Рецензија за најзабавниот роман во македонската современа книжевност „Големиот скандал“ од Сања Трпковска

Кога на 15 јуни 2024 Сања Трпковска го промовираше својот прв роман со наслов „Големиот Скандал“ решив да напишам рецензија. Одново го прочитав романот (по трет пат), седнував неколку пати да ги ставам на хартија импресиите од романот, но секогаш кога ќе седнев сфаќав дека всушност јас сакам да напишам нешто и за Сања, иако тоа не е соодветно за една рецензија. Затоа пред да дадам свои согледувања за романот, морам да ви кажам збор два за Сања и да ви најавам дека оваа рецензија е многу спонтана и напишана од срце.

Сања ја познавам долг временски период, уште од нашите средношколски години и можам да констатирам дека младешката енергија и ентузијазам на Сања се на исто ниво од средношколските години сè до денес. Освен тоа Сања беше една од првите кои се запишаа на мојот курс за Креативно пишување и со нејзина помош ја надминав почетничката трема за онлине предавања, затоа што Сања со својата вродена смисла за хумор и вродена смисла за комуникација успева да поврзе група луѓе кои се комплетно различни, умее да насмее, умее да создаде прекрасна енергија во секоја ситуација. Таа нејзина карактеристика ја прави уникатна и голема личност и колку и да сакам да го исчитам со објективни очила овој нејзин првенец, јас едноставно не можам, јас од секоја страница на романот ја гледам Сања која насмеано ѕирка, која весело си поигрува со читателот, која прави умствени загатки за да види дали сме ги прочитале најважните книжевни класици и дали ја препознаваме музиката на музичките богови од дваесеттиот век.

Ја споменав вродена дарба за комика која Сања ја поседува и со која е препознатлива како личност, бидејќи таа дарба е основата на која се темели нејзиниот прв роман „Големиот Скандал“. Имено, уште на првите неколку страници, романот спонтано се дефинира како политички-сатирично четиво, бидејќи се базира на историскиот банален проблем кој го имаат Македонија и Грција за поимот Македонија, а кој во нејзиниот роман е решен. Проблемот со името Македонија е решен преку ноќ, Грција ни дозволува да го користиме, па Скопје решава да го подари фамозниот „Воин на коњ“ на Атина. Смешно, нели, (најпосле добиваме дозвола да ја нарекуваме нашата држава како што сакаме), но за да биде уште посмешно, споменикот за време на транспортот исчезнува, а за да биде најсмешно во целата таа брканица на негово пронаоѓање (кое трае повеќе од една деценија) се вмешани највисоки дипломати од Европа, дипломати кои се вљубени во Балканот и балканската храна, ама и во балканските жени, но најмногу во балканското непочитување на законите кое станува дискутабилно, дали е само балканско или е европско и глобално непочитување на законите (или ако подлабоко размислиме под влијание на приказната ќе сфатиме дека постои различна примена на законите секаде, за различни општествени и институционални групи).

Дебитантскиот роман на Сања Трпковска внесува свежина во современата македонска проза, пред сè со приказната која е модерна и зафаќа еден современ историски проблем, но и поради целосното следење на постмодернистичките постулати за плетење и расплетување на основната приказна, која е обременета во повеќе потприказни, кои до крај остануваат отворени и оставаат простор да бидат толкувани на различни начини. Сања Трпковска преку својот прв роман се етаблира како добар познавач на постмодерниот дискурс, таа вешто ја минимизира психологизацијата на ликовите, барем преку директна интервенција од стана на сèзнаечкиот наратор и комплетното водење на приказната го остава на трите носечки ликови, нивните перцепции на вистината, нивните меѓусебни интеракции и интриги.

Дијалогот игра клучна улога во романот, главите се всушност дијалози помеѓу два лика, каде еден од ликовите ја презема улогата на раскажувач на дел од приказната, за потоа да ја дофати и развие следниот лик-раскажувач. На тој начин се создаваат три пара соговорници преку чии дијалози тензијата на приказната е постојано на високо ниво, расплетот се одложува за следната глава и тоа создава ефект на нестрпливост кај читателот, (барем кај мене секако), ама тоа ја дава големината на оваа авторка, затоа што таа докажува дека умее да комуницира и да игра со читателот.

Сања внесува јазик кој е комплексен, обременет со многу лексика од други јазици кои ѝ се познати и кои ги развива до степен на жаргон препознатлив за секој лик поединечно. Во романот има многу интертекстуалност, многу цитати од познати песни на музичари и групи од минатиот век, кои очигледно направиле силно влијание врз мисловниот процес на авторката, со што авторката не се дистанцира од приказната, туку на тој начин вешто останува присутна покрај своите ликови. Ликовите пак се доловени авторски многу директно, со исклучително брзо и директно портретирање, бидејќи такво е темпото на романот. Романот дури и е лоциран во неколку градови, до кои ликовите стигнуваат со брод, во воз, во автомобил, а се со цел да се добие ефект на движење. Емоциите на ликовите, нивните размисли, дилеми и акции се во функција на приказната и само на приказната. Ликовите немаат биографија и генеалогија, нивните минати постапки се за потребите на приказната. Тие немаат реминисценции, соништа и длабоки филозофии, иако се ерудити како нашата авторка и во главата им се вртат цитати и сеќавања од големи автори и мислители. Животните сфаќања на ликовите Росана Бемба (или Бембица), Тони Старк и Јелена Петровиќ се разобличуваат во презентот на приказната и за потребите на приказната, која е можна, но сепак утописка во сегашниот миг, е де факто останува таква сè до последната страница на романот, кога прво-осомничениот успева да се спаси на многу филмски начин. Сања Трпковска не дистанцирајќи го раскажувачот од женската авторска природа, решава љубовта да ги победи сите предизвици.

Сума сумарум романот „Големиот Скандал“ носи голема приказна, политички сатирична во својата основа, преку која се демистифицираат политиките на Европа за Балканот, се разобличуваат чиновниците и од Европа и од Балканот кои си живуркаат некаде на границата на легалното и нелегалното.

Она што е интересно во нарацијата на Сања Трпковска е намерното изместување на основната приказна на секој можен начин. Авторката многу умешно прави неправилни и неочекувани агли во нарацијата, наместа обременувајќи го дискурсот со непотребни детали преку инкорпорирање на цитати кои не може да ги разбере секој читател, и со дијалози кои не се во функција на расплетување на скандалот.

Романот „Големиот Скандал“, како што нагласи и самата авторка на промоцијата, не е совршен прв роман, ама е отворен роман, роман кој може да се надградува, роман кој може да добие продолженија или да се допише. Јас топло го препорачувам на секој познавач на современата македонска книжевност, бидејќи е уникатен и како таков отвора простор за дијалог, дава можност за различни критички толкувања. Всушност јас секогаш им порачувам на моите колеги-писатели да пишуваат за современи историско-политички теми, а на критичарите да даваат рецензии за живи писатели, исто како што апелирам до издавачите да промовираат дела од актуелни македонски писатели.

Од Сања очекувам да развие сценарио од овој свој прво-издаден роман и од него да се сними филм, но и да издаде електронска верзија во која ќе даде линкови за песните, објаснувања за цитатите. Од неа очекувам многу, сметам дека таа е автор со генијален ум, со неверојатна способност за креација на ликови, интриги и приказни. И посакувам да најде време и трпение сè она што егзистира во нејзиниот величествен ум да го стави на хартија.

Јас ќе бидам тука и ќе ги очекувам со нетрпение десетиците романи со кои ќе ја збогати македонската современа проза.

Напред Сања!

Д-р Александра Димитрова