Интервју со Тони Зен – Ако имам избор бирам тишина
Интервју со Тони Зен – Ако имам избор бирам тишина
Веќе повеќе од година секојдневието ни е окупирано од страв и барање начин да се остане здрав, физички, но и психички. И во 21-виот век сите сме ставени на тест и безброј недоумици кои на крајот на денот сепак стивнуваат со потсетување дека добрата мисла е еднакво важна како и лекот. Воздржувајќи се од панично презентирање на патењето по музички уживања во живо, а како би ги размрдале сивите клетки, денес разговараме со Тони Зен – момче од соседството кој со исклучителна спонтаност и урбан рап стана легенда и национален музички херој
Тони, драго ни е што одвоивте време за овој разговор.
Елементал: Разговорот би го започнале веднаш и со прашање кое нам ни се чини за неизбежно: Што е ваш животен зен? Полесно се преживува Survivor или македонска плата?
Тони: Зен е пракса, метода која сите треба да ја применуваме, без разлика на пол, вера, учење и слично. Низ таа пракса ние се спознаваме себе си, а спознавајќи се себе си, го спознаваме и самиот живот, бидејќи ние сме животот. Не живееме нешто што е од страна туку токму ние сме животот. Јас интензивно работам на себе си и живеење во состојба која за мене значи мир. Во однос на преживувањето, дефинитвно полесно се преживува Survivor. Македонската плата е многу, многу потешка за преживување бидејќи живееме во земја на политичачи и играчи кои не работат како бавча.
Елементал: Веројатно важите за артист со најголема промена на имиња на македонската сцена. Започнавте Кире Даскалов, продолживте со Тони Монтана, кулминацијата ја доживеавте како Тони Зен, а во суштина сте Тони Петковски. Ваквата еволуција е повеќе револуција на една личност, па би сакала да знам кои карактерни особини го красат секој од горенаведените и што најмногу сте денес?
Тони: Прво диџејско име ми беше З’мба. Тоа е име по татко ми. З’мба бев на неколку летоци во 2001, 2002 година. Кире Даскалов како податок постои на интернет и да бидем искрен не знам од каде доаѓа нити кој го запишал како така. Бев Тони Монтана, бев и Тони П (Пи) како име и првата буква од презиме, секако бев и сè уште сум и Тони Зен. Тоа е е она кое најдолго трае и најмногу ме одсликува. Секако, секое од наведените ја носи оригиналната жичка и она што сум јас, а она што стои како дополување е епитет, надимак кој обележал одреден период. Од оваа гледна точка, Монтана е нешто за кое никако не би се врзал, туку како надимак тоа се врзало од зезање. Зен е она што најмногу се задржа и она со кое се поистоветувам. Тоа сум практично јас.
Елементал: Ако се вратиме наназад кон средношколските денови, спортот е квалитетно градиво за кое слободно можеме да кажеме дека има сериозни влијанија врз карактерно обликување. Колку Вие извлековте од кошарката и зошто го напуштивте теренот на тинејџерските амбиции?
Тони: За жал повреда. И тоа сериозна повреда која потполно ме оттргна од таа насока. Во буквална смисла ми беше кажано дека не смеам да продолжам. Одреден период терав инаети повторно се трудев, но беше навистина болно. Но сигурно е дека спортот има сериозно влијание врз карактерното обликување. И тоа не се заборава. Духот на спортот со кој си научил да живееш не исчезнува. Мене и денес знае да ме зафати сериозно чувство дека ми недостасува спортот, ми пречи кога не сум спортски активен, особено кога ќе се навлечам на нездрава навика.
Елементал: Како падна изборот на рап музика? Имавте ли некои претходни афинитети или едноставно проработи хемијата кон оваа интермедијална гранка на музиката и поезијата?
Тони: Во тие рани 90 години, беше многу акттуелно да се слуша хеви метал, хип-хоп и рап секако. Јас многу слушав и тоа едноставно некако се налепува, односно се навлекуваш како на потреба. Дополнително, татко ми мѝ купи еден хип-хоп албум и веќе тоа беше тоа.
Елементал: Рапот како правец е познат по своите екстреми: или е невкусно редење на псовки, или е цензуриран до текст за детска песничка или, според мене, онаа најубавата варијанта каде исчезнува вулгарноста и преминува во нежна „марчелистичка“ елоквентна поезија поддржана од музички перформанс кој пренесува суштински пораки. Што преовладува на македонската рап сцена и кој е клучот за прогресија на истиот, како правец и како квалитет?
Тони: Рапот е сè тоа. Апсолутно. Се и сешто. Рапот е буквално опишување на нештата како што ги чувствуваш, спакувано во оригиналните формулации кои ги говориш баш на прва. Јас одамна и комплетно се оттргнав од погрубите текстови затоа што мојот начин на живот, спиритуалноста кон која се стремам и секако созревањето ми дозволуваат избликот на инспирација да го спакуваам во нешто подобро. Во однос на прогресијата, рапот како правец живее во нашата земја. Има сериозно добри дечки кои одлично си ја работат работата. Она што за жал е тешко е што рапот како музика тешко може да излезе од границите и да се слушне надвор од нашата земја, а тука секако најголема улога игра јазикот односно јазичната бариера во случајов. Нормално е она што го слушаш да сакаш да го разбереш.
Елементал: За жал сведочиме на ера на дигитализација, која како искусен Тројанец навлегува во секоја сфера. Каков е вашиот став за рапот под влијание на auto-tune? Зборуваме ли за квалитет, транзитна мода или оттргнување на рапот од своите корени?
Тони: Со модерните алатки произлезени од супер забрзаниот развој на технологијата, многу е важно како се употребуваат во однос со музиката, употребата на auto tune премногу во хип-хопот, трапот, или воопшто во музиката, е недостиг на квалитет, креативност и бркање или следење на трендови, избор е, не можеме да кажеме дали е лошо или добро. Сепак, благодарение на таквиот пристап, се препознаваат и се одвојуваат оние кои навистина ја сакаат музиката од оние кои ја манипулираат по секоја цена поради трендот.
Елементал: „Од изворот на изборот“ е Вашиот последен албум кој нам ни личи на посветено свртувањето кон најдлабокото Јас. Што носат таквите копања низ најдлабоките дамари на мислите и чувствата, галама или тишина? И во што повеќе уживате?
Тони: Апсолутно, „Од изворот на изборот“ е свртување кон јас, кон моето јас. Спиритуалноста и навежбаноста да знаеш да се свртиш кон себе си е сериозен и долготраен процес на кој јас работам години наназад. И можам, без оглед што се случува околу мене, јас апсолутно можам да се сконцентрирам само на себе си. Што повеќе ми годи?! Тишината дефинитивно. Иако генерално не ми пречи ни галамата. Јас живеам динамично, работам работа која прави галама, секојдневието е галама. Таа е составен дел од животот и апсолутно не можеме целосно да се истргнеме од неа. Но ако имам избор, секако бирам тишина
Елементал: Caution! Внимание! Следува најсмртоносното прашање за машкиот вид: која улога е покомплексна да се биде татко или да се биде сопруг?
Тони: Тоа се две улоги кои се љубов а сепак се драстично различни. Да се биде сопруг е порелаксирано, да се биде татко е одговорно. Тоа е една сосема поинаква улога. Кога се работи за дете перцепциите, одговорностите, реакциите се сосема поинакви. Различно е и потешко е да си татко, но сепак е убаво. А убаво е затоа што е љубов.
изработил: Јована Матевска Атанасова