Најдобрите скандинавски трилери во Антолог (1)

Дали скандинавците ја имаат најдобрата катедра по криминологија, или нивното атмосферско студенило е во права линија со ладните оружја и врелите убиствени заплети?       

Скандинавците ја наметнуваат извежбаната дарба произведена од точен сооднос на мистерија и ерудиција, преку експериментирање со најбараниот литературен жанр во 21 век.

Легурата од тензија и зголемена сетилна надразнетост кај читателот е најдобрата извезена суровина од Скандинавскиот Полуостров. Сигурдардотир, Нордфјорд, Фосум, Адлер Олсен, Хег, Бјорк се само дел од презимињата кои парадираат низ листата на писатели кои успешно ја отсликале свитливата снага на човечкиот разум.

Можеби сѐ започнало по бескрупулозниот крал на Данска кој соочен со желбата за одмазда прераснува во синоним за психопатолошка опсервација, со Хамлет? Интригите и мрсните заплети, грозоморствата и заплетени клопчиња од гнев и лудило?

Ги одбројуваме шеснаесетте најдобри трилери во издаваштво на Антолог книжевен центар, кои ќе задоволат сечиј книжевен апетит.

Ножот на Аврам – Oтар М. Нордфјорд


Goodreads:3,05
Земја: Исланд

Нордфјорд е познат и како скандинавскиот Ден Браун. Во 2008 година бил номиниран за наградата за најдобра исландска криминална фикција.

Книгата „Ножот на Аврам“ започнува со убиството на Пол Фајлер, академски специјалист за теологија. Пред да биде убиен успева да напише криптирана порака која содржи стихови од пророштвата на Нострадамус и да ја адресира до својот колега, ирскиот академик Џејмс Донели кој присуствува на истата конференција со Фајлер. Дејството се случува во пост-периодот од 9/11 нападите во Њујорк, со непријателската тензија помеѓу Христијаните и Муслиманите. Тајната поради која умрел Фајлер е голема и разорна, во бркотницата на решителниот и праведно завојуван Донели се вклучува и ЦИА.

Книгата е вистинско освежување за фанатиците на трилери поткрепени од историски факти, слични на мајсториите на Ден Браун, Џефри Арчер, Стив Бери, па дури и Роберт Ладлам. Склопена според препознатливиот пишувачки стил за скандинавските трилери, со превртливи моменти на мистерија и акција, е дело кое заслужува да се најде следно на листата за читање. Нордфјорд е остар и со своето прецизно перо сечи како поларен ветер.

Во мракот- Карин Фосум

Goodreads: 3,56
Земја:Норвешка

За Карин Фосум, Ју Несбе носи пофални зборови, препознавајќи го нејзиниот талент и возвишен писателски ум . Фосум ги спојува воодушевувачките пејсажи со човекото лудило до таков степен на подреденост што невозможно е читателот да не се навлече на нејзиниот пишувачки вез.

Првата книга од серијалот за инспектор Конрад Сејер на Фосум ѝ донесе редици обожаватели и распродадени тиражи уште во предпродажба.

На идилична и секојдневна прошетка со својата малолетна ќерка Ева Магнус открива труп кој испливал на површината.

Задачата му е доделена на инспекторот Сејер, принципиелен и успешен детектив, кој случаите ги решава со помош на самодовербата која му ја даваат цигарите и вискито да го истурка крајот на денот. Телото по обдукцијата открива мрачна тајна, Егил доживеал насилна смрт. Трагите остинале и изгледа речиси невозможно доказите и приказната на лешот да го одведат детективот до адресата на немилосрдниот убиец.

Но се појавува и нов елемент во случајот, папка со нерешено убиство на масата на Сејер навестува сличности со убиството на Егил.

Нејзините книги се адаптирани во сценарија и тоа не само од домашна филмска продукција, од кои највпечатливо е остварувањето од 2002 година кога излегува филмот работен според книгата „Кога ѓаволот ја држи свеќата“, според четвртата книга од серијалот за инспекторот Сејер, со фантастичен рејтинг од 7,3 според IMDb.

Стилот на Карин е игрив и двосмислен, бара концентрација и целосно насочено внимание за асоцијативното мислење да го спои почетокот со крајот на романот-загатка.

Во сенката на злосторот -Хелена Хеншен

Goodreads: 3,56
Земја: Шведска

За книгата не е доволно да се напише дека е раскажана според вистински настан или дека вклучува познат законодавец на местото на жртвата. Или пак дека писателката била индиректен очевидец во настаните кои заземаат учество и уште ја потресуваат Скандинавија како немирна почва после земјотрес.

Познатото семејство Фон Сидов во 1932 година доживува сценарио за кое не ни сонувало. Студентот по право, Фредрик го убива својот татко безмилосрдно удирајќи го со железна прачка. Начинот на кој му го одзема животот во форензичката наука е непобитен доказ за наталожен гнев. Но покрај татко си, Фредерик ги убива и двете слугинки. За кратко успева да избега со својата сопруга Софи, но кога полицијата ќе ги пронајде во хотел во Упсала, Фредрик уште еднаш и за последен пат го повторува делото, ја убива сопругата пред да се самоубие.

Семејната мистерија останува парче наследство од кое секој потомок во лозата се одрекува. Токму аристократската нишка на Фон Сидов ја прави сторијата повеќе фиктивна од веројатна, ваков злосторнички ген не се пренесува во високо едуцираните семејства. Хеншен со години се обидува да ги оправда постапките на својот вујко. Но може ли човек да се помири со крв пролиена од истата крв?

Околу ова неразјаснето убиство се напишани и изведени неколку театарски претстави непосредно по несреќата, и во 1985 година е прикажан филмот „Игра на сенката“ во режија на Ингвар Скогсберг.

Наградена со наградата на читателите на списанието „Ви“ и со Наградата за литература на Европската Унија во 2009 година, „Во сенката на злосторот“ е есенцијално четиво во кое не ќе ги разграничите мотивите од последиците.

Последниот ритуал – Ирса Сигурдардотир

Goodreads: 3,59
Земја:Исланд

За страстните познавачи на скандинавски трилери, презимето на Ирса не е непознато, ниту е комплексно за изговор , кога би се зела во обзир  исландската антропомастика на структурирање на презимиња. Ирса станува бренд на литературната сцена кој не е лесно да биде симнат од тронот, зашто и тогаш се враќа посилна од претходно, со ново остварување.

„Последниот ритуал“ е трилер за јак желудник. Уште еден предизвикувачки случај во кариерата на Дора Гудмундсдотир кој го заледува крвотокот како да е здивот на смртта.     

Имено, телото на млад студент е осквернавено до степен на непрепознатливост: по кожата се врежани чудни симболи, а очите му се извадени. Дора е ангажирана од богатото семејство на починатиот студент поради нејзиното познавање на германскиот јазик, но и врските на исландско потекло. Истражувајќи таа ќе дојде до фрапантно сознание за опсесијата на студентот со исландскиот лов на вештерки, истовремено и дека зад параванот на невиност се одигруваат вистински претстави на морбидност и дивјачко нечовештво.

Ирса успешно ги спојува историјата со фикцијата, внесувајќи ја мистериозната Malleus Malleficarum или „Вештерски чекан“, најпознатиот трактат за вештерството, кога и да било напишан.

Првата книга од серијалот за Дора Гудмундсдотир, напишана во 2005 година, е и нејзино првенче кое ѝ донесува инстантна светска слава, и добива превод на повеќе од триесеттина јазици.

автор: Јована Матевска Атанасова