Кон романот „Конци на судбината“ на Марија Дуењас

Дебироманот на шпанската писателка Марија Дуењас, објавен во 2009 година, ја издигнува оваа современа шпанска авторка кон врвот на книжевните творци во хиспанојазичниот свет, а романот се здобива со светска слава и, преведен на 25 јазици, ја пренесува историската приказна за младата шивачка Сира Кирога до читателите низ светот.

Приказната е раскошна, колоритна, раскажана со особено внимание на белезите на времето во кое се случува дејството во романот. Историската рамка е многу важна за добро да се разбере приказната, а таа историска заднина почнува некаде пред избивањето на граѓанската војна во Шпанија и се протега сѐ до Втората светска војна и германската окупација на Шпанија.

Граѓанската војна во Шпанија, или попозната како Шпанската револуција, започнува во 1936 година меѓу шпанската републиканска власт и левичарските фракции од една страна и десничарските бунтовници на чело со генералот Франко на другата страна. Војната трае три години, а бунтовничките сили на чело со генералот Франко извојуваат победа.

Токму во моментот кога политичко-безбедносната ситуација во Мадрид станува напната, младата шивачка Сира, наивна и слепо вљубена во згодниот бизнисмен – измамникот Рамиро Арибас, брзоплето одлучува да замине во Тетуан, Мароко, оставајќи ги свршеникот и мајка си, а полагајќи ги сите надежи во рацете на Рамиро. Ова се случува во еден мошне бурен животен момент за младата Сира, кога од млада скромна девојка порасната од самохрана мајка во работничко маало во Мадрид станува наследничка на пари и накит што ѝ ги остава татко ѝ и кратка порака по можност да ги напушти Мадрид и Шпанија. Поради немирите и непредвидливоста, никој не знае што носи утрото во новиот ден.

Сѐ уште неспособна да ги земе работите во свои раце, Сира запаѓа во неволји. Ограбена, сама, бремена, во долгови и со кривични пријави против неа, Сира паѓа близу дното. Но, како што обично бидува, по секој голем пад стануваш, се исправаш и целиш кон спасението, оти нагонот за преживување, но и потребата за избавување тогаш се најголеми и најсилно притискаат.

Ова е моментот на созревање на младата Сира, кога од наивна шивачка се преобразува во паметна девојка што учи не само од своите катастрофални грешки што ги направила и за кои мора да плати туку и од сите поединци што ќе ги запознае во туѓиот Тангер, а подоцна и Тетуан. А како ќе го стори тоа ако не со единствената вештина што ја поседува, шиењето?! Но, овој пат, кога конечно доволно ќе се исплаче и ќе се напати, Сира го започнува своето ново мароканско животно поглавје. Кога цврсто ќе застане на свои нозе, овој пат свесно и трезвено ќе ја донесе одлуката кон која страна да се насочи и на кои луѓе да им дозволи да ѝ се приближат и да влезат во нејзиниот живот.

Оттука Дуењас успева низ шнитовите, шевовите и кројките на Сира да проткае низа ликови, од кои некои докрај, а некои само делумно ќе бидат двигатели и градители на приказната. Но не само ликовите, како што спомнав на почетокот, во оваа приказна историската заднина е подеднакво битен елемент за развојниот пат на романот.

Зрела и подготвена да прифати предизвици, Сира во вториот и третиот дел на романот прави значаен и одмислен избор за кој овој пат нема да се покае, иако многупати во текот на своите акции ќе си го постави прашањето дали вреди да продолжи да живее вака. Да биде во родниот крај, а да не се биде своја, туку затскриена, без свој идентитет, криејќи се постојано и бегајќи од сопственото минато и потекло.

И сосем е јасно дека изборот на Сира е од чисто идеалистички причини зашто ова е првиот и единствен момент кога Сира ќе ја послуша мајка си и нема да погреши, оти ако на почетокот се двоуми дали да ја прифати понудата на Британските разузнавачки служби, како што времето одминува и како што Сира навлегува и ја учи општествено-политичката состојба во која се наоѓа нејзината земја, толку повеќе станува сигурна дека ја избрала вистинската страна. Ја користи целата своја моќ за која можеби и не е свесна дека ја поседува и работи во името и за љубовта кон татковината, оти вербата дека работи за интересите на својата земја е најголемиот поттик што човек може да го добие за да не се откаже кога ќе западне во виорот и безизлезот на ситуацијата.  

Ако го следиме развојниот пат на Сира, кој не се разликува многу од патот на секој класичен развоен роман, каде што фокусот на дескрипција на главниот лик е неговиот животен пат и созревањето на ликот што се случува некаде при крајот на приказната, тогаш Сира се вклопува во овој прототип.

Но „Конци на судбината“ не е само класичен развоен историски роман. Авторката успева да прошие низ шнитовите бурни емоции, сериозни политички превирања, но и раскош, гламур, како и да ги претстави шармот и егзотичноста на шпанскиот дел на Мароко. Гарантирано уживање низ страниците за љубителите на моќни историски и човечки драми.

Елена Конеска Светиева