Концерт за смирување на новогодишната еуфорија - "Live At Audiokultura" со Леана Таќи
„Live at Audiokultura“ – концептот кој негува креативниот израз во урбан простор и каде музиката и нејзината врвна репродукција се ставени на пиедестал, продолжува да ја ниже низата на фантастични музички настапи за кои долго се зборува.
Додека овациите од последниот „Live at Audiokultura“ настан сè уште траат, Leana Thaqi – Леа веќе посла нова музичка материја со која ги освои присутните во Аудиокултура.
Спонтано, убедливо, искусно и со потенцирана доза на уживање при изведбата, Леа презентираше џез стандарди преку кои се впиваат сите позитивни емоции што џезот ги содржи во себе. Музиката репродуцирана низ врвните teoharov системи, јасно ја долови специфичната фузија од експерименталност својствена за џезот и фантастичниот израз на Леа, издигнувајќи го овој настап нестварно високо над лесното верување дека ова е инструментална музика со која не е едноставно да се пренесе силна порака.
На задоволство на сите, срцевината на концертот јасно потенцираше избегнување популилазам и слобода за подвлекување на цртата на прецизно избрано место од кое извира нитка на уникатност и елитизам. Тоа е тоа.
Елементал: Леа, во фантастична атмосфера, изведовте настап низ кој наизменично го фрлавте светлото кон себе, кон музиката, но и кон публиката, воспоставувајќи можност за одлична комуникација и размена на силна енергија. Какви се вашите впечатоци од настапот во Аудиокултура.
Со апсолутна сигурност можам да кажам дека Аудиокултура е моето омилено место за настапување. Едноставно, звукот го прави просторот екстремно пријатен за време за целиот настап, секогаш сме пречекани одлично од домаќините – и една многу важна работа, публиката е секогаш одбрана и доаѓа таму бидејќи навистина сака да чуе музика. Со други зборови, Аудиокултура е едно од ретките места каде музичарите и музиката навистина ја добиваат потребна почит која е неопходна за обострано уживање, кое пак од своја страна е неопходно ако сакате добра свирка.
Елементал: Како музичар, сигурно имате цела листа на критериуми од кои зависи во кој ранг ќе сместите одреден настап. Како го класифицирате овој во Аудиокултура и по кои критериуми?
Ако се водам по моите најважни критериуми, односно, квалитет на звук (и за публиката, но и како мониторинг за самите музичари), атмосфера, реакција на публиката, однос од страна на домаќините – апсолутна 10-ка!
Фото: Благоја Ангеловски