Интервју со Ирса Сигурдардотир-„Сѐ е дозволено помеѓу страниците, сѐ додека не е оставено на случајноста“
Интервју со Ирса Сигурдардотир-„Сѐ е дозволено помеѓу страниците, сѐ додека не е оставено на случајноста“
Исланд е земја која самата по себе е седмо светско чудо. Таа со децении претставува инспиративно изобилство за светските автори, но уште поголем куриозитет се тамошните, домашни автори. Едно од првите и впечатливи презимиња увезено на нашиот книжевен пазар беше Ирса Сигурдардотир. Нејзините трилери од самиот старт станаа хитови, продадени се илјадници примероци само на македонско поднебје. Ирса знае добро да ја размрда љубопитноста. И она што најмногу ги влече читателите е морничавоста и непредвидливиот тек на дејството, кој постојано го сопнува читателот кон нов сомнеж, кон нов осомничен, докажувајќи една интересна теза во позадина за претпоставките и стереотипите, виновникот не секогаш ја носи вината истакната на своето чело. Уште еден клучен фактор во нејзините дела се брзината и леснотијата со која се движи дејството, равенка застапена во секој роман потпишан од Ирса Сигурдардотир.
Човечкото лудило никогаш не изгледало позабавно, па дури и понормално, особено во серијалот „Детската куќа“. Ирса го плети оксиморонот сигурно и внимателно, а крајниот производ од нејзините книжевни игли, читателите со нетпрпение го очекуваат.
Елементал: Во вашите книги ја спојувате историјата (како на пример во „Последниот ритуал“ и „Карпа на бесилките“), природните пејзажи на Исланд и брутални убиства. Следбеник сте на nordic noir жанрот којшто е доста популарен особено тука, на Балканот. Што ги фасцинира скандинавските писатели да творат во овој жанр? И која била пресвртната точка за Вас лично, да започнете да пишувате криминалистички трилери, а не романси, на пример?
Појавата на nordic noir e повеќеслојна. Не постои единствена причина која би можела да објасни зошто толку добро читателите го прифаќаат овој жанр, но постојат повеќе. Најпрво, мислам дека локацијата игра важна улога. Долгите, студени, темни зими се совршена сценографија за мистерии, исто колку и ненаселените предели како и недостатокот на големи градови каков што е и случајот со Исланд. Не е возможно сериски убиец да убива со години и да помине незабележан бидејќи сите жители се познаваат меѓу себе, а истото важи и за исчезнатите лица. Со оглед на горенаведеното исландските крими-трилери треба да бидат мешавина од психолошки трилер и полициски процедури, на пример, истакнување на карактерите и нивната мотивација, а не само насилство за добробитта на насилството. Уште еден факт е дека скандинавските земји се познати во високиот стандард на живот и социјален развој, како добри места за живеење, па забавно е да се прочита за некои ужасни случувања како контраст на позадината. И последно, мислам дека реалноста секогаш дава магична доза на успешноста на книгата, затоа што во суштина сите ликови се реалистични и со недостатоци како повеќето од нас. Не постојат совршени ликови, никој не е добар до срж или 100% злобен. Уште еден аспект на реалноста е бруталноста, бидејќи убиството е неуредна работа. Во скандинавските крими романи жртвата не е убиена во трпезарија со еден удар по главата од свеќник. Од друга страна, книгите од жанрот nordic noir, се далечни на она што се нарекува torture porn , пренагласувајќи го ужасот, а повеќе се насочува кон исходот.
Што се однесува до тоа зошто пишувам во овој жанр, а не романса, е бидејќи тоа е истото што важи за повеќето автори, тоа е она што сакам да го читам, најмногу хорор и крими трилери. Никогаш не би можела да напишам добра романса или вампирска новела, на пример, затоа што тие не се согласуваат со мојот читателски вкус.
Во повеќето случаи писателите се неименувани културни амбасадори на својата татковина. Вие успеавте да го промовирате Исланд и сите негови убавини не само на Вашите читатели туку и ширум светот, преку книгите. Која страна од Исланд сѐ уште не сте им ја претставиле на читателите?
Една страна за која сѐ уште не сум пишувала се рибарската мрежа која воедно и голем дел од исландскиот економски сектор и претпоставувам, возбудлива сценографија. Местата на случување во кои човекот е особено ранлив се одлични за градење сомнеж, па оттаму да се биде на брод на средината на океанот, не е најбезбедното место, зарем не? Се надевам дека за многу брзо ќе напишам книга која барем делумно ќе се случува на рибарско бротче. Исто во ниту една книга не сум сместила дејство кое се случува на северот, со оглед на тоа дека јас потекнувам од јужниот дел на Исланд. Несомнено и тоа ќе го сторам кога-тогаш. И конечно не сум напишала ништо што ја вклучува нашата мрежа на исползување енергија, како хидро и геотермалните централи, и покрај тоа што работата во ова поле е моја официјална професија, инженер. Не знам зошто, претпоставувам дека сакам да ги држам овие две мои страни разделени.
Дали е лесно да се носи круната „кралица на трилерот“?
Лесно е бидејќи во Исланд немаме кралска лоза , па како резултат на тоа титулата”кралица” нема некое големо значење за мене, освен што е комплимент и ми создава притисок да одржувам висок стандард. Не би сакала да завршам како Марија Антоанета, фигуративно кажано, со отсечена глава, затоа што сум го спуштила гардот и сум напишала лоша книга. Уште нешто што ваквата позиција ја прави помалку фантастична е дека во времето кога почнав да пишувам крими романи бев единствената жена во Исланд посветена на криминалната фикција. Претпоставувам тоа го намалува сјајот на самата титула.
Дали Тора Гудмундсдотир или Фреја се огледало на модерната исландска жена? Која е поблиску до овој прототип? И која е поврзаноста на овие две, неверојатни женски карактери?
Се обидов да го направам и двете, Тора и Фреја, репрезенти на исландската жена, фокусирајќи се на нивната независност и потешкотиите да водат професионален живот додека жонглираат со комплексниот семеен живот. Тора е поблиску до прототипот на исландската жена затоа што има деца, додека Фреја ја симболизира модерната жена во Исланд, не е толку приврзана кон традиционалната идеја за семејството. Се надевам дека на реалистичен начин ја отсликуваат исландската жена и што таа треба да претставува, иако како и секаде во светот, ние жените сме мешавина од типови, кои ги има и тука и таму. Пред неколку децении, главната разлика помеѓу исландските жени и жените од другите краишта на светот беше таа што исландските жени не се двоумеа дека тие може да го постигнат својот потенцијал без разлика на полот. За среќа денес таквата порака е раширена во светски размери и разбрана од многу жени, барем во западниот свет. Тенката нишка која ги поврзува Фреја и Тора е веројатно фактот што потекнуваат од мојата глава и како резултат на тоа, некои нивни мисли се мои.
Каков е типичниот ден на една писателка? Како успевате успешно да се справите со секојдневните обврски, знаејќи колку улоги игра жената( да биде мајка, сопруга, ќерка, домаќинка и тн.).
Денес моите деца се големи и веќе не живеат заедно со мене и со мојот сопруг. Тоа значи дека е значително полесно да маневрирам со пишувањето и домашните обврски, додека беше вистински предизвик кога децата беа помали. Единственото нешто што не можеш да го ставиш на чекање е да бидеш дел од развојот на децата, ниту пак некогаш сум го посакала тоа. Исто така престанав да работам како инженер со полно работно време и прифаќам проекти кои сметам дека нема да ми создадат непотребен стрес. Најлошото чувство на светот е да не правиш ништо добро во секој аспект од својот живот затоа што е преполнет со обврски кои мора да ги завршиш. Значи моментално не ми е тегобно да пишувам, да работам и да водам мирен семеен живот. Помага и тоа што сум ужасен готвач и нема никој освен мене да ја измати касеролата или да испечи торта. Мојот сопруг ми помага околу домашните задачи, откако се пензионира за да биде во можност да патува со мене.
Дали планирате да останете доследна на nordic noir жанрот или планирате да ги изненадите читателите со нешто несвојствено за Вас?
Штотуку ја привршувам втората детска книга од серијата за една мачка, која лично за мене е доста забавна бидејќи е ориентирана кон хумор, а не кон заплет. После тоа ќе ја завршам и третата книга од еден нов серијал, но пред тој серијал да биде објавен во Македонија, ќе излезе хорор роман. Оваа хорор новела во суштина е трилер и ја доби наградата за најдобар крими роман во Исланд по објавувањето. Инспирирана е од инцидентот со Превојот Дјатлов, стара и нерешена мистерија за група студенти кои кампувале на Планината Урал и никогаш не се вратиле назад. Нивните тела биле пронајдени ваму и таму низ снегот, го напуштиле шаторот во ниедно време во ноќта, без никакви шанси да го преживеат страшниот студ. Книгата не го следи овој инцидент туку два пара кои тргнуваат по трагите на еден геолог во исландските висорамнини и не се враќаат назад. Се надевам дека еден ден ќе напишам хорор роман или трилер кој се случува во вселената затоа што не постои место каде луѓето се поранливи отколку во вселената.
Која порака или “silver lining“ сакате да испратите со вашите книги? Каков совет би им дале на македонските автори кои сѐ уште немаат самодоверба да излезат од сенките, со оглед на тоа дека Македонија и Исланд се мали земји со огромен пишувачки потенцијал?
Серијалот за Хулдар и Фреја стави под лупа повеќе теми кои беа дискутирани во Исланд додека ги пишував книгите и се надевам дека барем нешто во нив ја просветлило публиката, без потребата да стојам на плато и да извикувам што сметам дека е коректно, а што погрешно. Mojoт совет за македонските писатели е да ја зачувате и да се фокусирате на вашата реалност, а не да ги поставувате романите низ Европа или САД, иако на многумина ќе им изгледа полесно да го сместат дејството во поголеми општества и градови. Како автор не можете да контролирате сѐ, додека во реалноста манипулирате со сопствената акција, реакција и тоа што го кажувате. Значи сѐ е возможно и дозволено помеѓу страниците, а тајната е да се поткрепат случувањата, да не бидат оставени на случајноста. Во еден роман приказната не мора да се случува, но треба да биде веродостојна и да го убеди читателот дека би можела да се случи. И како што споменавте во вашето прашање, Македонија како и скандинавските земји е мала, а малото е интересно. После посетата увидов дека има голем потенцијал со оглед на вашата борба и макотрпната историја кои обезбедуваат одлична позадина.
Мојот конечен совет за секој во Македонија кој има желба да пишува, но чувствува дека му е тешко да избие, би била да остане доследен на желбата, и да сфати дека целиот процес на пишување/објавување не е лесен. Тешко е, но резултатот е задоволителен штом се финишира идејата. Лесните нешта никогаш не биле инспиративни и исполнувачки.
Подготвува: Јована Матевска Атанасова