„Light of light“ -Шумот на заборавот
„Light of light“ -Шумот на заборавот
Кратките филмови често остават предолги траги во сеќавањето на публиката. “Light of light” е еден од тие филмови затоа што гледајќи го вие влегувате во еден свет, непристапен за јавноста досега, се чувствувате како пред вас се отвора кинематографско археолошко наоѓалиште. Обземени сте од ликовите на платното, од нивните длабоки очи, од мистеријата и хармонијата што ја кријат зад одеждата и митрата. Еден проект ќе го донесе Neritan Zinxhiria во изолираните делови на Атос, лулката на монасите „Света Гора“ и сосема неочекувано ќе дознае за камерата, која во 1932 година, непосредно пред неговата смрт еден монах ќе ја ре-создаде од стари кинематографски остатоци без претходно знаење за ваков апарат.
Иако монасите се затворени во комуникацијата согласно со островот на кој го поминуваат испосништвото, некоја судбинска нишка замешала прсти и авторот ја добива неповторливата шанса да ѕирне во минатото на ова автономно парче земја. Во салата за проекција постојано беа присутни и морниците, следејќи го секојдневието на монасите, нивната слога и збратименост, сите обележја на верата, но пред сѐ желбата на монахот-кинематограф да ги овековечи браќата со кои на Земјата му служел на Бога.
Во разговор со авторот дознавме дека биле користени три извори и кинематографски слоја: оригинални фотографии, фотографиите и кадрите кои ги снимил за време на престојот на Атос ( кој од дозволените четири дена прераснал во еден месец ) и постпродукциски дополнувања. Метафората на животот се влечеше низ кадрите: со рибата која неуморно прета обидувајќи се да стигне до морето, срцебиењето на кротката и преплашена срна, телефонската говорница која е единствениот контакт во случај на ургентност со надворешниот свет, но и морбидниот close-up од посмртните останки на монасите се одлично склопени низ јакиот и изразен шум на сликата, која го обојува минатото, а сепак гласно говори и за иднината, за заборавот и безмилосрдното време.
Под монашкото мото “Секој има убава планина да искачи” заврши документарецот, дел од официјалната програма на документарни филмови на Интернационалниот Фестивал Браќа Манаки за 2023, со нескромен аплауз и 15 минути кои како и педантно зачуваните фотографии не избледуваат.
Пишува: Јована Матевска Атанасова