“Театарот отсекогаш се занимавал со човекот” – Одблиску со Звездана Ангеловска Актер во Македонскиот народен театар
“Театарот отсекогаш се занимавал со човекот” – Одблиску со Звездана Ангеловска Актер во Македонскиот народен театар
Мој идентитет – јас
За детството, младоста, соништата, желбите, победите, промените…
Мојот раст во академските денови… што научив од мојот професор ментор.
Детството ми беше среќно не само поради тој најран период од животот, туку и поради објективниот факт што тоа беше едно друго време, се живееше во друго општествено уредување, јас и моето семејство имавме сосема доволно, а сепак живеевме скромно. Најмногу изобилуваа дружењето, спознавањето, активностите… секако, игрите беа неминовни. Го поминав во џагорот на домашните седенки на моите родители, чиј дом беше постојано отворен за уметници, актери, писатели, композитори, режисери, каде што до доцните вечерни часови се пееше, се свиреше, се рецитираше, се дискутираше… И, всушност, желбите и соништата си добија некаков континуитет во младоста, период во кој секогаш бев опкружена со уметничкиот круг на некој начин. За победите можам да кажам дека се неминовен дел од работата и неоткажувањата, од истрајноста и дисциплината, без оглед на тоа дали веднаш настапиле или не. А за промените, ги обожавам кога одат на подобро, а ако одат на полошо, тоа значи дека наскоро ќе го дешифрирам проблемот, па така ќе тргне и тоа на подобро, макар и ако сфатам дека настанатата деградација не заслужува повеќе никакво внимание.
Конкретно, од мојот професор Владимир Милчин (заедно со неговата асистентка Сузана Киранџиска) научив сè, односно за време на академските денови бев подготвена да го разберам неговиот пристап и метод како исклучителен и силен, односно истовремено многу макотрпен, но, од друга страна, ми даваше одлична актерска самодоверба поради знаењето и умеењето што се бараше токму од него. И, навистина, кога ја имате основата на такво завидно ниво дадена од педагогот, тогаш надградбата е само во ваши раце, која не смее да биде ни малку помала од основата. Два збора или поими ми се врежани во мојата актерска душа оттогаш: чесност и искреност со оваа професија. Тука се крие, всушност, тајната што ве прави, пред сè, Човек, а потоа актер професионалец итн.
За почеток, ќе направиме еден мал времеплов и ќе ве вратам на далечната 1993 година. Тоа е годината во која вие, ако не се лажам, ја добивате вашата прва професионална улога за Клитемнестра од Есхил во режија на Горан Тренчовски на сцената на Младинскиот културен центар и Антигона во „Антигона“ на Душан Јовановиќ во режија на Ленка Удовички во Народниот театар во Куманово.
Од оваа голема временска дистанца, каква е Клитемнестра денес за вас, а каква е Антигона? И што е она што како млад актер го научивте од нив?
Воопшто, ликовите од античкиот период се исклучително тешки не само поради нивната трагичност, туку и поради тоа што се херои поврзани со митови. Тие не се поврзани само со митологијата, туку и со филозофијата, психологијата, со зачетоците на трагедијата и со сите други театарски форми. Пред сè, за да ги разберете нив и со самото прочитување на делото, неопходен ви е одличен превод или препев, зашто станува збор за ликови на кои најчесто најголем предизвик им е судбината, проклетството, крвната одмазда, а тоа значи ликови чија судбина има фатални последици. Не само за нивните животи и поколенија, туку и за човештвото понатаму. Ова последново не го велам случајно, зашто и од овој мој денешен аспект на гледање на нештата, гледам дека проблемот на Клитемнестра е кодиран кај многу жени мајки, како и проблемот на Антигона кај многу жени сестри или, сеедно, жени како единки, па дури и во современите општества. Разликата е во тоа што во колкава мера (тие отсекогаш биле или) ќе бидат осудувани, судени, прогонувани, казнети, одмаздени, озлогласени и сл. Заклучокот ми е дека секогаш семејните трауми и трагедии се отсликувале и предизвикувале масовни војни и несреќи, или обратно. За жал, секогаш одат рака под рака, без оглед на тоа дали од историјата се прогласени како херои или антихерои, жртви или измамници и престапници, без оглед на тоа дали станува збор за женски или за машки ликови.
Конкретно, и во двете режисерски постановки имаше современ концепт, што е доказ за универзалната проблематика.
Вашите почетоци се случуваа на сцената на Драмскиот театар. Таму создававте и креиравте големи улоги што до ден-денес останаа запаметени. Соња, Матурина, Цвета, Марија Антоновна, Маргарита, Малечката, Офелија… сите се различни, свои и со посебна динамика и биографија. Колку е важно за еден актер да биде во постојан континуитет и да му се даде простор да го покаже својот свет на сцената?
Да, и пред да стапам на сцената на Драмскиот театар од Скопје, јас играв и во тогашниот културен центар „Мала станица“, односно и во Прилепскиот и во Кумановскиот театар. Континуитетот ми беше таков што дури и требаше да бидам присутна на повеќе места со многу густ распоред. Но, сакав да работам и не знаев за ништо друго. Шансите што ми беа дадени (можеби за некои други не беа многу значајни), за мене беа и повеќе од животни шанси. Во тој поглед, ни денес не сум многу сменета. Никогаш не сум сонувала за некаква улога, ниту тогаш, а ниту денес. А можеби и немав време за да сонувам од преголемата зафатеност. И некако, во таа низа спонтано се случија и значајни улоги, односно звучни улоги за театарот, наспрема тоа што мене сите ми се еднакви и значајни, без исклучок на ниту една, зашто вложувам еднаков труд.
Така што мојот свет, ако добро го разбирам прашањето, е светот на еден обичен актер, уморен од проби, дилеми итн., а не од некој грандиозен светоглед на актер што се чувствува како актер. Јас не ни знам што е тоа, освен тоа што другите знаат дека сум актер (публиката).
Секоја нова улога е нов предизвик и нов почеток. Повторно запознавање себеси и поместување „граници“. Како веќе изграден актер со своја богата театрографија, прифативте да работите со Андриј Жолдак во претставата „Електра“, во улогата на Клитемнестра, која ви донесе и награда на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Таму не само што ги поместивте своите граници и на сцената не гледавме само нова улога, туку и нов актер. Кажете ми што значи за вас овој процес и тој вид театарски простор, запис и јазик?
Режисерскиот ракопис на Андриј Жолдак, како и работата со актерите е специфична, бара поинаков пристап и дисциплина, а тоа значи и поинакво размислување. Но, како искуство е многу драгоцено, особено за современиот театар и за актерот во него. Јас се соочив со таков предизвик, зашто како актер сум многу љубопитна за многу дисциплини, иновации наспроти класичниот театар, без кој, ако не го владеете добро, не би можеле да се снајдете ниту во овие. Тој како режисер има завршено одлична школа, но најдоброто за еден актер е секогаш да учи нешто ново за кое не можел ни да претпостави и да му ги помести границите со таа улога. Па затоа, кога влегува во следната улога, тој има уште поголема самодоверба, но не со улогата, туку, пред сè, како актер, дека може и таа, новата улога, да ја искреира и да помести нови граници. За мене нема поубаво од тоа. Кога постојано влегувате во непознатото и во новото и на тој начин освојувате, без оглед на тоа колку било тешко, мачно, апсурдно… Звучи слично како и со животот, нели?
Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот и каде е театарот денес?
Знам дека можеби ќе ве разочарам со ова прашање, ама немам одговор. Не дека не сум размислувала, туку едноставно мислам дека моето лично мислење нема значење, не поради некаква лична инфериорност како уметник, туку сметам дека би немало никакво влијание, без оглед на тоа дали си го поставувам ова прашање како режисер или како актер. Она што е константно е дека театарот отсекогаш се занимавал со човекот или сè што е измислено од човекот, родено, уништено, славено или скриено… Исто така, каде што сме ние денес, таму е и театарот. Но, за мене, „ние“ повеќе не е исто што и „јас“, тука има огромна разлика, т. е. сакам да кажам дека во денешно време меѓу моето „јас“ и нечие друго „јас“ има голема разлика. Така што, самиот факт што секој има визија каде и каков треба да биде светот, општеството или театарот од својата лична реалност не значи дека е објективен, корисен или, пак, успешен. Всушност, кога сум на сцената како актер, директно и бескомпромисно ви го давам одговорот, и тоа на најсуштински начин или, пак, ако изберам да режирам некоја претстава. Сè друго им препуштам на теоретичарите и на аналитичарите да го регистрираат или да го оценат мигот.
Што претставува за вас гласноста на актерот во општеството?
Актерот самиот по себе е гласен имајќи ја предвид неговата професија и тоа е доволно. Секоја одземена или додадена гласност има свои последици, своја одговорност, а исто така и цена. Противник сум на секое фаворизирање или сензационалистички пристап на која било професија, но и противник сум на перфидното деградирање на која било професија. Одговорноста секогаш лежи во односот на општеството кон тоа, но и тоа не е еднострано, зашто одговорноста лежи и во носителите на тие професии со нивниот интегритет и имиџ, како и со докажан релевантен труд и вредности, а не само со публицитет. Ако се земе предвид фактот дека денес многу професии или некои звања добија голем публицитет, а некаде дури и поголем во однос на оние професии за кои тоа се подразбира, јас не гледам голема конкурентност или загрозувачки момент. Напротив, уште поголемо е, поиздвоено и повеќе потврдено зацврстувањето на позицијата актер уметник во општеството, но разликата е во следново: во вистинската смисла на зборот. Ако не е во вистинската, има краток рок на траење.
Во кој жанр се чувствувате слободно и сигурно и од какви улоги стравувате?
Како што реков претходно, не се гледам себеси како актер со некакви улоги, па ете, и во некакви жанрови… Клучната улога ја играат режисерот и тимот со кои работам. Моето мото е дека нема улога што не може да ја направите ако ги следите режисерот, партнерите и останатите колеги, ако сите работите со екстремен ентузијазам, неслучајно велам екстремен, зашто со секоја нова улога треба да имате елан и сила колку за цел еден живот. Едноставно, немате време за страв или, пак, тој таканаречен страв го делите со колегите со кои ја сонувате претставата, со цел потоа тој страв да премине во најтешко задоволство. Терминов сама си го имам измислено.
Како се гледате себеси како актерка на 70-годишна возраст?
Само да бидам здрава и жива, тоа е најважното, а мислам дека, во суштина, би била истата, само, се разбира, поостарена. Можеби тогаш, конечно, за да ја надоместам својата актерска екстравагантност, која не ја покажував во младоста според моето мислење, би имала потреба да се покажувам и да се докажувам за сè што сум пропуштила во мојот актерски живот. Познавајќи се себеси, тоа би било еден вид самодокажување за мене лично и за мојот индивидуален внатрешен свет, а барем на 70-годишна возраст ќе биде полесно, зашто на 27 е многу потешко. На 70-годишна возраст ќе бидам задоволна со самото тоа што дишам и толку, а талентот и креативноста веројатно само некритички ќе си ги славам, што е обратно отколку сега. ;))
Талент или среќа?
За мене тоа е едно… Талентот е најголемата среќа, а среќата е најголемиот талент, кој не смеете да го уништите, туку само да вложувате. Имам Сатурн во 1 поле во наталната карта, така што не знам што е среќа без многу работа.
Актерството за вас е игра, професија или живот?
За помалку упатените во оваа професија, не сум сигурна како го подразбираат овој термин игра ако се земе предвид фактот дека ова е една од најтешките 3-4 професии рангирани на некакви листи. Игра не е тоа што е и детската игра, иако правилата се слични, игра не е сè што подразбира натпревар или каква било игра, само драмска или психолошка игра, таканаречени смотри и сл. Овој термин можеби помага за да го олесни терминот мајсторство, кој и во овој случај не знам дали е подобар, а и не е. Но, ако е прифатено дека претставите се играат, се одигруваат, улогите, како што е наведено според Ерик Берн во насловот на книгата од областа на психологијата „Која игра ја играш“, па дури и од минатиот век, а не само од почетоците на театарот, да, ќе кажам дека за мене актерството е професија, а играта е животна. Но, зборот игра е драгоцен зашто внесува леснотија во поимот. И тоа може да го разберат само професионалците, а публиката може само да го претпоставува. Впрочем, како што јас ама баш ништо не знам, т. е. можам само да претпоставувам кога хирургот оперира човечки организам, кога пилотот лета или кога рударот се спушта надолу дали тоа му е професија, мисија, живот и сл. Но, сигурна сум дека постои некој феномен што е поврзан со неподносливата леснотија, која се бара.
Пред две недели се случи вашата прва монодрама во Македонскиот народен театар, претставата „Само глас“ во режија на Марјан Нечак, според текст на младата Нина Плавањац. Без табуа на сцената се пушти глас и се отворија теми што ја допираат секоја жена. Осаменоста и отфрленоста како одраз на депресијата, гласот што го толкува Никола Ристановски, односно виртуелниот свет како компензација за допир, прегратка и љубов… брехтовски и реалистичен пристап што е темел на оваа претстава. Во самиот тој интимен однос и во приказната на големата актерка уметница во театарскиот простор наречен живот вие ја игравте секоја од нас. И оттука ми доаѓа и моето прашање: Што значи да се биде жена актер во ова општество (предности и мани)?
Професијата актер е иста и за жените и за мажите, зашто во секој актер лежат и анимусот и анимата. Во уметноста е така. Убавината е во тоа што имаме професија што е поврзана со естетиката, филозофијата и уште многу други, почнувајќи од етиката. Можеби, да се биде актер во општеството си има свои предности и мани, како и со секоја професија, за кои не сум свесна.
Стереотипите за мажи и жени одамна ги имам надминато, а тоа се докажува и со фактот што понекогаш се занимавам и со режија.
Лично, исклучително ги почитувам актерите, особено актерките, зашто тоа бара исклучителна интелигенција, интелектуална, ментална и физичка способност, а да не говорам за другите дисциплини, па уште и актерска харизма и „X-фактор“ што актерите треба да ги поседуваат, па уште и ако е жена, тоа значи дека општеството мора добро да се подготви и да има правилен пристап, стратегија и достоинствен пласман не само за жените актерки, туку и за сите други жени уметници или лидери од кои било други професии што подразбираат јавна одговорност, едукативност, образование, култура, а притоа да се надминат општествените стереотипи вкоренети дури и во семејното воспитување. Секако, тоа не е еднострано, зашто и самите актери/актерки треба да се изборат за тоа. Предностите ги гледам секаде. Прашањето е дали се доволно искористени од општеството, а и обратно? Ова го зборувам од аспект на тоа што сум порасната во актерско семејство од таткова страна, така што одлично се сеќавам што значеше тогаш оваа професија, која беше, во секој случај, далеку попрестижна, но не во апсолутно материјална смисла. Но, сега гледам дека и многу други професии не се почитуваат доволно како порано. Како и да е, мислам дека ситуацијата ќе се подобрува зашто секогаш постои круг. Недоволната едуцираност, недоволната информираност, како и недостигот на вистинска култура тешко дека би го подобриле кој било статус во општеството, а не само на актерките. Кога целосно како критериум ќе се искорени сечија површност и неадекватна пропаганда за која било сериозна професија во општеството, на глобално ниво, ова прашање ќе биде сосема излишно во ова интервју.
Што би им рекле на режисерите?
Дека ниту актерот може без режисерот, ниту режисерот без актерот. Заемна почит, разбирање, а најмногу љубов кон актерите, без оглед на тоа колку е тешко, зашто знам кога работам како актер колку душата ми е подложна и ме боли од режисерот (што е добро), а како режисер, знам исто така колку ме боли не само душата, туку и главата од актерите. Ама нема поубаво од тоа што режисерот е најголемата поддршка во салата, па макар и кога го нема, без оглед на тоа каква е публиката.
Три претстави:
Во овој таканаречен постпандемски период, етички би било да препорачам претстави што се играат. Сепак, топло ѝ препорачувам на публиката да погледне 3 претстави, од кои едната би била драмска (според нејзин избор) од кој било театар, едната нека биде детска, а третата нека биде балетска, плус (гратис од мене) една опера (се разбира, кога се во можност и кога се на репертоар, зашто, да не заборавиме, генезата и синтезата постојат секаде и само свесно може да изберете што сакате доколку свесно знаете и кои сте).
Три книги:
„Psychopath free“ – Jakson MacKenzie
„Self-love“ – Cylon George
„The Clear Light“ – Steve Taylor
Музички албум:
Вивалди – „Четири годишни времиња“