Крушево ќе го поздрават „Еден маж и повеќе жени“
Крушево ќе го поздрават „Еден маж и повеќе жени“
Крушево е град кој живее за да биде запаметен. Неговата надморска височина, Илинденските денови, но и покрај тоа што е важна и пресудна историска премрежница, Крушево е лулка на големи имиња, родниот град на неповторливиот Тоше Проески. Во него се создава една уметност каква незавидно би посакал секого, млада и избрусена елита на уметници кои творат во своето поле на специјализација. На 17-ти септември, Крушево ќе заживее во боите на театарскиот перформанс кој успешно ја доловува половата различност, која впрочем со онтогенезата започнала од еднополов ембрион. Како се развиваат нашите соништа и желби, зошто розевото е женска боја, а плавата машка? Многу прашања ќе отворат младите забавувачи, кои ќе ве насмеат до солзи.
На 17-ти септември, во 19 часот и 30 минути, премиерно ќе биде изведен театарскиот перформанс „ Еден маж и повеќе жени ”, во старата училишна зграда “ Никола Карев ”, во Крушево, некогаш позната како и Театар Крушево.
Текстот е работен по мотиви на истоимениот драмски текст од Леонид Зорин, чиишто превод, адаптација и режија се на Захарија Ангелеска.Ова е нејзин четврт авторски проект и за прв пат ќе биде поставен не само на театарската сцена во Македонија, туку и на сцената во ново реновираната и повеќе наменска зграда, која е предвидена за Младински Културен Центар во градот Крушево.
„Еден маж и повеќе жени ”, е претстава која ве поканува во светот на Гарунски, маж кој е зашеметен од низата изненадувања кои му ги приредуваат жените околу него. Создадени од истата природа, жени обединети, кои постојано се менуваат – една е премногу обична, друга премногу вознемирена, една премногу добра, друга премногу авторитетна, трети очајни или неизлечиво романтични, успеваат да го трансформираат Гарунски во мажот на денешницата. Тоа е една константна борба помеѓу половите – тема која потсетува на разноликоста и спектарот на нивните мисли и дејствувања.
Но, ако некогаш беше актуелно дека мажите се од Марс, а жените од Венера, денес ќе се запрашаме од каде всушност доаѓаат нашите битија и на што сé се спремни, за да остават трага во историјата на своето постоење. Оваа претстава преку нејзината едноставност ќе ви ја долови деликатноста на прашањето „Што сум јас? “.
Играат: Михајло Миленкоски, Захарија Ангелеска, Аница Бебиќ
Костими/Илустрации: Маја Џеповска
Музика:Оливер Јосифовски
Видео запис: Димитар Колонџоски
Аудиовизуелен техничар: Гоце Веселиновски
Дизајн: Никола Велков
Фотографија/Проекции: Андреј Рујаноски
Светло: Игор Велески
Тон: Фани Ристеска
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Посебна благодарност и до Општина Крушево на безрезервната поддршка.