Театарот е неопходен во човековото живеење
ТЕАТАРОТ Е НЕОПХОДЕН ВО ЧОВЕКОВОТО ЖИВЕЕЊЕ
Андреј Цветановски -театарски режисер
Роден во Скопје, деклариран слојштичанец од мостот Бела Река. Растен пред зграда со другарите од маало, лете растен во две крајности, би рекол во „аристократскиот“ Нови Сад и низ шумите и планините на Околија, како што мештаните го нарекуваат Демирхисарскиот крај. Вљубен бев во приказните и во бајките од мал што ми ги читаше мајка ми. Главна точка пред гости, кога ќе дојдат дома, ми беше деталното познавање на грчките богови и сите главни градови на светот. Класично „старомало“. Со текот на времето ми се менуваа интересите, па од археологија, преку историја некако стигнав до театар. Многу „неочекувано“ во однос на тоа дека моите често ме носеа на премиерите на татко ми, па како мал сум ја видел магијата на театарот, како и братството што го имале, барем тогаш, во театар. Едно од најраните сеќавања ми се сликите од претставите на татко ми, како и бифето на чичко Добре во Битолски театар и вцрвенетите лица додека ја пеат „Налеј, налеј“. Мислам дека немаше бегање од таа зараза. Почнав од идејата да станам актер, ама по три-четири години обиди, видов дека повеќе кажувам што да направат другите, отколку да работам на тоа што ми е работа. Се опаметив, па се свртив кон режијата, прво филмска, па потоа и филм и театар, за на крајот да решам дека театарот е моето поле на изразување.
Од академските денови на ЕСРА имам многу убави спомени, растењето на уметнички план со луѓето со кои работев, со кои растевме истовремено, заедничките подеми и падови, создавањето исти вредности, разминувањата, сето тоа е дел од тоа уметничко растење. Затоа сакам да ги поздравам Игорче, Ана, Атанас, Светиев, Ненчо, Миро, Даре, Тина, Нина, Таци, Џаџе, Диме, Кољо, Алече, Тино, Жаре и сите други што ќе се најдат во оваа графа. 😀
Имав среќа професор по режија да ми биде Дејан Пројковски, во тоа време млад режисер, сега еден од најдобрите режисери во регионот. Полн со ентузијазам и полн со знаење и практично искуство што секогаш знаеше да ни го пренесе на возбудлив начин. Научив дека театарот е храм и дека секогаш треба да целиме високо со своите идеи и да си ја поместуваме границата за тоа што е можно. Бидејќи сè уште често работиме заедно на факултет, мислам дека не престанувам да учам и многу сум благодарен што ја имам таа привилегија.
Созревањето како режисер ми се случува со секој следен процес, бидејќи секогаш учам нешто ново за себе, за своите интереси и секогаш гледам да си зададам нов личен предизвик во секој нареден процес, затоа не би рекол дека сè уште е завршен тој процес, има уште време и процеси пред мене.
Театарот е вашиот свет во кој вие?
Театарот е светот во кој се чувствувам природно и дома. Тоа е свет во кој уживам во секој момент, дури и кога не уживам. Поборник сум на максимата на Анатоли Ефрос: „Пробата – љубов моја“. Половина од својот живот го поминуваме на проба, па ако не ја најдеме љубовта во тоа, сè ми изгледа бесмислено. Затоа се обидувам да ја препронајдам својата љубов кон пробата, одново и одново.
Знаеме дека театарот е контакт и уметност на мигот се спротивно од социјалните дистанци и изолацијата. Што за вас претставува театарот?
Ова време невреме што е дел од нашата сегашност, како и правилата што ги има за да се справиме со пандемијата се крајно спротивни на тоа што се основните начела на театарот, а тие се ТУКА и СЕГА. Потребно е да најдеме начин да ја преживееме оваа криза и да докажеме дека театарот е неопходен во човековото живеење. Зашто за моето живеење е неопходен. Треба да се најдат начини да правиме театар секогаш водени од мислата на Брук: „Театарот е кога еден игра, а еден гледа“!
Растените сте во големо театарско семејство. Што е она што го научивте низ годините од вашиот татко Владо Цветановски? Дали ја продолживте неговата мисија?
Растен во околина на татко ми, мајка ми, моите чичковци и сите во нивна околина, научив многу работи што ме оформиле како личност. Мојот татко беше мојот прв професор, од него научив дека режисерот треба да биде слуга на настанот, односно да направи сè да се случи претставата. Научив да ги сакам актерите, ја научив вредноста на пренесување на заразата со идејата за претставата на цела екипа, учев од неговите подеми, од неговите грешки. Но, можеби најважната лекција што ја научив и од татко ми и од мојот професор е дека за да бидеш добар театарџија, прво треба да бидеш добар човек.
Како семејство, се обидуваме на сите различни начини да го зачуваме неговиот лик и дело, од документарниот филм за неговите претстави во Битолскиот театар до новата книга што е создадена од неговите белешки за претставите што ги работеше. Но мислам дека ми е најмило кога некој човек ќе ме сретне, па ќе ми раскаже нова приказна за татко ми што не сум ја знаел.
Кои се оние важни теми со кои театарот треба да се занимава?
Театарот треба да се занимава со сето она што искрено ги интересира неговите чинители. Секогаш сум за тоа. Мислам дека нема тема и идеја што е мала и безначајна сè додека тоа е она што ги инспирира оние што ја прават претставата. Таа претстава што е правена од срце, искрено, ќе го најде својот пат до публиката. Јас лично сакам кога гледам цел еден живот во претстава, кога претставата ќе ме насмее, а во следната секунда ќе доживеам некој емотивен момент. Кога претставата си игра со атмосферата и успева секавично брзо да ја промени.
Дали театарот ја има моќта да го промени светот на подобро?
Искрено, во времево во кое живееме, кога сè помалку сме луѓе, кога не успеваме да бидеме емпатични кон сите трагедии што се случуваат околу нас, не знам колку театарот може да го смени светот. Но не треба да престане да се обидува. Затоа што во таа борба со ветерници се крие моќта на театарот.
Дали сме доволно гласни?
Мислам дека не сме доволно гласни на сцената, каде што би требало да бидеме најгласни. Многу сме гласни на социјалните мрежи, за разни прашања од општествениот живот имаме став, а кога на ред доаѓа театарот, некако нè нема доволно. Нашиот став треба да биде најгласен на сцената. Зашто театарот не се брани само со став, ами и со дела.
Со основањето на Импров група докажавте и покажавте дека театарот може да се создава насекаде. Раскажете ни за тој ваш движечки театар и што е она што ве поттикна да создадете ваква театарска форма?
Импров групата „Настап“ е неформална театарска група што се занимава со импров театар, нешто што е многу забавно и за публиката и за актерите. Она што е џезот за музиката, тоа е импров за театарот. Неколкумина актери што излегуваат на сцена со идеја што само што ја добиле и се обидуваат да направат сцена без никакви договори. Оваа форма е фантастична за актерите, за нивното развивање, а мора да признам, и мене ме подмладува. Особено убаво си поминуваме на пробите. Ме радува што имаме редовна публика, која доаѓа на повеќето наши изведби и некако се создава една критична маса на која ѝ се допаѓа овој тип театар. Нашиот почеток е во бифето на Гого и Вики на ФДУ. Гостувавме на разни места, за на почеток на 2020 година да се најдеме со МКЦ и да ни тргне супер. Па се случи оваа пандемија, која многу нè забави, бидејќи оваа форма без публиката ја губи својата смисла. Се надевам дека ќе заврши ова лудило и импров групата „Настап“ ќе продолжи од таму каде што застана.
Импров Група -погледнете видео, Театарот се создава секаде
Дали постои нешто што и достига на театарската сцена?
Мислам дека на театарската сцена ѝ недостигаат повеќе работи, но она што мислам дека е клучно, тоа е единството. Почитта едни кон други, почит кон работата на колегите и следење на работите што ги работат другите театри. Да си кажеме до каде сме, да погледнеме реално каде сме на театарската карта и да бараме начин да го подобриме тоа. Ама заедно. Да престанеме да се делиме по која било основа, освен по квалитет.
Талент или среќа?
Среќа е да имаш талент. 😀 Мислам дека нема поважна особина од работата и самодисциплината. Ако доволно долго работиш и се надградуваш, сè ќе си дојде на своето место. Потребен е талентот, и не е лошо да имаш среќа, ама сè е џабе ако не работиш. Тоа ништо не може да го замени.
Како е Андреј сега?
Не знам, како на пауза. Се чувствувам како да верглам во место. Се обидувам на разни начини да работам на себе и да се спремам за следните проекти. Тешко оди, бидејќи сè останува толку многу недефинирано, но тоа не значи дека треба да се откажеме, така!? 😀
И за крај – што би им кажале на актерите?
Би сакал да им кажам нешто што често знаеше да го каже Кирил Ристоски: Ако актерот верува, публиката МОЖЕБИ ќе поверува, ама ако актерот не верува, публиката нема како да поверува. Затоа да не престанеме да веруваме!
Три книги:
Владимир Бартол – „Аламут“
Пушкин – „Капетановата ќерка“
Петре М. Андреевски – „Пиреј“
Три филма:
„Godfather 1“
„Marriage Story“
„Brave heart“
Три претстави:
„Ромео и Јулија“ во режија на Оскарас Коршуновас
„Хамлет“ во режија на Томас Остермаер
„Дон Жуан“ во режија на Александар Морфов
„Браќа Карамазови“ во режија на Дејан Пројковски
„Мајсторот и Маргарита“ во режија на Владо Цветановски
Три драми:
„Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер
„Иванов“ од Антон П. Чехов
„Јулиј Цезар“ од Шекспир