Рок викенд во Скопје
Рок викенд во Скопје
–Затоа што музиката е колективниот имунитет на општеството–
Skopje Unplugged 2021
Во посебен акустичен амбиент и под отворено небо, годинава, Скопје ќе се дрма во звуците на балканските рок легенди „Ван Гог“. Со почеток во 18:30 часот, на кровот на паркингот на „Сити Мол“, публиката уште еднаш ќе ги спои своите гласови во едно грло, рецитирајќи ги стиховите кои ги обележаа последните три децении. Впечатлив е податокот што бендот ќе настапи со екслузивна акустика, нешто кое не се случило од прославата за нивната триесетгодишнина од постоењето.
Зајдисонцето присутните ќе го испратат и со најголемиот македонски шоумен Игор Џамбазов, како и со ексцентричниот Фиц од легендарната група „Студени нозе“. Но дали пандемијата ја закржлави публиката или не, ги прашавме, организаторите на несекојдневниот настан, кој несомнено ќе биде топло отпоздравување за уште потоплото лето.
Елементал: Какви очекувања имате, со оглед на тоа дека ова е прв масовен музички потрес по пандемиска згрченост?
– Нашите очекувања за фестивалот се ентузијастички и позитивни. Имајќи ги предвид фактите дека КОВИД 19 пандемијата е на најслабо ниво од самиот нејзин почеток, големиот процент на вакцинирани граѓани и очекувањата за создавање на колективен имунитет на населението до крајот на летото, очекуваме добра посетеност и одличен настан. Минатата година, кога состојбата со коронавирусот беше далеку полоша од денес, го одржавме Skopje Unplugged 2020 во винаријата „Камник“, со почитување на сите препораки од надлежните и присуство на ограничен број гости, кои на наше огромно задоволство, се придржуваа од почетокот на концертот до самиот крај. И оваа година ќе се почитуваат сите актуелни мерки препорачани од Министерството за здравство, со цел успешен фестивал и добра забава за сите присутни. Впрочем и самата локација е внимателно избрана под отворено небо, на огромно пространство сѐ со цел максимална заштита на посетителите и почитување на протоколите за организација на настани во време на пандемија.
Елементал: Ќе успее ли публиката да ја даде енергијата која ја акумулирала за време на овој стрес—тест период?
– Главната поента на „Skopje Unplugged“ е да промовира еден нов концепт на настани во живо, каде присутните се во центарот на случувањата, или што го прави овој посебен „boutique“ фестивал. Изминатата година со пандемијата на Корона вирусот беше тешка и предизвикувачка за целиот свет, а особено за изведувачките уметници, кои беа едни од првите „жртви“ на мерките од здравствените организации, со забраната за настапи во живо. Овогодинешниот line up е внимателно одбран и вклучува музички имиња кои со својот репертоар на присутните ќе им овозможат едно посебно искуство, исполнето со позитивна енергија и во петок очекуваме задоволна публика и добра забава.
Авалон Продукција и Рибља Чорба
На 27 јуни, на паркингот кој граничи со Аква паркот, Авалон продукција на големо задоволство на публиката, ќе ги донесе звуците на неповторливите „Рибља Чорба“. Групата која на рокенрол тронот се задржа подолго од кубанскиот комунизам, ќе ги изведе своите големи хитови пред публика која е секогаш разновидна, притоа не познава за возраст, јазик или нација. Со песните на Чорба аудиториумот повторно го осознава чувството на братството и единството, на југословенската носталгија. Концертот ќе го отвори предгрупата Backdoor band.
Елементал: Какви очекувања имате, со оглед на тоа дека ова е прв масовен музички потрес по пандемиска згрченост? Ќе успее ли публиката да ја даде енергијата која ја акумулирала за време на овој стрес—тест период?
- Изминатава година и пол беше навистина тешка за нас како промотери, и воопшто, тежок период за целата музичка и концертна индустрија. Oд друга страна, на макроплан, евидентна е и потребата на народот да се издува – кога желбата за забава и музика станува психолошка потреба, повеќе од очекувано е дека публиката ќе има енергија соодветна за еден ваков пост – стрес период.
Елементал: Зошто изборот падна на Рибља Чорба?
-Судбината сакаше после девет месеци од нашиот последен одржан концерт, на Бајага и Инструктори во септември минатата година, првиот нареден да биде баш со бендот во којшто Бајага порасна и се изгради себеси како артист- Рибља Чорба, сигурно еден од најголемите рокенрол состави на Балканот и бенд со најбогат каталог на песни на овие простори.
Eлементал: Годинава што измина не затвори комплетно. Ивент индустријата беше можеби една од најпогодените. Значи ли овој прв концерт после долго време дека веќе имате спремна програма која ќе не извлече од концертниот мрак? И секако, ќе најдете ли сила и начин за нејзина реализација?
- Како и публиката, и ние имаме акумулирана енергија која е спремна да излезе во форма на креативност и беспрекорна техничка реализација. Спремни сме и на двете полиња; иако околностите се различни, во нас се’ уште живее истиот работнички дух и неговата континуирана животна цел и аспирација – да служи како машина за среќа на народот.
Јована Матевска Атанасова