40 години ИФФК Браќа Манаки преточени во монографија
Историски фотографии од фестивалските церемонии, настани, написи во печатените медиуми. Сета оваа историја на најзначајниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ преточена во монументална монографија по повод 40 годишнината од неговото основање.
Печатената монографија претставува збир од многубројни фотографии направени во текот на годините во кои фестивалот „Браќа Манаки“ прерасна во вистинска институција во редот на фестивалите за филмска камера во светски размери.
Во ексклузивната монографија се поместени фотографии од фестивалот, настани, тркалезни маси како и написи објавувани во печатените медиуми. Со оглед на значајот и популарноста на фестивалот, монографијата е двојазична, македонски и англиски јазик.
Свои текстови во монографијата имаат објавено Џевдет Тузлиќ, уредник на програмата за култура на националната телевизија на БиХ, актуелната директорка на фестивалот, Гена Теодосиевска, поранешниот директор и сегашен селектор на фестивалот, Благоја Куневски-Доре, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотека на Македонија, Душко Димитровски-новинар и критичар од Сараево, хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографи, Пол Рене Ростад, претседател на Меѓународната федерација на кинематографи како и Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана.