Кон “Воздишката на Сузана” од Јакуба Каталпа
Книгата е толку “голема” и брутално тешка што дури ни јас не можев да ја прочитам во едно читање. Како што навлегував во приказната, така бев принудувана да паузирам, да земам здив, да воздивнувам… Заедно со Сузана.
Каталпа нѐ води низ животната судбина на Сузана, уште пред таа да се роди, во времето далеку пред сето зло на светот, периодот пред Втората светска војна.
Сузана е долго посакуваното дете на Либескиндови. Сузана е сакана, обожавана од нејзините родители. Сузана е ќерка на сопственикот на шеќераната. Сузана е еврејка.
А на прагот е Хитлеровата армија.
И сите знаеме што тоа значи за Сузана…
Четиво кое ќе не потсети дека понекогаш изборите кои ги правиме не се добри или лоши, туку дека едноставно се единствените возможни, бидејќи сме погодени од настани врз кои не можеме да влијаеме.
Делото е поделено на три дела, три сегменти од животот на Сузана – нејзиното безгрижно детство, во кое преовладува сладоста на животот, љубовта на родителите, другарството со Јан и Хануш.
Ненадејната смрт на мајка ѝ е првиот чекор кон нејзиното прерано созревање, при кое станува свесна дека прераснува во девојка, при што нејзините неразделни пријатели ја доживуваат некако поинаку. Но, го нема тоа задоволство да ужива и да се насладува во убавините на младоста. Војната ги зарива своите канџи во мирниот живот и ја исцицува од него секоја клетка… бавно, моќно, болно, непоправливо…
“Што значи тоа да си Евреин?, како дете го прашуваше учителот Нахтигал, а сега тоа го знае, да се биде Евреин значи да се возиш во воз во непознатото”. – заклучува Сузана додека возот пол со Евреи, меѓу кои и таа, патува кон Аушвиц.
Зрелост… Поим доста широк, кој подразбира интелектуална, социјална и емотивна подготвеност за прифаќање и усовршување на условите за живеење. Со своите дваесетина години и доживување во кое скоро ја допре смртта во Аушвиц, младата Сузана чие живеење се сведува на нерамноправна борба за преживување, преживува, го напушта Аушвиц и согласно дефиницијата, таа е зрела личност.
Личност која е жртва – победник.
“На дваесет и седми јануари во логорот влегуваат руски војници. Не им се верува во тоа што го гледаат; во пресрет им трчаат скелети покриени со кожа, некои ползат, некои трчаат на раце и на нозе. “
Сузана е еврејка.
Еврејка која го преживеала теророт во Аушвиц.
Еврејка која излегла жива од Аушвиц.
Сузана продолжува да дише. Со тоа таа е жива. Дише. Живее. Воздивнува. Живее.
Марина Кљајић