42o 08′ 01” 21o 01′ 42” Фото – Сајковски М. Дејан
Скулптурата по дефиниција е гранка на ликовна уметност, уметнички израз во тродимензионални форми и тела. За разлика од сликата која има само две димензии (висина и ширина), статуата има и трета – длабочина. Скулптурното дело содржи онолку композиции колку што има агли на гледање (секоја промена на гледната точка го менува односот на деловите на скулптурата кон целта). За да го разгледаме и доживееме како целина, треба да го видиме од сите страни.
Денес имаме чест да разговараме со Г-дин Драган Попоски – Дада, доајен на македонската современа скулптура. На неговото значајно творештво кое започнува далечната 1964 година и остави силен и препознатлив белег кој и денес е инспирација за многу нови генерации ликовни автори, можеме само да се поклониме. Преку 150 дела се импозантна творечка бројка, богатство за кое слободно можеме да речеме дека е не само негова, туку и наша гордост.
Точката на кој денес застануваме пред него е онаа од која сакаме да погледнеме подлабоко и надвор од рамката на професиоланото. Преминуваме на другата страна на линијата во потрага по одговори кои ќе ни доловат не само скулптор, туку и човек, татко, учител чија трпеливост и посветеност извајале исклучителни дела, но и деца, студенти и продолжувачи на патот на кој проникнува инспирација за перцепирање на скулптурството како значајна уметност.
Кои беа Вашите родители? Во какво семејство пораснавте?
Потекнувам од сиромашно работничко семејство и се гордеам со моите родители. Се родив и пораснав во Прилеп со брат и сестра во прекрасно семејство. Татко ми беше монополски работник, а мајка ми беше помошничка во богата фамилија. Тешко живеевме, татко ми мораше секоја година да оди во Војводина да работи за да не прехрани. Многу се жртвуваа моите родители. Поготово за мене зошто јас боледував често бидејќи живеевме во лоши услови, за што јас сум благодарен. Се сеќавам дека кога бев мал рано ме будеа за берба на тутунот за да не останам сам дома. И кога ќе се вратевме од нива веднаш седнувавме да го нижиме. Тоа ми пречеше најмногу зошто сите мои врсници играа надвор, а јас мораше да седам и да нижам тутун. Кога наполнив 15 години и почнав да одам во средно училиште бев среќен што се ослободив од работата со тутунот. Оттогаш и моите родители се откажаа од работата со тутунот зошто немаше кој да работи.
Ако се потсетиме на почетоците, каде се? Од каде мотивот, желбата, идејата, наклонетоста? Се работи ли за вроден талент кој почнал да се изразува пред да бидете свесни за тоа или е сепак нечија насока?
Уште како дете на возраст од 7-8 години се вртев околу каменоресците. Во тоа време во Прилеп имаше многу клесари – каменоресци и може од тука јас добив желба да го работам мермерот. Не ме насочи никој. Јас го засакав тој т.н занает. Се сеќавам од тоа време, дома на прозорецот го нацртав портретот на Сталин. И кога наполнив 14-15 години едвај чекав да појдам во средно уметничко училиште каде што најмногу имаше деца од Прилеп. Во Скопје завршив средно 5 години и конкурирав да студирам во Белград. Таму поминав една година, а потоа студиите ги продолжив во Загреб (каде што и дипломирав) затоа што во Скопје немаше академија.
Имавте ли дилема при изборот на животна професија? Размислувавте ли практично, можеби за некоја друга професија која овој талент ќе го остави на ниво на хоби или силната пасија не остави простор за такво нешто?
Немав никаква дилема, само го следев патот.
На кој начин инспирира парчето мермер? Идејата за форма ја добивавте при средбата со одредено парче мермер или пак баравте соодветно парче за веќе замислена форма?
Имав желба и премногу љубов, па инспирацијата доаѓаше сама од себе.
Викторија Васева Димеска вели: “кај Дада нема ништо таинствени и мистично, тоа се облици и симболи коишто доаѓаат од заедничкиот регистар на потсвеста и асоцијацијата предизвикана од нив“. Дали навистина е комплетна Вашата отвореност или сепак постои скриена нишка, емоција или Ваша перцепција на створеното кое можеби сакате да го задржите само за Вас или пак оставате публиката да види, слушне и почувствува од она „меѓу редови“?
Работев сам. Желбата и инспирацијата доаѓаа сами по себе, бев сам со мермерот пред мене и нормално дека имав скриени желби и мотиви. Себично си го држев тоа за себе, а кога некој ќе дојдеше прекинував со работа, ги канев на кафе за да не ме прашуваат што работам.
Имате ли впечаток дека публиката чита/гледа меѓу редови?
Не зависи од мене, зависи од нив. Ако некој се интересираше јас објаснував.
Дали некој осврт на Ваше дело ве разоружал комплетно, па она премолченото сепак се доловило?
Секое завршено дело имаше исто значење за мене. Завршував едно па веднаш преминував на друго. Сопругата Иванка беше таа пред која ништо не може да се премолчи и прикрие. Се сеќавам ќе ми се развика “дојди да јадеш па после продолжиш”. Од неа имав многу голема поддршка бидејќи и таа ја сакаше ликовната уметност, конкретно скулптурата.
Каков е Вашиот коментар на таквото разоружување? Признавате? Велите тоа е тоа или едноставно премолчувате оставајќи ја мистичноста да живее?
Најмногу имав верба во моите колеги Карадаре, со кој и ден денес се гледаме, и во Боро Митричевски. Премолчувам затоа што така другата страна може вистински да го види делото и да се искаже.
Како уметник и професор оставивте силен печат на многу Ваши ученици. Каков учител бевте и сте дома, а каков татко? Какво семејство одгледавте? Што и колку од културата како начин на живот успеавте да пренесете на Вашите деца?
Колку сум им помогнал на студентите тие самите знаат, а јас се трудев колку што можев. Мислам дека бев добар татко и сè уште сум, израснав две деца, Весела и Горазд.
Јас ги тестирав моите деца. Весела нацрта по нејзино мислење одлична девојка, а Горазд нацрта портрет ала Пикасо. И одлучив, Горазд ќе оди уметник а Весе гимназија. Горазд ме заменува во струката и добро му оди. Живее во Њујорк и има свое ателје. И тој работи скулптури и има свои изложби. Ме радува тоа што и тој оди по моите стапки а најмногу ме радува што и ќерката и синот ми дадоа прекрасни внуци и правнуци. Внуци Андреј и Ирина од Весела и Лана-Меглена од Горазд. А од внукот Андреј имам правнук Давор.
Има ли нешто што сакате да го промените кај себе?
Имам идеи и промени кои се во мене.
А во третманот на културата?
Би променил многу нешта, но мислам дека нема кој да ме разбере. Да ми беше жива сопругата само таа ќе ме разбереше но таа рано си замина.
Каде грешиме?
Во самоувереноста – во насока јас можам да го направам тоа, а не може.
Има ли начин за подигнување на нивото на општа културна наобразба?
Зависи од свеста на луѓето. Колку се во можност да ги препознаат дарбите во себе.
Вешто извајани дела (скулптури и наследници) проткаени со воодушевувачки размисли за вредностите на животот, уживањето во сегашноста, но и темелна посвета да се остави зад себе безвремена културна трага. Го завршуваме овој разговор со огромна благодарност до Дада и негов личен поздрав за драгите пријатели Драшко и архитектот Киро Стефановски кои се драг дел од секојдневието и покрај оваа, како што самиот вели “кинеска неправда”.
Автор: Бон&Бона
Во Домот на култура „Кочо Рацин“ синоќа беше отворена хуманитарната изложба „Душата мисли во слики“ во рамки на Националните денови на мултиплекс склероза.
Ја организира Националното здружение за борба против мултиплекс склероза, а изложени се ликовни дела со кои учесниците испраќаат порака за поголемо внимание кон оваа проблематика.
Јана Манева Чуповска, Перо Кованцалиев, Андријана Мациев, Новица Трајковски,Мирјана Крстева Масетти, Горан Боев, Илија Маџиров, Петар Беслач, Игор Љубовчевски-Љубац, Боро Арсовски, Дарко Аницин,Миле Ничевски, Максим Димотров, Благојче Наумовски Бане, Ана Димчевска Семенпеева, Виктор Семенпеев, Христина Марковска, Марко Тасевски,Дејвид Стоилковски, Везира Идризовиќ, Трајче Павлов, Душица Степаносска, Гордана Винчиќ, Билјана Синадиновска, Игор Станоевски, Дани Дамчевска, Дијана Богдановска, Јорданлчо Кицовски, се само некои од авторите чии дела се изложени.
По повод отворањето на изложбата зборуваа претставниците на здружението, Виолета Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура и Гоце Наневски кој во оваа прилика ја истакна благородната улога на уметноста и хуманата димензија на заложбата на голем број уметници кои ја поддржаа иницијативата.
Изложбата ќе биде отворена до 24 октомври 2020.
превземено од МИА, Мирјана Чакарова