„Жени во Собрание“-разум и предрасуди
„Жени во Собрание“-разум и предрасуди
Премиерно, по повод отворањето на Интернационалниот фестивал на монодрамата, битолската публика имаше можност да ја погледне феноменалната претстава на Театар Комедија од Скопје, работена според мотивите на истоимената “Жени во Собрание” на Аристофан. Режисерот Ќендрим Ријани создаде урнебесен спој по кројот на античката драма- за прашањата што не ги поставуваме, а сакаме да бидат одговорени.; за фамата околу родовата поделба; цинизмот за модерното општество , за мизогонијата и пренагласениот феминизам… Слободарството и ригидноста, тоа се сеѐ антоними на цивилизацијата која сака да го одбегне сопствениот прогон така што (не)свесно брза да се уништи, во трката со времето и фанатизмот на докажување супериорност.
Енергијата на сцената беше експлозивна. Многу смеа, малку филозофија, по некоја вулгарност. Шесте ликови синхронизирано го плетеа сценариото во препев на д-р. Валериј Софрониевски и текстовите на Билјана Крајчевска , но и ги заслужија бурните аплаузи на публиката. На сцената покрај актерите прошетаа и многубројни дијалекти од македонскиот јазик. Секоја актерка продефилира со одлично одглумениот карактер- Зорица Нушиќ со хуморескниот дух и позитивна енергија, сензуалноста и одмереноста на Ева Скендеровска, тактичната и дијаболична Благица Трпковска, брзиот влез и менувањето на карактерите, (бравурозниот shapeshifting )на Кристина Христова-Николова, бруталната асертивност на Ангела Стојановска и фуриозната, заразна енергија на Наталија Теодосиева која ја износи претставата како суперлепило помеѓу сите овие впечатливи женски улоги.
Низ петте чина, жените заговараат како да го турнат Законот пред да стапи на сила, работничките полудуваат облечени како млекарки, тие што го даваат нектарот на Земјата, па стариците планираат да го разбудат репродуктивниот систем за доброто на планетата, маскирани како мажи упаѓаат во Собранието за да исползуваат власт, мумии се со забодени фалуси во грб , сѐ додека не се докаже дека и жените, макар биле одговорни, пресметливи и широкогради не се најразумни владетели. Секоја од нив е мала експлозија што пука како преварено јајце, што претекува преполнета со емоции, честопати со рамнодушност, па и покрај разликата во вековите кога ваков исконски текст бил создаден, се чини како ништо да не се изменило во меѓуродовите релации, во секојдневната борба да се стигне до полова рамноденица.
Луцидна и хумористична, реална до коска, претстава која долго ќе се памети поради уникатноста да се создаде контемпорарна уметност на стара подлога. Покрај сѐ ова, актерскиот секстет функционираше со атомска синергија, прецизно и ненаметливо, а сепак провокативно.
Пишува: Јована Матевска Атанасова