Архангел – безвремени и бесценети
Викендов се одржа масовен, воспитно образовен, музички и културно продуховен час. И тоа во живо, со почитување на сите протоколи, со носење на маски кои нималку не го намалија протокот на огромното количество на позитивна енергија како докажан противотров за секоја зараза. На Таксират против таксиратот, со Архангел до ослободување на порив од силни емоции, нескротлив бунт, желба да се викне гласно, склоност да се скрши оклопот кој ограничува.
Некомерцијалната перцепција на уметноста која Ристо Вртев успеа да ја спакува во совршен личен израз, одигра улога на движечка сила на погонот кој македонскиот рок го подигна на исклучително високо рамниште, идентично на она кое го постигна ЕКВ.
Денес, после 30 години љубов, гледаме дека променет е само составот на групата кој очигледно со леснотија се надоврзува на фантастичната спојка од елеганција и бунтовност препознатливи за Архангел. Џијан Емин, Предраг Икономовски, Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Сашо Николовски, Кирил Кузмановски и Трајче Велков се имињата кои дадоа нова боја на творештвото со кое израснаа многу генерации, оствајќи траг уметност како храна за срцата на уште многу следни кои допрва ќе дојдат.
Приказните со многу текст во текстот, со многу музика во музиката, овојпат со нова, џезирана форма, внесоа свежина која никако не ги нарушува неограничените можности за индивидуално доживување и уживање во израз кој предизвикува морници и изведба со количество на емоции која дури вознемирува.
Беспрекорна уметност со која храбро се преминува границата на едноличното живеење и со леснотија се плива кон сопствената длабочина, онаа во која секој го чува својот Архангел – своите милион долари. И токму таму, во молкот кој стварноста ја прави непотребна силно ѕвони музика од чувства кои ја потпишуваат смислата на постоењето.
Архангел дефинитивно останува на врвот, достојно носејќи се со титулата најавангарден рок-бенд во Македонија кој уште еднаш ни покажа дека само отворениот ум е поле на кое виреат креативност, размисли и идеи кои како плод раѓаат дострели со трајни вредности и инспирација за многу идни генерации.
автор:Бон&Бона