“Патишта на хероите” со 12 кратки поетско документарни филмови
“Патишта на хероите” со 12 кратки поетско документарни филмови
Патишта на хероите (www.thewaysoftheheroes.com) е меѓународен проект кој тематски за занимава со екологијата и чувањето на животната средина низ призмата на различни уметнички области – театар, документарен филм, перформанс во јавен простор, визуелни уметности и литература за деца. Партнери во проектот се 7 организации од 6 земји: Македонски Народен Театар (лидер на проектот) и Издавачка куќа Гаврош (Северна Македонија), Ехо Анимато (Србија), La Dramaturgie (Италија), LOOP (Грција), Студио Театар (Босна и Херцеговина) и Центар за истражување на уметноста на актерството (Словенија).
Односот на човекот и животната средина е централна и исклучително важна тема на нашата генерација. Проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Низ 12 кратки поетско – документарни филмови кои го претставуваат придонесот на „обичните луѓе“ во заштитата на животната средина и така чекорат на Патиштата на хероите, сакаме да ја мотивираме заедницата да дејствува.
Ехо анимато, организација од Белград, подготвува 12 филмови за поединци кои спроведуваат значајни еколошки практики во секоја од земјите партнери на проектот. Идејата е низ филмови да се понудат различни начини на влијание кон подобрувањето на животната средина кои се достапни секому, а кои имаат огромно влијание на глобално ниво, за целокупната заедница, а сето тоа низ поетски и уметнички пристап.
Секој месец од јули 2021 до јули 2022 по еден филм ќе има премиера на YouTube каналот на проектот „The Ways of the Heroes“.
Првиот филм е портрет на Драгана Катиќ, активистка од областа на животната средина, иницијаторка и основачка на Trash Hero Beograd и Trash Hero Serbia.
„Можеби не можам да донесам некои значајни промени во светскиот поредок, ама во овој мал парк, еве тоа можам‘ (Драгана Катиќ)
Режисерка: Ана Константиновиќ
Сценаристка: Тамара Барачков
Директор на фотографија: Милован Илиќ
Монтажерка: Марија Ковачина
Композитор: Јоргос Дусос
Асистент на режисерката: Жељко Максимовиќ
Колор корекција & снимки со дрон: Иван Николиќ
Продукција: Ехо анимато, јули 2021
Проектот е кофинансиран со средства на Европската Унија од програмата Креативна Европа, а снимањето на филмовите го поддржа Министерството за култура и информирање на република Србија, како и Секретаријатот за заштита на животната средина на Град Белград.