Џулија Мајклс – непосредна поп дива и кралица на текстови
Искрена, непосредна и неверојатно талентирана. Тешко е обично да се опише некој со само неколку зборови, дотолку што тие зборови имаат веродостојност и во приватниот и професионалниот живот. Џулија Мајклс е нејзиното уметничко име иако потекнува од мешано мексиканско-порториканско семејство. Таа е неверојатен текстописец, и како таква ја започнува својата засега кратка, но исклучително богата кариера.
Родена како Џулија Керин Кавазос, во Ајова, САД, таа заедно со своето семејство се преселува во Санта Кларита во близина на Лос Анџелес каде нејзиниот татко Хуан Мануел, подоцна Џон Мајклс се обидува да успее како актер.
Џулија Мајклс пее од својата дванаесетта година. На само свои 14 години се запознава со текстописката Џолин Бел со која ја пишуваат насловната нумера на американската комедија „Остин и Али“ и други песни наменети за телевизиски шоуа и филмови. На 19 години се запознава со текстописката Линди Робинс со која ја пишуваат нумерата „Fire Starter“ за Деми Ловато и „Miss Movin‘ On“ за Фифт Хармони.
Мајклс ужива огромен успех со нумерите кои ги пишува. Некои од најпознатите поп хитови во изминатите неколку години се нејзино дело. Дел од нив ги вклучуваат „Sorry“ на Џастин Бибер, „Lose you to love me“ на Селена Гомез, „Dive“ на Ед Ширан, „Used to Love you“ на Гвен Стефани, „Heavy“ на Линкин Парк, „Close“ на Ник Џонас и Тов Ло и уште многу други.
Таа важи за една од најважните текстописци во моментов, пишувајќи текстови за различни артисти од различни жанрови. Нејзиниот стил е исклучително карактеристичен. Текстовите и се исклучително интимни, реални, а поетската убавина најмногу се согледува во тоа колку секојдневни се темите на кои пишува, вклучувајќи животни разочарувања, лоши љубови, предрасуди.
Во многу од нејзините интервјуа таа постојано повторува дека тоа е нејзината најважна цел, слушателите да се препознаат себеси или дел од своите животи во нејзините песни. Според неа, за една песна да биде успешна, мора да произлезе од реалноста, од секојдневијата.
Ова е формула што таа секогаш ја применува во нејзините сопствени песни.
Во 2017-та година таа го објавува својот прв сингл „Issues“. Според неа, читајќи ги зборовите од овој сингл се почувствувала толку интимно себеси сфаќајќи дека не сака никој друг да ги отпее тие зборови и токму затоа ги одбива сите понуди од други пејачи и ја чува песната за себе.
„Issues“ за многу кратко време станува една од највртените нумери низ целиот свет, во исто време станувајќи мулти-платинест сингл во САД, Норвешка и Австралија.
По објавувањето на нејзиниот втор сингл „Uh Huh“ подоцна истата таа 2017-та година, веќе станува јасно дека Мајклс од тој момент па наваму ќе се врти по телевизиите и радиостаниците насекаде низ светот како соло артист повеќе отколку како текстописец за други изведувачи.
Во летото 2017-та, таа го објавува својот прв и засега единствен албум „Nervous System“ и е под продуцентката куќа Republic. Албумот веднаш ги освојува слушателите и се наоѓа во Топ 50 албуми на Билборд 200 листата во САД, воедно носејќи и на Мајклс номинација за Најдобар Нов артист и најдобар сингл за нумерата „Issues“.
Таа продолжува со успешните соработки со најпознатите светски артисти, брзо станувајќи и самата тоа. Во 2018-та таа го отвора концертот на Најл Хоран, за потоа пред крајот на годината да го направи истото на турнејата на Марун 5 и Кит Урбан на почетокот на 2019-та година.
Нејзиниот последно издаден сингл „If the world was ending“ се случува заедно со канадскиот музичар ЏП Сакс, а за кој се очекува номинација за Песна на годината на Греми наградите за 2021 година.
Затоа ако сакате малку музика за секојдневието, гола, искрена и лична … вреди да се слушне.
автор: Мишел Наумоски