Интервју со Александар Русјаков: „Кога го љубиш повикот, а уметноста е повик, тогаш и тешкотиите се блаженство “
Интервју со Александар Русјаков: „Кога го љубиш повикот, а уметноста е повик, тогаш и тешкотиите се блаженство “
Александар Русјаков во својот последен роман, кој се закити со наградата „Пегаз“ за 2021 година, им резервира бесплатна соба на читателите со поглед на неговиот мистичен и корпулентен поглед кон историјата, оживеана преку љубовта која не се случила, а е најпознатата легенда што ги поврзува Македонија со Турција. Но овој роман не се заснова исклучиво на историски факти, затоа што Русјаков го користи своето препознатливо двострано писателско перо/скалпел со кое засечува подлабоко и го остава читателот со една отворена рана на конфузија и мисловна контузија. „Хотел меѓу две војни“ е вистинско олицетворување на предлогот „меѓу“, ниту жанровски може да се категоризира, ниту заклучокот е јасен и недвојбен после читањето. Овој роман со примеси на магијата на Булгаков, неговиот латентен бес кон политичките случувања и фантазијата на Мураками, е како апсурден сон, во кој мртвилото е двигател, и предметите алогично преминуваат од една состојба во друга. Но тоа што плени во романот е богатиот речник зачинет со фактологија и иако окарактеризиран како псевдоисториски, е јазол помеѓу сонот и јавето.
Хотелот е состојбата помеѓу јавето и сонот, можеби и растргнатоста на Ататурк помеѓу Македонија и Турција, помеѓу Љатифе и Елени, помеѓу развратот и принципиелноста, но Хотелот меѓу две војни е она што живее во читателот до самиот епилог, кој и не е вообичаен епилог. Затоа што една книга има толку толкувања, колку што постојат читатели.
Елементал: Хотелот во вашиот нов роман е мистифициран предмет, теорија на заговор што ќе ги тера книжевните критичари, а воедно и читателите, да ја одгатнат исто како што музичките фанови и до ден денес трагаат по значењето во песната Hotel California. Хотелот е повеќесмислен, може да се разбере како алигиеровско чистилиште, како фројдовска несвесност, шекспиров сололоквиј, состојба на полуживот и полусмрт, но најсилна е аналогијата на љубовта. Дали за вас хотелот беше јасно привидение додека ја пишувавте книгата или го оставивте така, матен и неразјаснет?
Искрено, не знам. Не беше ниту јасно привидение, ниту матен и неразјаснет. Можеби е мистерија, сите хотели, дури и оние најобичните или најлуксузните, сеедно, во себе носат некаква мистерија. Во собата кадешто сте отседнале, некој бил пред вас. Некој ќе дојде по вас. Дали тие двајца се познаваат или ќе се запознаат поради вас? Често пати теориите на заговор не се теории, туку заговор ставен во нечија актовка заборавена под креветот на вашата соба. Само што сте ги затвориле очите доцна во ноќта, а отаде ѕидот, во другата хотелска соба слушате шепот, распознавате чуден разговор. Можеби таму отседнале духовите на Данте, Фројд и Шекспир, па сега зборуваат за вас. Од сето ова може да се изгради многу чудна и мистична приказна за љубов скриена меѓу редови. Но, вистинскиот одговор е сложен и едноставен истовремено. Јас најпрво влегов во Хотелот меѓу две војни, одседнав во една од собите и веројатно таму го напишав романот. Откако ставив КРАЈ на последната страна од ракописот, го напуштив хотелот и веќе не можам да се сетам каде тој се наоѓа.
Елементал: На промоцијата присуствуваше и Херодот на Битола, хроничарот Александар Стерјовски. Претпоставувам со негова помош ги склопивте историските елементи во романот. Споменавте дека два месеци сте се едуцирале на темата, а само месец и половина физички го обликувавте романот. Колку е тешко да се создаде четиво, кое ќе биде приемливо и историски егзактно, а од друга страна ќе дозволи фикцијата да биде мостот преку кој реалноста ќе прибегува и овие две крајно спротивни состојби ќе прелеваат една кон друга?
Од Александар Стерјовски ја добив збирката научни трудови „Битола и Кемал Ататурк“, создадена на симпозиумот оддржан во 1998 година, книга која многу ми помогна. Во неа, на пример, ја пронајдов информацијата дека на почетокот на 20 век, во Битола имало тениски игралишта. Потоа истражував и сам. Од научни факти до интересни теории поврзани со таткото на модерната турска држава. На крајот ја ставив историјата на дното од куферот и резервирав соба во „Хотелот меѓу две војни“. Останатото ќе остане ненапишана книжевна историја за создавањето на еден роман за љубовта што никогаш не се случила. А тешко не е, воопшто, од една сосема едноставна причина. Кога го љубиш повикот, а уметноста е повик, тогаш и тешкотиите се блаженство.
Елементал: Се чини ваш потпис се книгите “роман во роман”, создавате дела чија содржина е независна од една до друга целина, а сепак се многуслојни. Но навистина е комплексно да се пишува фрагментирана проза во интеграција. Како изгледа креирањето на еден план за нов роман? Дали сте хаотичен создавач или педантен мислител?
Јас секогаш пишувам паралелно. Неколку ракописи одеднаш. Отсекогаш така сум пишувал. Тоа е мојот контролиран хаос без кој очигледно не можам да творам. Планови ретко правам, бидејќи откако нешто ќе испланирам, најчесто не оди по планот.
Елементал: „Курвински хроники“ и „Албино трип“ влегоа во најтесниот избор за претходните два избори за наградата Пегаз, во 2019 и 2020 година и се издадени и покрај тоа што не се закитија со наградата. Вашиот стил не е нималку мек, имате остар јазик што повикува на смело и зрело размислување, надвор од вообичаените рамки на суптилно раскажување. Според тоа што постојано се публикува, вашиот постмодернистички набој носи авангардност на сцената. Колку ве предизвикува создавањето на нешто уникатно и различно? Дали можеби тоа е вашиот скриен лајтмотив?
Никогаш не се трудам нешто да биде уникатно и различно. Немам скриен лајтмотив. Не размислувам жанровски. Јас само сакам да избегам од зборовите обликувани во реченици кои, без некоја моја посебна интервенција сами по себе се приказни, а ме напаѓаат постојано, како Творецот да ми ставил инка во умот и истура ли истура. А единствен начин да избегам од нив е да ги исфрлам од себе. И ете, вие читателите ги добивате, ги читате и потоа ми поставувате чудни прашања на кои јас немам одговор.
Елементал: Има ли место за провокативна македонска проза, со оглед на тиа што вашите книги носат наслови зачинети со доза на еротизам? Што мислите дали читателската публика ја надраснува конзервативноста што уште од социјализмот останала како национално обележје во земјава?
Искрено мислам дека сѐ помалку има читателска публика. Како кај нас, така и во останатиот дел од светот. Не дека низ времињата мнозинството многу читало. Да речеме, уметноста е радост на една четвртина популација што е веројатно сосема доволно. Во однос на конзервативноста на македонската читателска публика не би сакал да генерализирам. И во социјализмот имаше авангардна книжевност. Па и еден Рацин е авангарда за своето време затоа што тој е пред своето време. Да не зборувам за Петре М. Андреевски. Претпоставувам дека едни „Курвински хроники“, нивната бесрамна содржина која патува по работ на перверзијата и порнографијата или начинот на кој е склопен „Хотел меѓу две војни“, каде приказната, од соба во соба, талка низ времињата, се нешто ново и оригинално во македонската книжевност, (не тврдам, но и мене така ми се чини), ама сигурен сум, оти ми рекле читатели, дека тоа ги привлекува и возбудува што значи, оние што љубат книжевност, прифаќаат новитети и уживаат да нуркаат во непознати длабочини.
Eлементал: Пишувате и сценарија и на големо разочарување на публиката серијата „Македонија“ се урна пред да полета. Дали политиката се обидува срамно и безобразно да ги цензурура уметничките дела што ѝ стојат на патот до остварување на некои навидум колективни меѓународни цели наметнати од индивидуалци? Сѐ почесто сме сведоци дека историјата не ја пишуваат ниту победниците и дека таа останува отворена книга за сугестии од некоја повисока инстанца тогаш кога потребата тоа ќе го наложи.
Живееме во време кое некои „прогресивни“ ликови го нарекуваат нова нормалност. Во него владее политичката коректност. Меѓу новата нормалност и политичката коректност стои паролата „имаш право на мое мислење“. Серијата „Македонија“ беше стопирана од политички причини и никој на светот не може да му убеди во спротивното. Од исти политички безумни причини низ светот денес се цензурираат или забрануваат дела на Шекспир, Монти Пајтон, Волт Дизни. Им се лепат етикети како расизам, хомофобија, мизогинија и хистерични активисти од граѓанството луѓенца на интелектуалната бижутерија го заполнуваат својот танц на Црвените Кмери. Две хистерични идиотки се обидоа да ги осквернат „Сончогледите“ на Ван Гог во име на некаква моронска кауза. Живееме во едно безумно време каде што оние кои себе се сметаат за посебни, умни и прогресивни, а не се ништо од тоа, користат инквизициски и нацистички методи за да спроведат некаква нивна правда на која можат да им позавидат Гебелс и Жданов заедно.
Елементал: Кој од ликовите во вашите романи или раскази ви е најблизок автобиографски, а кој сентиментално ви прираснал во текот на пишувањето?
Нема таков. Или сите се такви. Мислам дека секој писател исфрла партали од својата душа во сите ликови што ги создава. Тука секако не зборувам за „Албино трип“, тоа се автобиографски приказни. Но, за сите други ликови иста е ситуацијата. Во сите од нив, машки и женски, деца и старци, има дел од мене, а ниту еден не сум јас.
Eлементал: Пишувате нов роман „Милан-Ливерпул 3:3“ и за оние што се разбираат во фудбалот ќе им биде јасна симболиката, ќе се присетат на легендарниот натпревар одигран во 2005, кога Ливерпул губеше во текот на целата игра и изедначи на пенали. Како што најавивте романот го следи животот на татко кој ја воспитува својата ќерка тинејџерка преку правилата на фудбалскиот терен, учејќи ја дека животот не се игра само во тие деведесет минути. Од каде излезе инспирацијата да ги споите најважната споредна работа на еден маж со примарната- фудбалот и родителството?
Додека топката е во лет да ви одговорам на прашањето. Животот трае 90 минути. Тоа е паролата на романот кој во моментов паузира поради некои мои други ангажмани, ама е речиси половина готов. Јас уште од свои најрани години сум вљубен во фудбалот. Од друга страна ниту сум фудбалер, ниту сум родител. Ама па убеден сум во оној стереотип дека децата се најголемо богатство што едно човечко битие може да го има во животот. Во овој роман, главниот лик, на еден духовит начин, животот го доживува преку фудбалските правила на игра. Велат, животот не е фер. А фудбалот секогаш бара ферплеј. Соединувањето на овие две контрадикторни правила за мене е предизвик да го соединам она што го немам.
Елементал: Кога би напишале нешто сосем несвојствено за вас, што би било тоа?
Книга за деца. Тоа е најтешкиот жанр. Не знам дали некој тоа би го изненадило, ама ако ја напишам и биде добра, сам ќе се изненадам од себе.
Елементал: Доколку влезете во чевлите на Мустафа Кемал Ататурк, со кои зборови тој би го завршил романот, а во нашиот случај интервјуто?
Љубовта е хотел меѓу две војни започнати во срцето.
Подготви: Јована Матевска Атанасова