„Гитара од палисандер“ – Одлично замислена приказна, женска, севременска…

Црномурната Аша се бори со номадскиот начин на живот на своето племе. Сиромашната Роза, сопруга на страдален шумар, се бори да го нахрани своето бројно семејство и да го спаси мажот од сигурна смрт, но и да се спаси од селските предрасуди. Сиротица, која нема ни име ни паметење, се бори за својот маж без оглед дали е тој остарениот мајстор што изработува гитари Алберт или пак надарениот свирач на гитара Франк, кој е единствениот што заслужува да свири на скапоцениот инструмент од палисандер. Фаталната Габриела се бори за своето човечко битие бегајќи од мажот што освојува со своето магично тело и слободарски интелект, но и таинствени моќи. А врвната музичарка Петра се бори со животната дилема со која се борат многу успешни уметнички (и не само уметнички), а која може да се сведе на едно едноставно прашање – да се избере кариерата или мајчинството?

Сите нив ги поврзува и таа виртуозна гитара од палисандер, но и музиката за гитара, па и трите поглавја на овој мелодичен роман се именувани со музички поими – Глисандо, Пицикато и Вибрато.

Во романот „Гитара од палисандер“, кој несомнено има повеќе димензии, авторката се фаќа во костец со многу прашања и теми. Во овој роман од егзистенцијалистички тип во кој се преиспитуваат женски идентитети, Кристина Гавран внела многу ситна нота сентименталност, избегнувајќи секаква еротичност и патетичност.

Покрај тоа, Гавран си поигрува и не само со стиловите на пишување туку и со жанровите. Иако во романот преовладува архаична, крајно бајковита атмосфера, тој има и свои силни реалистични моменти и ликови што доведуваат до смирување и среќен крај. Во насловот на романот ја нема Индија, но таа е сеприсутна, и тоа не само поради краткиот и малку мистичен вовед во кој се спомнува семето од палисандер од кое ќе биде направена скапоцената врвна гитара, туку и поради специфичниот однос кон природните законитости и некој виш поредок над кој не може да завладее дури ни човечкиот ум. Сите ликови – Аша, Роза, Сиротица, Габриела, Петра – се преполни метафорика и имаат автентичен женски предзнак. Во бруталниот машки свет, сите тие жени припаднички на различни генерации и статус се борат за своето парче универзум и парче среќа, пркосејќи како на природните законитости така и на општествените норми, кои многу често се неправедни кон женскиот род.

извор: АНТОЛОГ