Во издание на Факултетот за драмски уметности – Скопје излезе од печат книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски. Книгата ја приредиле Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, а дизајнот е на Сергеј Светозарев. Авторите на предговорот и поговорот се проф. Мими Таневска-Србиновска и Владо Ѓорески-Рафик.
Театарските белешки се избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции кои го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик. Во таа смисла, книгата е значајна и за проучувањата на македонската театрологија, како и за историја на македонскиот театар.
Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарска претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студенти по театарска уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот.
Владо Цветановски заврши интермедијална режија на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на проф. Боро Драшковиќ, еден од најпознатите режисери во поранешна Југославија. Долги години работи како професор по Актерска игра на Факултетот за драмски уметности-Скопје. Еден од неговите значајни ангажмани на ФДУ беше и оживувањето на Академската сцена. Има режирано околу пеесет претстави во македонските театри и во просторите на поранешна Југославија, а неговите претстави учествувале на сите позначајни фестивали (Стеријино позорје, МЕСС, Војдан Чернодрински, Ристо Шишков), каде високо биле вреднувани. За одбележување се и гостувањата на неговите претстави во Белград, Нови Сад, Софија, Сараево, Париз, Петроград, Каиро, Кан. Режисер е и на играниот филм „Тајната книга“, кој е прикажан на повеќе меѓународни филмски фестивали.
превземено од МИА, Мирјана Чакарова