Надја Теранова- „Приказните треба да го направат читателот страстен“
Надја Теранова – „ Приказните треба да го направат читателот страстен“
Книжевниот центар Антолог ја прогласи книгата „Збогум сеништа“ за книга на месец октомври. Книгата го следи комплексниот однос на отуѓените мајка и ќерка, секоја на свој начин погодена од напуштањето на таткото и сопругот. Иако во преден план се наѕира клишираното бегање од минатото, овој роман е роман за повторното враќање, за простувањето и загубите, за непомирливите разлики кои честопати се синџирите за чии алки протагонистите се држат како за спасоносни елеци. Ида е рефлексија на егото и идот, на одразот што една личност го има за себеси и сенката на тротоарот што ја остава зад себе, а другите ја гледаат. Во подлабоката експлорација, читателот се судира со прашањето на лажирањето на спомените, она псевдо помнење, една стапица на конацијата и когницијата.
Ида се враќа во семејниот дом во Месина да ги собере детските спомени и притоа се соочува со отуѓената мајка. Но барајќи низ семејниот дом, таа откопува стара траума и горки спомени поврзани со заминувањето на нејзиниот татко, неговата индиферентна и ладнокрвна одлука да излезе и да не се врати никогаш. Го доживува ова расчистување како буквално расчистување со минатото, со идејата на помирување или негација. Се чини нејзината мајка нема намера да ја реновира само куќата, затоа што реконструкцијата на некои сентименти допира и до Ида. И таа за првпат застанува наспроти болката, соочена со сите причинско-последични односи, напуштајќи ја слабоста како што и таа била напуштена од својот родител.
Писателката Надја Теранова има богато резиме и образование од областа на книжевноста. Првенствено започнала да пишува литература за деца, но токму нејзиниот прв роман за возрасни „Збогум сеништа“ со оригинален наслов „Addio Fantasmi“ ѝ носи светска слава и е финалист за престижната италијанска награда за најдобар роман „СТРЕГА“2019 (меѓу досегашните добитници познати на македонските читатели се Николо Аманити, Паоло Коњети, Доменико Старноне, Паоло Џордано). Годинава е дел од учесниците на осмиот по ред фестивал за европска литература Bookstar , кој се одржува во Скопје, под покровителство на Антолог книжевен центар, па Елементал оствари кратко интервју.
Елементал: Во „Збогум сеништа“ раскажувате со силно изграден глас, неверојатно е поетичен колку што е и реален. Се чини дека центарот на оваа книга е исконската дилема „дали човек може да избега од минатото“, а сепак успевате да дадете нова и храбра димензија по ова прашање. Честопати читателите се сугестибилни, водени од нивните искуства и моментално расположение. Каква порака сакате вие да пренесете до читателската публика?
Приказната во една книга е единствена приказна, не би требало да влијае на читателот, туку да го направи страстен. Но сепак, секој од нас реагира во согласност со емоциите кои го обземаат во моментот.
Елементал: Ја користите реминисценцијата како начин да ги поврзете карактерот со најдлабоките мисли, вие сте писателка повеќе заинтересирана да го прикаже внатрешниот пејсаж на ликот, наместо да се насочува на бесцелните описи на околината. Успеавте да портретирате комплексен однос помеѓу мајка и ќерка. Ида делува свртена кон себе, егоцентрична, нурната во сопствената траума и двосмислената загуба. Какви мисли преовладуваа додека го градевте овој лик?
Изградив два лика инспирирани од моето животно искуство: оддалечена и многу слаба ќерка со мајка слична на неа. Многу е интересен ваквиот образец на пишување. Се возбудив, бев радосна, кога ги создадов нив двете.
Елементал: Како би ја опишале вашата книга „Збогум сеништа“ доколку бевте читател, не автор на истата?
Оваа книга е приказна за модерното семејство: ќерка која заминува и мајка која останува.
Елементал: Следејќи го дуализмот во романот „соништа наспроти кошмари“ кој е најголемиот сон на Надја, а што е најстрашниот кошмар?
Мојот сон е да имам секогаш да кажам нешто, а мојот кошмар е да престанам да пишувам.
Подготви : Јована Матевска Атанасова