Игор Крајчев, поет на неделата според британскиот “The Poet Magazine”

Неделава која ни претстои ќе биде во знакот на македонскиот поет Игор Крајчев. Британскиот престижен поетски магазин „The Poet Magazine” го прогласи нашиот поет за Интернационален поет на неделата, рубрика во која магазинот се осврнува на некои од најталентираните поети од целиот свет, прикажувајќи една убава мала селекција од нивните дела.

За Крајчев, признанието доаѓа во најубавиот ден од годината за поетите од целиот свет, 21 март, Светскиот ден на поезијата.

Магазинот на својата официјална веб страна има објавено 5 поеми од нашиот поет, објавени на англиски јазик. Таму може да се прочитаат поемите „Midnight Song“, „My Circles“ , „Life is a game of chess“, „Man with prejudice“ и „One-winged flyers“.

Именувањето на Крајчев како интернационален поет на неделата во престижниот поетски магазин се случува непосредно по излегувањето од печат на неговата најнова книга „Лудило.Писма.Откровение“ која е во издание на „Матица“, со предговор на Венко Андоновски и поговор на Кристина Николовска.

Инаку Игор Крајчев е наш поет, писател, литературен критича и истражувач. Зад неговото име стојат објавени три збирки поезија „Реалности“, објавена во 2005та година, „Круг-Полукруг“ објавена во 2015та и „21“, збирка поезија објавена во 2019та година. Покрај овие поетски остварувања, Крајчев е автор и на два романи „Воини и херои“ кој има две свои изданија како и „Три секунди“ објавен во 2009та година. Покрај своето поетско влијание, Крајчев е голем поборник за поголемо етаблирање на поезијата во нашата земја, тој е основач и организатор на онлајн поетскиот фестивал „United World of Poetry”, на кој учество земаат некои од најпознатите поети на денешницата. Воедно, Крајчев е добитник на некои од најпрестижните поетски и литературни награди во земјава . Добитник е на високото признание на град Велес – Деветоноемвриско признание за заслуги од областа на литературата, „Прозни мајстори“ за второто издание на романот „Воини и херои“, наградите „Книжевен круг“ од Битолскиот книжевен круг, наградата „Празник на липите“ за најдобра песна, a во 2016 година ја добива наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор на Струшките вечери на поезијата.

автор: Мишел Наумоски