“Идиот” од Ф.М.Достоевски – препорака од Звездана Ангеловска
Не сметам дека оваа книга е задолжителна за оние на кои не би им била интересна, корисна или пак за оние кои не сакаат длабоко да се занимаваат со важните филозофски, психолошки, духовни и општествени прашања кои го засегаат човечкото битие.
Затоа пак, оваа книга ја препорачувам токму за оние читатели кои имаат желба, љубов, волја, да проникнат подлабоко во човечките појави, такви какви што се, каде што одлично се исцртани сите ликови во едно општество, каде можете како читател да направите транскрипција, во денешното или кое било друго време и да се соочите со истите.
Но, откако ќе ја прочитате книгата, сознанијата за човечкиот род, љубовта, моќта, егзистенцијата, човечкиот идеал, заедно со страдањата, ќе сфатите дека ќе треба поинаку да ги рашифрирате и дека тие кодови, со кои секојдневно сме се соочувале, не биле доволни, зашто човечкото расудување не е толку големо или пак се чини дека залудно мисли дека е моќно, зашто сепак одговорите лежат во самата природа, или ако сакате, во самата природа на нештата.
Препораката всушност се состои во тоа што ќе можете барем појасно да ги согледувате или препознавате луѓето, појавите и сл. И да ги класифицирате токму во која категорија тие припаѓаат, без да ви се создава порано или подоцна конфузија, туку напротив, реално да ги видите нештата од поинаков агол, па макар и апсурден, заедно со крајно болна емоција, но сепак духовно ќе бидете позрели и посмели, за на Доброто да кажете-Да, а на Лошото да кажете-Не.
Тајната е во тоа што ние во зададениот момент, заслепени од нечија моќ или поточно кажано, престрашени да се спротивставиме на нечија моќ, се самопорекнуваме и газиме по нашата чиста душа со кал, се задушуваме во истата таа кал, се самоодрекуваме од сопственото јас, како и од правото да имаме слободен свој простор. Тој простор е нашиот свет, светот во којшто сме се родиле, т.е. не родиле, на кој имаме единствено право да бидеме слободни, а не заробени во окото на помоќните.
И за крај, секако се отвора прашањето за Вистината, Илузијата, Правдата, Моралот …
Ќе се навраќате честопати на оваа книга, во различни периоди од животот, можеби како мене, но кај мене секогаш одговорот е 2+2=5.
Можеби некој ќе го добие точниот одговор, но јас сепак почнав да имам почит кон сопственото незнаење кон природата.