Датум за пеметење
18.03.1989
Во Универзалната Сала во Скопје е одржан промотивниот концерт на скопската група Асторија. Промотивен, затоа што шест месеци претходно, белградската издавачка куќа „PGP RTB” го објавува нивниот деби-албум, на винил и касета, Čin Prvi.
Поставата која ќе го отсвири концертот е безмалку истата која и го снима албумот, Бранко Спасовски-Пума (бас), Горјан Мишков (тапани), Стефан Чепишевски-Стево (екс Берза) и Татјана Станковиќ-Тања како клавијатуристи и придружни вокали, Димитар Димовски-Мите (перкусии) и лидерот, Тоше Поп-Симонов на гитара. Предгрупа на овој концерт ќе биде младиот скопски состав Клержо. За жал, само неколку месеци по концертот групата ќе престане да постои.
18.03.2000
Во Скопје е оформен мелодичниот панк-хардкор бенд Two Sides.Иницијативата произлегла од меѓусебното дружење помеѓу Зафир Стојановски-Зафо, Дејан Спасов-Спаски, Зоран Жежов-Кечо, Зоран Поповски-Зоки, Јане Трајковски-Јанче и Ристо Гушиќ-Рила.
Сите освен Спаски и Јанче имале некакво претходно искуство со бендови. Кечо е тапанар и еден од осоновачите на Суперхикс, Зоки во еден период е гитарист во Hexus, па во Smut, Зафо исто така на гитара во Boombyx и Five To Twelve, a Рила во средношколскиот бенд Patris. Почетната идеја била Зафо и Зоки да направат бенд што ќе свири мелодичен панк-хардкор при што Зоки би свирел бас-гитара, Зафо на соло-гитара, Јанче би бил втора гитара, Кечо на тапани и Спаски и Рила да бидат вокали. Таа е првата официјална постава на Two Sides. Бендот ќе функционира полни шест години, ќе отсвири многу концерти низ државата и Европа и ќе објави два албуми.
18.03.2017
Во Скопје е формиран еден од првите блуз-состави во Македонија, The Wild Bunch. Почетната постава на бендот ја сочинувале Гоце Панговски на гитара и како вокал, Нино Недевски на гитара, Сашо Димовски на бас и братучедот на Гоце, Горан Панговски на тапани.
На самиот почеток, групата е под големо влијание на британската „бела“ блуз-сцена, но со текот на времето и откривањето на делата на старите блуз-мајстори како Роберт Џонсон, Мади Вотерс, Вили Диксон и слични, таа сè повеќе се доближува во својот израз до т.н. „рутс-блуз“. Се разбира, во своите ретки теми и со изразен авторски печат. Wild Bunch Blues, и покрај неколкуте подолги паузи во својата кариера, активен е и денес, и може да се сретне во некој од скопските кафе-барови, свирејќи најчесто кавер-верзии на познати блуз-стандарди. За жал бендот сè уште ја нема збогатено македонската дискографија со некаков официјален носач на звук.
извор: Македоски рок времеплов