Моите раскази се мегафон на обезгласените
Моите раскази се мегафон на обезгласените
Минатата година овој период беше актуелен расказот „Пура во Осака“, не само затоа што ја понесе наградата „Живко Чинго“ за 2021 година, туку затоа што ги изложи пречките со кои македонскиот јазик се соочува последната деценија преку уметнички наратив и суптилен, ненаметлив дијалог помеѓу двајца старци, како олицетворение на првобитната постава на Друштвото на писателите на Македонија. Јована Матевска Атанасова не ѝ е непозната на јавноста, и во 2020 година беше лауреат на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“. Насловена по расказот „ Гладоморје“ кон крајот на 2021 година излезе од печат нејзината четврта книга, а прва збирка раскази. Откако ја прочитавме збирката, која изобилува со богата нарација, естетски збор и продлабочени теми, раскази кои се ангажирани околу општествените вртлози но и неслучајно одбрани да создадат една целина, секој со посебен заклучок и предаден како приказна, Елементал оствари интервју со младата писателка.
Eлементал: Кон што се стремиш во своето творештво?
Секогаш барам моментален идеал, исто како и идеја. Претпоставувам, тоа е причина што и зборовите го носат истиот корен. Во моментот тој идеал за мене се потчинетите луѓе кон кои општеството е безсетилно. Сакам да ги истражувам нивните желби и аспекти, аспирации, можеби затоа што и самата се чувствувам како дел од толпата која на ваков или таков начин ја искусила неправдата. Перфекционист сум и се случува едно дело да го пишувам и поправам со години. Од друга страна, немам редослед во приоритетите и умеам да се посветам на нова идеја оставајќи ја старата на половина пат. Сакам да ги поттикнам заборавените вредности кај луѓето, особено кај Македонците- патриотизмот и емпатијата.
Eлементал: Интересен беше одзивот за експерименталната книга „Јас во суперлаТИв“. И корицата и насловот привлекуваат внимание. Па кажи ми нешто повеќе за овој „автопилот за саморазвој“.
Поаѓајќи од фактот дека психолошката литература е крупен залак и не ја носи истата популарна етикета како останатите книжевни жанрови, под ознаката на белетристика, создавањето на ваков ракопис беше и предизвик и ризик. Оваа книга е изострување на менталната диоптрија, преку навидум лесни и забавни проективни техники и цитати кои се градирани и подредени така што ја вежбаат личноста за предизвиците и ја учат да се справи со внатрешните конфликти на заводлив начин, преку пишаниот збор. „Јас во суперлаТИв“ е мешавина на внатрешни нутритивни вредности препорачани од психолозите, преку усвојување на седмични афирмации го заокружуваат месецот. Секој месец има различна намена: иницијатива, спознавање, ослободување, позитивна сугестија, креативност, промени, самодоверба, емпатија, контемплација, ментална хигиена, сонување и разрешници.
Играта со насловот беше уште еден елемент кој заедно со издавачката куќа сакавме да биде впечатлив, изедначувањето на Јас и Ти, во корелација со суперлативот. Самиот наслов зборува за совладувањето на вештината да се поттикне Јас (нашето его) да влезе во чевлите на Ти и така да создаде најдобра верзија од себеси.
Елементал: Добитник си на повеќе награди и се чини дека успешно го цементираш патот за тоа како би требало да изгледа еден добар расказ, дури и би било сосема пристојно да ти се додели епитетот „модерен мајстор на расказот“. Од каде ги црпиш идеите?
Јас сакам да пишувам за она што другите не сакаат. Моите ликови се пато-реални, далеку од една велсова фантастика, од идеализмот и општествената утопија. Сметајќи дека светот е легло на неправди, се обидувам да им дадам глас на оние на кои тоа право им е скратено, па оттаму моите раскази се мегафон на обезгласените.
Eлементал: “„Гладоморје и „Пура во Осака“ се необични наслови за необични приказни. Сместени на различни географски координати, во едниот го поставуваш вечниот проблем со насилството врз жените и нивното угнетување, а во вториот допираш до есенцијалното прашање за изумирањето на македонскиот јазик. Како стигна до Сомалија? Дали во „Пура во Осака“ има некаква скриена симболика?
Пишувањето е вештина еквивалентна на шиењето. Спојување на навидум неспоиви парталчиња мисла. Сомалија беше чиста случајност. Наидов на статија за војната во Сомалија, а претходно сум читала книги за оваа држава и едноставно, го прифатив повикот на инспирацијата. Насилството врз жените е проблем кој нема за скоро да исчезне на глобално ниво, иако има обиди да се избалансираат улогите. Можеби така природата ја создала женската физиономија за таа да ги трпи ударите кои ќе ја челичат емотивната страна, да напркоси на стереотипот ‘понежен пол’.
Од друга страна и „Пура во Осака“ беше случајно избран наслов, од кој верувале или не, започна расказот. Сакав да го искористам топонимот Осака, меѓутоа не знаев како ќе се движи приказната. На крај се одлучив да си поиграм и да го креирам насловот како причина наместо последица на расказот. Така, и самата приказна кога би се вивисекцирала подлабоко, под површинскиот слој, ја открива симболиката на грлото и говорниот апарат со цигарата и патот кој чадот го минува низ телото. Исто како и зборовите.
Елементал: Жири комисијата за расказот „Гладоморје“ во образложението зошто токму тој расказ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2020 година, образложи дека овој расказ е, цитирам : „нов тип на истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење, во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човековии опстојби.“ Колку истражувањето ти помага или одмага во процесот на пишување?
Јасно е дека истражувањето е помошен процес на пишувањето. Без поставен концепт, не би успеал да навлезеш подлабоко од она што го гледа само окото. Но истражувањето ја кочи слободата на приказните во непосредна врска со реалноста. Тоа секако не е случај со фантастичните четива, но роман кој се случува во одреден период и на некоја географска одредница, мора да биде строго во паралела со реалноста. Тука истражувањето игра најголема улога, а имагинацијата е допуштена во кројката на ликовите и настаните. И тука многу автори, намерно или не, потрфлаат.
Таков беше случајот и со расказот „Гладоморје“, пишував за област која на моето око е прилично далечна, а нема ни изобилство податоци кои може да послужат, а се однесуваат на живот во рурална средина и тамошните племенски заедници. Вклучителна беше и политичката и општествената ситуација во Сомалија, која и денес е жариште на немири. Ми требаа неколку месеци истражување, гледање документарци, читање книги, наоѓање достапни интернет податоци од проверени извори, за да го доведам и говорот на Сомалијците пред читателот, барем преку десеттина зборови, за да му дадам доза на автентичност на расказот. Иако звучи контрадикторно, многу е полесно да создадеш средина од нула, отколку да градиш во веќе постоечка.
Елементал: По социјалните мрежи започна рубрика од кратки раскази, под хаштагот „емпатија“ која побуди голем интерес кај читателите. Многумина со нетрпение чекаат некој нов наплив на човечност, излезена под слоганот „Новогодишните празници не се само реклами од Кока Кола“. Што го раздвижи пенкалото за нив? Дали да очекуваме нова збирка?
Живееме во општество кое ги затапува нашите емоции, робуваме на екраните и несвесно се претопуваме во поимот вештачка интелигенција, во кој секако, барем засега, нема место за емотивниот склоп. Излегува дека и ние се движиме со помош на кодови и оставаме единствено дигитални отпечатоци. Па така, сакав да го воскреснам идеалот за емпатијата, уште еден вид на интелигенција за кој наголемо се зборува во последните неколку години. Eмпатијата им е најмалиот заеднички содржател на сите кратки раскази кои се нешто поинакво од она што вообичаено го пишувам.
Оваа одлика или особина е достигнување на денешницата, не само како поим, во пракса сведочиме за апокалиптичното однесување на луѓето. Како психолог почувствував неодложна потреба да ја подигнам свеста за почетокот на сите доблести, а таа почнува каде што расти грижата за другиот, и за жал, погрешно котира помеѓу пошироките маси.
Елементал: Што да очекуваат читателите од твојата последна збирка раскази „Гладоморје“?
„Гладоморје“ го носи жигот на мојата душа, и стилски и содржински. Иако едно време се обидов да избегам од сопствениот стил, тоа за мене беше невозможно како да бегам од сопствената сенка. Затоа, само посилно го прегрнав предизвикот да создавам раскази кои се приказни и сценарија, такви што може да се читаат и сега и по едно десетлетие. Добрата литература треба да биде безременска, да остане за генерациите. Меѓутоа овие раскази не се пишувани за да се разберат секогаш исто, тие се калеидоскопски. Знам колку влијае расположението на читателот и како ја обликува приказната во свеста. Па затоа и мислам дека читателите треба да очекуваат повеќефакторски четива, во кои еднаш главниот лик е негативец, а другиот пат ги освојува симпатиите од прва.
Обрнете внимание на расказите „Магда“, „Психоаналитичарот“, „Видиковец“, „Индигото на бесот“, „Снемаштија“, „Себичната одлука на старицата“, „Бавчата на дедо Драги“. Сите пунктираат одредени цисти во општеството.
Елементал: Дали романот го истиснува расказот? Кога да очекуваме нов роман?
Луѓето живеат во стресен период кога поедноставно им е да се поврзат со неколку ликови кои ќе станат нивно секојдневие сѐ додека ја читаат книгата, отколку да го поминуваат процесот на запознавање-напуштање со секој нов расказ. Ваквата книжевна анксиозност не е невообичаена и му се случува дури и на писателот. Романот е обид да се создаде дело без да се наруши густината на ракописот.
Не би рекла дека активно, но имам приказна која ја пишувам неколку години. Романот „Котелци“ е креиран според вистинска приказна и ја следи приказната на мајка и ќерка и нивната заедничка борба со сиромаштијата и животот после разводот. Би рекла дека ова е приказна создадена да биде прочитана од секој. Уште нешто интересно за приказната е дека се случува во деведесеттите, деценијата кога сум родена и по која чувствувам носталгија.
Елементал: Со оглед на твојата книжевна разновидност, претпoставувам дека не си насочена кон одреден жанр. Но што најмногу те привлекува и како ги одбираш темите?
Никогаш не би можела да се задржам на еден жанр. Мојата мисија е да ги истражувам просторите и можностите, па таа книжевна непостојаност е константа по која кога се движам се чувствувам удобно. Дури и како читател вкусовите ми ‘прескокнуваат’ од перид до период. Ме интересираат многу теми и таа незаситна љубопитност ја носам уште од детството. Не би можела да знам кога и како ќе ми се центрира некој наслов и што во ‘бинго апаратот’ во главата ќе извлечам. Така, еден ден ме привлекува љубовна тематика, додека другиот сум преминала на “темната страна” , и сум се приврзалс за некоја мистерија или окултна идеологија.
Елементал: Имаш ли посебна рутина или процес на креирање?
Конкретно не. За мене рутината е борба за опстанок, со оглед на тоа дека идеите не одбираат место и време кога ќе се појават и нападнат, и не е лесно да им го задоволиш поривот. Јас сум хаотичен писател и никако не сум доследна само на една идеја, мисла или жанр. Сакам да експериментирам затоа што сметам дека на таков начин секоја индивидуа се надоградува. Јас сум слободен ѕидар и си дозволувам да погрешам. Каква игра би била таа без ниту еден автогол, нели?
Елементал: Како се справуваш со писателските блокади и колку се тие чести, имајќи предвид дека 20 раскази се како 20 напишани романи?
Точно е, секој расказ е еден микроуниверзум, компресирана верзија на роман, идеален за читателите кои не сакаат предолго да се приврзат за истите ликови. Убавото во расказот е што го читаш за кратко време, а впечатоците имаат продолжено дејство. Од друга страна, исчекувањето и неизвесноста се скратени, но затоа добар расказ знае да го здрма читателот повеќе и од роман, затоа што тоа е и целта на расказите- да го разложат и изложат проблемот со фиксација на емоциите кај читателот и писателската умешно средена мисла.
Блокадите се присутни и тогаш имам чувство како некој да ги држи моите раце и зборови во заложништво. Се борам исто како што се борам со сезонска настинка, ја пуштам блокадата да помине природно. Тогаш за да ја вратам мотивацијата читам покласична литература или нешто екстремно забавно за да ме насмее. Смеата е отворач на инспирацијата.
Eлементал: Последната збирка раскази “Три во тринаесет” се закити со наградата Книжевен круг за проза за 2022. Рецензентката напишала „Од крајна бизарност, па сѐ до болна и трогателна реалност, збирката „Три во тринаесет“ е хоризонт на кој најчесто судбината на „малиот и обичен човек“ е насликана во најсовршена композиција и во нијанси кои тешко може да ги дофати едно обично писателско перо. “ Што точно застапуваш во неа?
„Три во тринаесет“ е сага во фрагменти за среќата во несреќата ( наслов синхронизиран со броевите и верувањето за нив), затоа што секој од нас треба да го штелува оптимистот во себе дури и кога тлото под нозете се вжештило. Се состои од единечен циклус од тринаесет раскази, кои некако повеќе се насочени кон родољубието, кон пластичноста на човечкото поведение, како бескрупулозноста, деспотсвото, лудилото, девијантноста, eгоманијакалноста, религијата. Но секако и во нив не изостанува прашањето за суштината, за паралелноста зад повлечената линија. А знаеме дека ниту едно прашање не останува без одговорот, зошто инаку би била и точката скриена во прашалникот?
Во збирката „Три во тринаесет“ се вклучени и моите омилени раскази „Багатела“, „Зографот од Голем Град“, „Јужно од Северот“ и „Не зборувај лошо за мртвите“ кој неодамна доби своја аудио верзија на српски јазик.
И како што главниот лик во „Не зборувај лошо за мртвите“ ќе рече „Има ли поразумен човек од оној кој со свеста војува, не дозволува неговите посребрени мозочни клетки да оксидираат? “ така и секој од нас, најтешките борби ги води со себе и за себе. И тука се запознава со својата големина. Од нас зависи дали ќе се гледаме како мали или големи воини во бојното поле на животот.