Изложба на ретки дела од ризницата на Бигорскиот манастир
Дваесетина иконописни дела од ризницата на Бигорскиот манастир изложени во ликовниот салон на МАНУ. Воедно таму се поместени и дела од применетата и графичката уметност од нашите музејски институции. Станува збор за дела кои низ милениумската историја на Бигорскиот манастир се создавале во форма на икони, икони на платно, пластеници, старопечатени книги, одежди, литургиски богослужбени предмети и бројни други. Поради историските прилики голем број од овие изложени предмети се нашле надвор од Бигорскиот манастир и преместени во музејски збирки или конзерваторски депоа со што истите биле доста малку достапни до историчарите на уметноста и културната јавност.
Како дел од изложбата ќе бидат изложени иконописни дела од 16 и 17 век, дела од применетата уметност како и богослужбени одежди од втората половина на 18 век. Станува збор за дела на зографите Михаил и Димитар, Дичо Зограф, и монасите Теофил и Антониј.
Дел од изложбата е и двостраната бакрорезна плоча, клише за печатење графичко-хартиени икони на која од едната страна ја има иконата на Богородица Портаитиса Ивиронска, а од другата, иконата на која се претставени св. Јован Крстител и св. Никола.
Имено, изложбата ќе биде отворена до 30-ти октомври во изложбениот салон на Македонската Академија на науките и уметностите, а истиот ќе биде отворен за посетителите, секој ден од 11 до 18 часот, со почитување на сите протоколи за заштита од корона вирусот.