АЗБУКА НА ЏЕЗОТ
А – Армстронг Луис, Б – Бејкер Чет
Азбуката на џезот е начин да се оддаде почит кон великаните на светската џез сцена, а истовремено да се запознаат помладите генерации со повеќе и помалку познатите имиња на џезот. Изборот на музичари е личен, а бројот триесет и еден го следи бројот на букви во официјалното и единствено писмо на македонски јазик – Македонската азбука.
На песната и јазикот, нотите и звуците кои од памтивек се користеле да се артикулираат заедништвото и конфликтот, иронијата и пародијата и вечните прашања на љубовта и слободата им ја посветуваме оваа Азбука на џезот, која ќе ја објавуваме во делови.
А – Армстронг Луис, познат и како Сачмо (4 Август 1901 – 6 Јули 1971) Амстронг бил повеќе од голем трубач, тој водел и повеќе џез бендови, бил и пејач, солист, филмска ѕвезда и комичар. Многу често го освојувал на пазарот на популарноста со снимки на кои шармантно ја збогатувал автентичната џез изведба со својот заразен хумор. И покрај разноврсниот уметнички израз, најголемото влијание го имал врз еволуцијата на џезот, кој на почетокот на неговата кариера веќе бил популарен музички жанр. Со својата голема чувствителност, техника и капацитет да изрази емоции, Амстронг не само што го обезбедил опстанокот на џезот, туку извршил влијание на популарната музика воопшто.
Армстронг се појавил во филмови како Високо општество (1956) заедно со Бинг Крозби, Грејс Кели и Френк Синатра и Здраво, Доли! (1969) во главната улога Барба Стрејсенд. Тој добил многу признанија, вклучувајќи три номинации за Греми награди.
Б – Бејкер Чет или Чесни Хенри Бејкер (23 Декември 1929 – 13 Мај 1988) Американски џез трубач и вокалист препознатлив по обичен и кревок тон на свирење и пеење. По долгите години борба со дрогата, во седумдесетите години на минатиот век, Чет Бејкер направил голем камбек на џез сцената. И покрај тоа што борбата со зависностите оставила траг на неговиот глас, кој станал несигурен и груб, сепак свирењето на труба го постигнало врвот за време на последната декада од неговиот живот. Со буквален пад од “врвот” (прозорецот на хотелска соба во Амстердам) завршува и животот на “Оној, кој како да имаше крилја”. Во џез историјата остнува како култна фигура чија што борба со зависноста од дрога и многубројните љубовни врски ја намалиле кариерата која ветувала многу.
автор: МАНА