Румена Бужаровска (р. 1981, Скопје) е една од најчитаните писателки во Македонија и во регионот. Нејзината книга Мојот маж досега имаше шест изданија на македонски јазик.
Во февруари годинава, ансамблот на Драмскиот театар во Скопје во режија на Нела Витошевиќ, ја постави драматизацијата на расказите на јасен модерен театарски јазик притоа поставувајќи ги гледачите пред огледалата во сопствените домови-соочувајќи ги со самите себе.
На репертоарот на Словенечкиот народен театар – Драма Љубљана истоимената претстава се играше во текот на октомври и е предвидена да се игра целата наредна сезона. Режијата на претставата е на словенечката режисерка и писателка Ивана Ѓилас, која заедно со преведувачката и драматург Ана Душа ги адаптира расказите на Бужаровска за театарската сцена.
Збирката раскази Мојот маж содржи единаесет раскази, кои се раскажани во ich – форма на нарација, која создава поинтимна врска помеѓу ликовите и настаните, притоа на читателот овозможувајќи му да ужива во единаесет интроспекции на жени кои сите ние можеме да ги препознаеме во нашата околина. Автентично раскажувајќи во прво лице, секоја од нив ја слика својата реалност и моќно ја доловува положбата на жените во јасно определен географски контекст-Балканот. Можеби оттука произлегува идентификацијата на жените од овие простори со ликовите во расказите и големата популарност на книгата.
Пишаното слово на Бужаровска е едноставно и непретенциозно без премногу украси и сентименталности, умешно користејќи ја играта на хуморот и трагедијата. Оваа динамика на смешно-тажно, кратко-долго овозможува полесно читање на, како што ќе каже самата авторка „долгите и тешките раскази“, кои иако наместа предизвикуваат грутка во грлото, жедно се голтаат до последната страница.
Ликовите градат односи кои честопати се табуизирани во јасно дефиниран општествен контекст раскажувајќи ни за мажи и жени, љубовници, роднински односи, односи на родители со деца и се она што се премолчува или за кое многу малку се зборува: сопствените стравови, слабости, стереотипи, тајни, копнежи и фрустрации, животот и смртта.
Со ова книга раскази, Бужаровска се претставува како аналитичарка која со ласерски фокус прави вивисекција на луѓето и нивните лични приказни и искуства, создавајќи искрен, реален и на моменти суров дискурс од кој вреска констатацијата дека “мојот маж” е и “твојот маж”.
автор: МАНА