Наспроти илијадниците живописни, неонски фотографии од Токио, изминатава декада се појави уникатна црно-бела и дефинитивно панк-рок визуелна документација на најголемиот град во светот. Првично како хоби во 2008 година, Татсуо Сузуки почнува да ги замрзнува инстинктивните емоции на случајните минувачи и како секој уличен фотограф се обидува да ги предвиди убедливите решавачки моменти.

Повеќе од една деценија Сузуки го документира животот на улиците на Шибуја, Шинџуку, Коенџи, Јококама, Ота и Готанда креирајки портрет на современо Токио. Но, градот е таму некаде во позадината. Во фокус се портретите, продорни и таинствени; на повеќето од субјектите може да им се почуствува и здивот што ги прави интимни, а погледот кај повеќето укажува дека Сузуки за моменти им ги прекинува мислите. Диверзитетот на луѓето е разнобоен иако самите фотографии се црно бели.

Фотографиите на Сузуки се секако лична документација на напнатоста и затегнатата атмосфера својствени за родниот мегаполис.

автор:СГ