„Доба на кожата“ – есеи со секогаш актуелна тематика

Една од најинтересните и најважни авторки од овие простори, Дубравка Угрешиќ, по потекло од Хрватска (иако самата сака да ја избегне етикетата „хрватска писателка“), галопирачките есеи поместени во збирката „Доба на кожата“ ги пишувала во периодот од 2014 до 2018 година, а некои претходно ги објавила и по светски публикации и портали (од полски дневни весници до американски списанија). Она по што таа посегнува во овие есеи е метафората на карневалот.

„Во нашата дигитална доба самиот живот се доживува како карневал, и затоа нема издишка додека карневалот трае. Исцрпени луѓе се кезат од селфијата и по милионити пат ја репетираат својата среќа“, пишува Угрешиќ за сите нас што сме се соединиле со своите дигитални аватари и играме по екраните на лажливото заднинско светло.

Некои од најопасните актери на балканската и на меѓународната општествено-политичка сцена Угрешиќ ги гледа како морничави кловнови што со евтини трикови ја збунуваат јавноста, предизвикуваат когнитивна дисонанција, дисторзија на перцепцијата. Тие „го прават театарот“. Во општеството на симулација, вели Угрешиќ, важно е да се биде уверлив, да се цели на чувствата, затоа што до нив се држат сите, а особено оние за кои би се рекло дека воопшто ги немаат.

Книжевноста, политиката, културата на секојдневјето и сопствените сеќавања и искуства совршено се испреплетуваат во есеите на Дубравка Угрешиќ, а „Доба на кожата“ не е исклучок. Може ли кожата да послужи како уметничко дело, што се случува со доселениците на Запад, каква е улогата на уметноста и на книжевноста и како тоа темата за чистиот хрватски воздух секогаш е актуелна – се само дел од прашањата што ги поставува книгата.

Во овие шеснаесет есеи Дубравка Угрешиќ со горчлив хумор и многу културолошки референции, секогаш покажувајќи ги сите лица на најопасното животно на светот – човекот – се обидува да го сфати денешниот свет и ги преиспитува своите и нашите соништа, среќата и стравовите. Ставот на Евгениј Замјатин дека вистинска книжевност можат да напишат само ретки – „лудаци, пустинци, еретици, сонувачи, бунтовници и скептици“ – го усвоила и Угрешиќ.

„Доба на кожата“ нè тера и самите да зачекориме на почвата по која одат ретките.