Охридскиот театар со премиерна изведба на претставата „Сирано“

Охридскиот театар утре премиерно ќе ја изведе претставата „Сирано“, работена според текст на Душан Ковачевиќ, а во режија на Ѓорѓи Ризевски.

Режисерот на претставата Ризевски, кому ова му е седма режисерска поставка, рече дека генералната идеја на овој проект и од продуцентски и од уметнички аспект е да се остане не само физички, туку и психички здрав, во време на карантини наметнати од коронавирусот.

-Претставата се бави со темата театар, поврзана со денешницата. Мислам дека во ова време што ни се случува малку замре културата. Генерално најдовме некоја комфорт-зона…Треба да се тера напред, да се работи култура, театар, изјави режисерот Ризевски.

Самата претстава е хиперреалестична трагикомедија, антихумор што реално ги искажува проблемите на театарот денес.

-Нашата претстава се вика „Сирано“, иако оригиналниот текст на Душан Ковачевиќ е „Лари Томсон“, едно од неговите последни дела. Иако текстот е напишан одамна, тој е актуелен во денешницата бидејќи буквално на комичен начин ги искажува проблемите со кои денес се соочува театарот односно културата на овие простори, вели тој.

Улогите во претставата ги толкуваат Горан Стојаноски, Никола Тодоровски, Филип Кипровски, Ивица Цонев, Павел Маслов и Биљана Билаловиќ Вељаноска.

Премиерната изведба на „Сирано“ за прв пат од формирањето на театарот во Охрид пред десет години ќе биде на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“. Претставата ќе биде изведена согласно здравствените протоколи за заштита од Ковид-19.

Горан Симоновски, директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ во чии рамки функционира охридскиот театар, рече дека „Сирано“ е прва премиерна претстава во куќата оваа година, сопствена продукција финансирана со средства на Центарот.

-За оваа година од Министерството за култура ќе се финансираат две премиери – проектите „Балкански шпиун“ во режија на Љупчо Георгиевски и „Изгубени германци“ на Сашо Миленковски. Од традиционалните манифестации оваа година поддршка од државата добија „Балкански фестивал“, „Охридските староградски средби“, „Прличевите беседи“, Граскиот хор „Лихнидос“и Фолклорниот ансамбл „Бисери“, рече Симоновски.

извор: МИА