Емил Зола- За човечкото и природното
Емил Зола- За човечкото и природното
181 година од раѓањето на Емил Зола, практикувач на натурализмот, впрочем зачетник и водач на овој екстремно реалистичен клан и строг опонент на романтизмот, тој е маркантна фигура во француската и светската книжевност. Неговиот синтаксички спој со борбата за правда и неисцрпната потрага по вистина, ќе бидат клучните столбови за изградба на дела, кои и денес се сегмент од лектирниот фонд на наставата по македонски јазик, поради добрата подлога која послужува за разбирање на општествените промени во минатото, кои бездруго, довеле до развој на самиот литературен правец, на една сеопфатна експанзија на пишаниот збор.
Емил Зола е роден на 2-ри Април 1840 година, во Париз, како син единец на Франческо и Обер Зола. Кога имал само три години се преселуваат во Прованса, магичниот бисер на Азурното Крајбрежје. Опкружен со боженствена живописност, во него се обликува конативноста кон фантазијата, асертивниот приод кон бунтовничката природа, согледбата од дедукција кон индукција, со еден збор ваквата миграција го прави умствено супериорен.
Слаб ученик-силни аспирации
Емил Зола е историски доказ дека квантитативното постигнување не е репер за животен успех. Всушност тој не еднаш, туку два пати го паднал Baccalaureate, кој е еден вид на денешното полагање на матура, кога учениците се тестирале и ги докажувале своите знаења за да станат идни академци. Можеби уште тогаш се појавуваат првите искри на бунт кон општествениот слој на бранители на правдата, кои честопати во служба на класниот поредок ја запоставувале објективноста, па на таков начин бојкотирал, и покрај силната желба на мајка си, да стане еден од нивните редови.
Делата на Зола се меѓу првите психолошки трилери
„Човек-ѕвер“ по својата структура потсетува многу на денешните психолошки трилери и бил меѓу првите вакви книги издадени во XX век, кои доживеале голем тираж и читателска заинтересираност. Стравот, исчекувањето, мистеријата проследени со интроспективниот синдром на раскажување се фрагменти на книжевен интегритет заокружени од мечтаењето на Зола, неостварениот антрополог внатре во него*алудира на англискиот превод на насловот „The beast within“.*
Две номинации за Нобелова награда за литература
Во 1901, Шведската академија на науките и уметностите, решава да го номинира Зола за неговата прва награда за литература. Иако и следната година е номиниран , Зола никогаш не ја добил престижната награда. Неговите номинации не се однесувале на одредени дела, туку за неговиот општ придонес во литературата и генерално, севкупното творештво.
Натурализмот- Дарвинова теорија за природна селекција
Зола бил инспириран од Дарвиновата теорија за опстанок на посилниот и доминантниот, па така ја прилагодил оваа идеја до едно реторско, безнаративно прашање, кое се провлекува низ неговите дела, адаптирано на социјални ситуации. Предаторски наострените ликови имаат силна конекција со природата, со оној анимален отпечаток, па таквата генетика е очигледна во делата на Зола, кои се наметнуваат над послабо обмислените, проѕирни протагонисти, како да станува збор за библиската борба на доброто и злото, на „јас“ и „тоа“, од фројдовска, психоаналитичка гледна точка. Натурализмот ја испитува околината на ликовите, нивната душевност и интроспективни маркери во однос на надворешните фактори, кои сепак се еден симболичен преод кон психолошки бихејвиоризам.
Les Rougon-Macquart
Во оваа дваесет-томна тетратка, која напоредно ги следи животите на две семејства, кои живеат во XIX век во Франција, Зола е во улога на опсерватор и патолог. Тој внимателно ги развива и ги следи последиците по постапките на ликовите, нивниот хедонистички, промискуитетен животен курс, оддаден на навиките и лошите пороци. Преку овие две семејства Зола ја поставува паралелата, ја вивисекцира Франција со разузданоста и бескрупулозноста негувана низ генерациите наместо родољубив мотив.
Пишувањето-негова среќна златна монета
Иако Зола своето богатство го заработил на чесен начин, никнало од неговите водотечни мисли, сепак тој е еден од ретките писатели, за разлика од Буковски, Оскар Вајлд или Eдгард Алан По, кој може да се пофали со солидна заработка добиена од пишување романи и есеи.
Седмиот дел од дваесет-томното творештво го лансира Зола пред очите на јавноста, но и го обелоденува на лихварите и пререкетарските здруженија, кои се грижеле да добиваат постојана финансиска поддршка од имашливите Парижани.
Меѓу другото, неговиот грандиозен дом во Медан, кој скромно би било да го класифицираме во палата, бил познато збиралиште на поети и писатели. Зола издал и серија романи под заеднички наслов „Вечерите во Медан“, каде се вклучени и оригиналните разговори помеѓу групата писатели, меѓу кои и Хajсманс и Мопасант.
Афера Драјфус-почеток на крајот на Зола
Луѓето го познавале Емил Зола по пишаниот збор, но она што го натерало поблизу да се претстави на широките народни маси, била скандалозната афера во француската внатрешна политика, која го наклеветила капетанот Алфред Драјфус дека издавал државни тајни на германските власти. Се докажува дека антисемитистичкиот глас е тој што го обвинува неосновано Драјфус, и иако прогласен е за невин, сепак е осуден на доживотна изолација во затвор во Француска Гвинеја.
Бунтовниот близнак во Зола не успева да го издржи притисокот на неправдата. Во дневниот весник L’Aurore објавува статија под наслов „J’accuse“. Поради својот либералистички и прогресивен став, очигледно контра нацртите на францускиот демократски врв, ја губи титулата од Легијата на честа и своеволно заминува за Англија.
Во 1906 , една година по доброволниот прогон на Зола, Драјфус е соочен со своето злодело, кое не претставува повеќе од лошо осмислена клевета за да се затскрие вистинското злосторство oд предрасуди, со размери кои ја опфаќаат цела државна територија. Овој писмен исказ на Зола, денес поистоветен со право на слободен говор, го маркира засекогаш.
Во 1902 година, францускиот натуралист, писателот Емил Зола е пронајден мртов во својот париски апартман, поради труење со јаглерод моноксид, како последица на неисправна вентилација. Многумина веруваат дека станува збор за заговор и дека големиот, широкоумен Зола е убиен. Сомнежите никогаш не се поткрепени со докази. Но едно прашање фигурира, дали злото препишано на неговите ликови доживеало жива премиера?
Неговите останки почиваат во Пантеонот во Париз, мавзолеј каде истакнати граѓани, преродбеници и политичари се закопани.
Накратко за значајните дела:
1.Нана– глорифицирање на женскиот триполаритет: блудницата покрената од ниските побуди, од еден неразбирлив механизам кој единствено бара задоволување на сопствените потреби; на балансираната личност, домаќинка и мајка, со потиснати желби и скриен крволочник во своите вени; жена која искористувајќи ја слабоста на другите си го воспева сопственото его.
2.Човек-ѕвер Инвазивниот пролог кон романот навестува поинакво поимање на литературата од претходно. Ги воспоставува конекциите со отфрленото, стигматизираното, кон еден инстинкт поттикнат од танатичната страна, менталната казна за разбудениот ѕвер што тлее и чека во човекот.
3.Радоста на живеењето- Ja следи животната трагедија на десетгодишната Паулин, чиишто родители умираат, и таа е доверена и згрижена во семејството Шантоз, роднини од татковата страна. Но иако оптимизмот и желбата за продолжување на животот таму каде застанал откако ги изгубила родителите е голема, околината не се согласува со нејзе сметајќи ја нејзината скромна желба за каприц. Постојаните сопки се подметнати за да ја паднат, но таа гордо се исправа посилна од претходно.
4.Тереза Ракен– злобата пројавена како последица на нездрава, транзиторна страст, забранета љубов, ги носи сторителите до беизлез, до вечна агонија за злосторството, одлична мостра на тоа како работи и функционира супер-егото и грижата на совест.
5.Жерминал– germen(лат.)= сее, ja разработува надежта просеана меѓу групата на рудари за подобро утре, преку главниот лик Етиен, закоравен идеалист, но и наивен до срж. Портретирани се принципите на потценетите работници, на нивната амбициозност да ја истуркаат сиромаштијата како таа да е рударска количка.
Што да погледнете: The life of Emil Zola( 1937), Germinal (1993), Тhirst(2009), The Paradise(2012), Thérèse(2013), Cѐzane et Moi (2016)
Што да прочитате: Emile Zola: A Bourgeois Rebel- Alan Schom
автор: Јована Матевска Атанасова