Документарниот филм „Каде припаѓаме?“ во Скопје и Неготино
Документарниот филм „Каде припаѓаме?“ во Скопје и Неготино
Поетскиот документарен филм „Каде припаѓаме?“, кој ни претставува како младите се справуваат со разделбата на нивните родители, денес се прикажува во Кинотека на Северна Македонија и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. Швајцарскиот документарец на режисерката Жаклин Цинд беше номиниран за „Кристална мечка“ на филмскиот фестивал Берлинале 2019 во програмата Generation Kplus, програма наменета за филмови за деца.
Во Кинотеката филмот се прикажува од 18 часот, додека во Неготино проекцијата е во терминот од 19 часот. Во истиот термин филмот ќе биде прикажан и утре во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино.
Родителите се разделуваат, семејството се распаѓа. Од она што некогаш било едно сега произлегуваат два одвоени светови. Децата сега живеат меѓу два дома, во постојана транзиција. Филмот се обидува да ни ја приближи детската реалност и се фокусира на тоа колку децата се кревки, но истовремено и колку храбро, паметно и со смеа ја перципираат нивната состојба.
Филмот е добитник на Young Eyes наградата на Документарниот фестивал во Лајпциг. Беше прикажан и на програмата на Филмскиот фестивал во Локарно во 2019 година, на Меѓународниот Филмски фестивал IDFA во Амстердам, Фестивалот во Сао Паоло и на уште повеќе од 20 фестивали низ светот.
Дистрибутер за нашата земја е Узенгија, а дистрибуцијата е поддржана од Swiss Films.