26 мај – ден кој ќе ја најави културната фузија во Крушево
Во понеделник Крушево официјално ќе биде инаугурирано во ГРАД НА КУЛТУРАТА за 2023.
А на 26 мај со голем настан ќе започне културната фузија која ќе докаже дека Крушево е жив тестамент на културата.
Позади дизајнот на логото со кое е брендиран овој настан, главниот постер и најавата на првиот од серијата настани, стои македонската дизајнерка со крушевско потекло Теано Кардула.
Еве ја нејзината приказна, како се роди целиот дизајн…
•••
При креирање на логото, прва мисла ми беше дека најпознатите елементи за Крушево треба да ги избегнеме и време е да дадеме друга визуелна перспектива за градот. Крушевската стара архитектура изобилува со многу интересни мали детали и токму еден таков детал беше инспирација за ова лого.
Тропалка за врата од старата куќа на фамилијата на мајка ми во форма на сонце. Уште веднаш знаев дека тоа е тоа. Симболично, стилизираните краци на сонцето го симболизираат и ова културно отворање на вратите кон градот.
Сонцето е и заеднички симбол на двете етнички групи кои живеат во самиот град – Власите и Македонците, но и нели македонското државното знаме кое нè обединува сите. А шареноликоста на логото, е токму тоа – обединети во различностите, таков е нашиот град.
Конкретно за постерот, испирирана од слоганот – Жив тестамент на културата, ги искористив локациите во црно бела варијанта – како симбол за историјата, а шарените геометриски визуелни елементи (инспирирани од шарениот релјефен ѕид на Петар Мазев во комплексот Македониум) го симболизираат модерното време. Се надевам дека можеби со ова ќе има мала инспирација, да се размисли и да се работи на тоа Крушево да добие модерен визуелен идентитет, нешто што на градот како претендент да биде туристички центар 365 дена во годината премногу му е потребно.
“Цртање на асфалт” по повод денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј
ЈУ. Детски културен центар – Карпош, Скопје традиционално и оваа година ќе ја реализира манифестацијата „Цртање на асфалт“ која се реализира по повод 24 мај денот на македонските просветители Св.Кирил и Методиј.
Манифестацијата ќе се одржи на отворено, на 23.05.2023 година (вторник), од 10.30 часот на просторот ПЛОЧНИК- Општина Центар. Се надеваме дека како и изминатите години и оваа година децата ќе нацртаат убави, весели и креативни цртежи кој се по слободен избор и со нивните творби како и досега ќе ја изразат својата креативност и фантазија
„Портрет на публиката“ изложба на слики од Дафина Шекутковска
На 18 април, 20 часот, во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал 2, се отвора изложбата на слики од Дафина Шекутковска насловена “Портрет на публиката”.
“ПОРТРЕТ НА ПУБЛИКАТА”
Човештвото, ги употребува науката и уметноста за воспоставување на нашето функционирање и прогрес на оваа топка, почнувајќи од нашето најнепосредно во кое го препознаваме сето, тие имаат смисла само тогаш кога хуманоста е нивната цел. Со посветеноста кон науката и особениот интерес и смисла за уметноста, Дафина има својствен пристап кон одреден амалгам којшто непосредно комуницира со човековата суштина во рамките на нашето знаење за надворешниот свет.
Со пристап како при решавање на равенка, таа во своите дела ги поставува познатото и непознатото како елементи на формула со која треба да се изнајде точното решение. Со други зборови, покрај тоа што ги посочува проблемите, таа во својата ликовна уметност предлага и решенија преку утврдени законитости и методи на физиката и математиката кои ги објаснуваат феномените на универзумот кои не опфаќаат и нас како луѓе, поставувајќи паралела со социо-психолошките феномени, каде колективот влијае и ја гради единката, и обратно, единката влијае и го гради колективот.
Покрај делата инспирирани од физиката и математиката, во оваа изложба ги поставуваме прашањата ,,Дали е промената на индустријата е поскапа од нашите животи” и ,,Нели е односот кој го имаме со себеси, еднаков на односот кој го имаме со животната средина?”. Ја доживуваме иднината, која треба да дојде побрзо, со делата за обновливите извори на енергија “Ветер”, ,,Сонце” и ,,Вода”, бидејќи нафтата, јагленот и природниот гас, според пресметките ќе се потрошат за 50 години, и ни го скратуваат и одземаат животот. Ги гледаме вистинските проблеми на животната средина, кои според научниците се апатијата, алчноста и себичноста, а не недостатокот на наука за подобрување на животната средина. Со прошетка на луѓе од бетон, го гледаме новиот Генерален Урбанистички План 2023-2033 за Скопје. Ја воочуваме девалвацијата на вредности и моќта на слободата на мислата.
Со инклузивност, ја потенцира грижата еден за друг, како витален аспект на самиот опстанок. Седум дела се изгравирани поради посетата на децата со оштетен вид, а меѓу делата е изложен и портретот на дедо и Радојко Кочоски, кој во 1962 е еден од авторите на првиот буквар на Македонски јазик за деца со оштетен вид, кој се употребувал до пред седум години.
Куратор – Милко Несторовски
Биографија:
Дафина Шекутковска е родена во Скопје на 04.07.1990. Ги завршува своите студии по теоретска физика на УКИМ, а потоа магистрира на Обновливи извори на енергија на ФЕИТ и Варшавскиот Универзитет за Технологија, по што четири години работи како професорка по Физика. Учествува во групна изложба во Саатчи галеријата – Лондон во 2018. Дел од нејзините дела беа прикажани во Ноушенс магазинот од Сингапур во 2019. Vo 2020 има самостојна изложба “Бифуркации” со 47 дела во НЛБ Галерија, Скопје. Понатаму во 2021 е сценограф, директор и продуцент на краткиот филм “Столче”, подржан со грант од Норвешкото министерство за култура, организацијата Стичинг Уметност 1, Скопје Филм Фестивал и Квир и Мигрантски филмски фестивал, кој е прикажан на Лифт-Оф фестивалот во Англија и во Кинотека на Северна Македонија. Во 2021 има и самостојна изложба со наслов “Убавината на квантните честици и образовниот систем” во Монтажна Галерија – дел од Центарот за Современи Уметности. Во 2022 има самостојна изложба со наслов “Јазик + Информациска контрола” во просториите на Младински Образовен Форум. Истата година има ретроспективна изложба во склоп на настанот Културно Лето Вевчани.
Изложба “5 години Џез Фестивал во Битола“ викендов во Битола
Во рамките на споредната програма од шестото издание на Џез Фабрика Фестивалот – Битола 2023, е и изложбата на фотографии под наслов “5 години Џез Фестивал во Битола“ на авторот Даниел Ѓурчиновски.
Истата ќе биде презентирана оваа сабота, на 8. Април со почеток од 12 часот, во Културно информативниот центар – Битола.
“Даниел е нашиот идеен творец, дел од тимот кој го создаде фестивалот и секако наш арт директор“, истакнуваат организаторите на фестивалот.
Изложбата е и во рамките на годишната програма на ЈОУ КИЦ Битола и истата содржи автентични фотографии од музичките настапи на џез музичарите кои во изминатите пет години настапиле на битолскиот џез фестивал „Jazz factory fest“. Главната музичката програма оваа година ќе се одржи од 13 -ти до 15- ти април со настап на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство. Фестивалот ќе биде отворен со настап на Баба Сисоко од Африка, Тони Китановски од Македонија и Васил Хаџиманов од Србија.
Изложба на уметнички и естетски одржливи дела, креации и продукти од оризов отпад
На 29.03.2023 г. во просториите на НУКЦ „Бели мугри“ во Кочани беше отворена изложбата на изготвените продукти и креации во рамките на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“.
„Со огромна гордост можеме да кажеме дека овој проект успешно го завршивме и со голем труд и вложеност успеавме да покажеме на каков сè начин може да се употреби оризовиот отпад. Секако, целта беше на тој начин да се придонесе во образованието кај младите, одржливоста во дизајнот, уметничката пракса и модната индустрија и воедно да се пристапи чекор понапред кон циркуларната економија“ – изјавија организаторите на Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „Одоната“ – Кочани и Македонското модно здружение од Скопје.
Со помош на меѓусекторската соработка на земјоделскиот сектор и големите богатства што ги нуди Кочани, заедно со младите креативни умови кои се подготвени да се надоградуваат во полето на модата, дизајнот и уметноста и секако, благодарение на искусните дизајнери и ментори кои го пренесоа своето досегашно искуство на овој проект, на оваа изложба беа презентирани дел од продуктите кои беа направени заедно со ученици од СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани и ОУ „Малина Попиванова“-Кочани.
Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност на талентираните ученици под менторство на визуелните уметници Викторија Митева и Орхан Ќамил од Здружение „Одоната“ (маса, лампа, оризова хартија), уметницата Марија Јошеска (садови за свеќи), дизајнерката Ирина Тошева (мода), Анита Гај од „Lotus Lounge Chair“ (продукт-дизајн), Димитар и Андријана Петровски „Креативност и фотографија“, Благоја Ангеловски (видео) и младите дизајнери Ангела Спасовска, Мирјана Јосифоска и Мила Спасовска.
Многу насмеани лица, развиени вештини, надоградено знаење и придонес кон заштитата на животната средина, сето ова го заокруживме со видео материјал за тоа како нашето патување започна, се одвиваше и доби убава целина со оваа изложба. Во исчекување сме да видиме што сè уште нè очекува од младите креативни умови.
Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“ на Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната, Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје се спроведува во рамки на „Регионалната програма за локалнадемократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.
Едукативните активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е, проект поддржан од владата на Швајцарија и имплементиран од Хелветас.
Голема благодарност до: Општина Кочани, Фабрика за ориз „БМФ“-Зрновци, г-дин Зоран Тодоров „ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ ВО КОЧАНИ“, УКИМ Земјоделски институт – Кочани, СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани, ОУ „Малина Попиванова“-Кочани.
Мила Спасовска го потпишува брендот Yamuna. Таа во нејзината колекција која ја прикажа на FWSK има 10 изгледи надополнети со аксесоари специјално дизајнирани од боите на палетата на IQOS.
„За оваа колекција инспирацијата левитираше и се градеше околу мене веќе некое време, а сега дојде моментот да се изразам и да ја преведам во облека. Изминатиов период сè што забележував беа бизнис луѓе и анализирав каков е нивниот стил. Тоа ме интригираше и најадов голема инспирација во острите линии која ме асоцираше на сериозноста на овие луѓе. Од друга страна пак, свесна сум дека животот носи непредвидливи ситуации и дека истите тие сериозни ликови знаат да се најдат во хаотични моменти. Некои уживаат во хаосот, некои се трудат секој детал да им е испланиран, но како и да е не секогаш можеме да ги предвидиме околностите, а јас размислувам за тоа многу.
За да можам сето ова да го преведам во архитектурата на телото, острите линии ги наоѓам во кројот на парчињата. Неговата улога е да му служи на телото и да раскаже повеќе за индивидуата која го носи парчето. Во боите и деталите ја наоѓам страната на луѓето која не секогаш ја покажуваат, таа е заслужна за животот да го направи убав и полн со забава, но и непредвидливост.
Во мојата работа користам исклучиво природни материјали кои не и штетат на природата. Марамите се направени во едноставна форма – коцката, а тоа ми дозволува да ја искористам целата ширина на материјалот што резултира во она што модната заедница го нарекува 0-waste. Така мојата работа во доменот на модата и придонесот кон околината доведе до соработка со IQOS брендот, кој е истовремено фокусиран на развојот на иновативни производи како и целосна посветеност на нивното влијание кон природата. Инспирирана од префинетиот стил и боите на IQOS Originals уредите доведе до идејата за креирање на уникатна колекција на марами“ – изјави Спасовска за оваа необична соработка.
Марама со принт Yamuna x IQOS специјално направена за гостите на Моден викенд Скопје, се носи на повеќе начини, што ја прави уникатна и единствена одново и одново.
Изложба „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани”
На 29.03.2023 г. во 13:00 часот во просториите на НУЦК „Бели мугри“ – Кочани (Фоаје 2) официјално ќе биде отворена изложбата на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“.
Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „ОДОНАТА“-Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение-Скопје, заедно со повеќе од 20-тина млади учесници, уметници, истражувачи, ментори, дизајнери и креативци кои помогнаа во реализацијата на овој одличен проект, ќе го прикажат продуктот на трудот од изминатите неколку месеци, подразбирајќи продукти, уметнички дела, креации, прототип-дизајни изработени од оризови остатоци: оризова арпа, оризова слама, оризово брашно.
Инспирирани од идејата да создадеме иновативна и еко-одржлива уметничка практика, оригинални продукти од оризови остатоци и континуирано да го продолжиме ова истражување и неговата пракса и по завршувањето на проектот, благодарни сме на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани, за финансирањето на овој проект, како и за континуираната поддршка и соработка во текот целокупното траење на проектот.
Преку разни практични и теоретски работилници и истражувања, на учениците од локалните училишта СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани и ОУ „Малина Попиванова“-Кочани покажавме како можат да се развијат нови дизајни на производи од оризовиот отпад како главен предмет на истражување. Со умешност и иновација, покажавме на каков начин може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во уметничката пракса, производството и дизајнот.
Носителите и партнерите на проектот, во текот на осум месечниот период на работа, заедно со учениците успешно се впуштија во изработка на уметнички и естетски издржливи дела, креации и продукти, како што се: оризова хартија, изработка на маси, столчиња за деца, модни креации, сувенири со мотиви од општина Кочани-со концентрирана тематика на оризовите остатоци.
Преку проектот, не само што се подига свесноста за важноста на заштитата на животната средина, циркуларната економија, креативната индустрија и агрикултурниот сектор, туку се влева поддршка на малцински групи, меѓусекторка соработка и промовирање домашни проекти кои придонесуваат кон европските вредности и перспективи.
Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани“ на Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната, Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје се спроведува во рамки на „Регионалната програма за локалнадемократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2“, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.
Едукативните активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е, проект поддржан од владата на Швајцарија и имплементиран од Хелветас.
Голема благодарност до: Општина Кочани, Фабрика за ориз „БМФ“-Зрновци, г. Зоран Тодоров „ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ ВО КОЧАНИ“, УКИМ Земјоделски институт – Кочани, СОУ „Љупчо Сантов“-Кочани, ОУ „Малина Попиванова“-Кочани.
Дизајнерска вечера која славеше накит на Моден Викенд Скопје
Амбиентот беше минималистички, за рефлекторот кој го поседува човечкото око да биде насочен кон две нешта кои беа значајни за таа вечер. Храната и еден нов бренд на накит кој доаѓа кај нас. Пригушено светло, сјај на свеќи и онаа ведрина на мимозите кои доминираат во оваа сезона, токму за одржувањето на Моден Викенд Скопје, беа дискретно поставени да не пречат на она што е важно.
Необична локација, добро избрано друштво и фантастична храна.
Така Моден Викенд Скопје одлучи да угости 40 личности на една интимна вечера која се случи во рамките на викендот, заедно со Божиновски часовници и накит.
Поводот беше промоцијата на TI SENTO – модерната класика на еден совршен бренд за накит кој доаѓа од Милано, Италија.
Совршеност и необичност имавме на неколку нивоа … Од амбиентот кој ги дочека гостите на старт, до финалето, каде добија сервиран накит пред уживањето во десертот.
Тој спој на необично искуство, гостите сигурно ќе го запомнат, покрај тоа што креаторите на оваа вечера направија во два часа сите сетила да бидат активирани на естетски начин.
Храната секогаш е фокус на една вечера, па FJ Culinary Consultants беа избрани да го подготват менито кое беше составено од наши локални и италијански продукти за да се донесе спој на двете национални приказни на чиниите. Така имаше антипасто од наше цвекло со дресинг направен од состојки од Модена. Наше козјо сирење комбинирано со мармалад од домати од Италија поставен на мус од босилек, грав Бакла од гостиварско со карамелизиран копар, реконструирано турамису со чоколаден, лешников и кафе крем на нашиот производител Леска.
TI SENTO не е само уште еден бренд на накит кој доаѓа на македонскиот пазар, туку е бренд којшто ги крши стереотипите, излегува надвор од стандардната линија, но не само поради потребата од желбата за бунтовност, туку поради желбата да открие нови форми, нови линии и да се обиде да пулсира во истиот ритам со сите наши сетила. На вечерата во чест на новиот италијански бренд дојде и Амбасадотор на Италија Андреа Силвстри.
Ваквите дизајнерски вечери се една убава класика на големите модни недели ширум светот, а кај нас Моден Викенд Скопје со една таква вечера која пред пар години ја помести во еден овоштарник во Преспа, само најави дека сака да ја менува играта кај нас. Преку користење на локални производи, создадени од локални фармери кои го имаат епитетот на здрава храна и одржлива гастрономска приказна. Така што оваа вечера не е само обична средба на избрани личности на една совршена маса.
Ова е место каде се спојува естетиката со одржливоста, глобалното го сретнува локалното на необичен начин преку искуства поврзани со храната создадена за истражување и виното кои се блескав накит на секоја вечера. Кога сме кај вината, изборот од својата колекција на вина го направи Винаријата Камник.
Како што течеше вечерта, така беше откриена убавината на италијанскиот накит кој во Македонија го донесе Божиновски часовници и накит и во чија чест се наздрави со оваа вечер.
Сјај доволен за свое око, сатенска текстура на изработката која ќе ги задоволи оние кои од накитот сакаат врв во она што го носат, а притоа секоја од колекциите нуди посебна приказна во која ќе се пронајдат …
Бескрајно опуштена вечера со свеќи и мимози, со македонска гастрономија и со сјај на Италија во накитот на TI SENTO, на кој кажуваме „Добредојде во Македонија“.
Оваа вечера се случи во рамките на 26. издание на Моден Викенд Скопје, под мотото „Јазикот на етиката и дизајнот“, кој годинава календарски и концептуално се вклопи во Деновите на италијанскиот дизајн во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје и Италијанската агенција за трговија ITA и East Gate Mall.
Свечено отворање на изложбата „Париски рефлексии 2“ по повод месецот на Франкофонијата
Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на активностите по повод месецот на Франкофонијата, го најавува второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии“, чие отворање ќе се одржи в четврток, 9 март 2023, во 12 часот, во Чифте амам.
Изложбата, која го носи предзнакот 2, ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6. и 7. деценија на 20-отвек: Вангел Коџоман, Димитрије Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија.
Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.
Изложбата ќе ја отворат:
– г-дин Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија,
– г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, и
– д-р Дита Старова Ќерими, Директорка на Националната галерија.
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.