Музиката има неспорна моќ да утеши, воздигне, поврзе и инспирира.
Ви ја сервираме како противотров на секојдневниот страв, пад, одземените прегратки и насмевки.
Виртуозот на басот, со гласниот и упорен звук ќе го обзнани своето присуство и на овогодинешниот Скопје Џез фестивал, но овојпат-виртуелно.
Вилијам Паркер заедно со гитаристката, пејачка и композитор Ејва Мендез и тапанарот Џералд Кливер ( Вилијам Паркер Трио) дефинитивно ќе не поврзе со светските текови на џез музиката.
Г-динот Паркер е малку постар од музиката што ја познаваме како слободен џез, но сепак, како ,,слободен играч,, повторно и повторно ја редефинира џез-импровизацијата.
Неговата музика инспирирала голем број на музичари од слободниот џез, но и на класично обучени музичари.
Тој, како татковска фигура им има дадено голем број на животни лекции, како и мудрости за музичката техника:
“Тишина е нешто што треба да научите да го почитувате. Фокусирајте се на прекинот помеѓу тишината и звукот додека почнувате да свирите, без да се обидувате да ја пуштите музиката што мислите дека ја знаете. “
“Да се знае кога да се игра и кога да не се игра е прва, а можеби и најважна лекција за импровизаторот. Само тогаш, музичарот може да започне да се фокусира на звукот, техниката и структурата”.
На овој начин, потсетува на легендарните водачи на бендови како Дјук Елингтон, Арт Блејки, Бети Картер и Мингус, почитувани наставници и посветени музичари, чии бендови биле своевидни универзитети на легии џез музичари.
И затоа, вечерва, со нетрпение го очекуваме таму каде што најдобро инспирира- на џез сцената.